26.03.2009, 14:36 ТВ ФОТЕЛЈА
Магарешка клупа
РОБЕРТ Д. КРСТЕВСКИ
Јупииии! Ќе има ТВ-дуел. Хорхе, како што го завикаа Ѓорге, конечно ја прифатил фрлената ракавица од Фрчко. Останува уште да се одреди телевизијата на која ќе се „судрат“ лутите ривали во вториот круг на претседателските избори.
Ако се занемари неочекуваниот снег што го одбележа првиот круг, согласноста на кандидатот на владејачката коалиција да излезе пред камерите на мегдан „еден на еден“ со конкурентот од опозицијата е највозбудливиот настан во досегашниот тек на кампањата. Додека обајцата се воздржуваа од директно меѓусебно препукување во неколкуте ТВ-дебати, од телевизиските соочувања на првенците од двата најголеми табора ќе се памети - магарето на Бучко. Во дуелот на А1 со вицепремиерот за евроинтеграции, Боцевски, експремиерот ќе констатира дека партијата на Ивица и магаре да кандидирала, ќе било изгласано, алудирајќи на (не)славната одлука на римскиот император Калигула за сенатор да предложи - коњ.
Но, ова не е ништо во споредба со вербалната канонада меѓу Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски за време на телевизиска дебата пред парламентарните избори во 1998 година. Сеирџиите со добро паметење ќе се сетат на арсеналот меѓусебни лични навреди, кога едниот за другиот зборуваше без малку како за психијатриски случај зрел за во санаториум, за овој да му врати дека се трезнел со виски и со џоинт!?
Тоа е, брате, дуел! А не, дрн-мрн, завиткано во обланди. Дајте малку ниски удари. Извадете си еден на друг валкани алишта. Пуштете си малку крв (во фигуративна смисла, се разбира). Вашево веќе не се трпи. Умревме од досада.
Баталете го Фуере и неговите луцидни забелешки за „снежно бели избори“. Демек, во првиот круг се' било чисто и бело како снег. Ова не е Скандинавија. Па, дури и таму е повозбудливо во текот на изборниот процес. Да не зборуваме за сочните ТВ-дуели меѓу Обама и Мекејн пред изборите за прв човек на најмоќната држава во светот.
Затоа, штабовите на Ѓоле и на Фрле нека помислат малку и на народот. По што да ги памети тој нивните пулени, ако на крајот се' се сведе само на квалификацијата „оној нивни недоветен кандидат“, со која опозицискиот адут во повеќе наврати го почести Иванов, но од говорница, а не во студио? Знаеме дека и двајцата се универзитетски професори, но сакаме да видиме и како реагираат на навреди, на удари под појасот, на провокации пред да го избереме таткото на нацијата за наредните пет години. Ако така лесно, кротко и мазно се стануваше претседател, сите ќе се кандидиравме.
|