13.09.2012, 18:18 Нападот во Либија криза за Обама
Она што американскиот претседател Обама во средата го нарече „срамен и шокантен“ напад во кој беше убиен американскиот амбасадор во Либија, и' наметна на неговата администрација дипломатска криза што се заканува да ја поткопа долгорочната стратегија во арапскиот свет.
Нападот врз американскиот конзулат во Бенгази, во вторникот навечер, и претходниот напад врз американската амбасада во Киро претставува најсериозен предизвик досега за обидот на Обама да го трансформира традиционално антиамериканскиот регион за да има поголема доверба во американските намери и да може да служи како противтежа, со Израел, за амбициите на Иран.
Иако американските претставници истакнуваат дека се' уште се обидуваат да утврдат кој ги извршил нападите, знаците укажуваат дека можни извршители се радикални исламисти. Нападите се јасно потсетување дека и покрај турбуленциите повеќе од една година што создадоа подемократски Блиски Исток и Северна Африка, насилничките екстремисти и натаму се моќна сила.
Каков и да биде исходот, рече Обама, САД „нема да се поколебаат“ да соработуваат со арапскиот народ и нивните нови влади. Но, политиката на Обама во арапскиот свет речиси сигурно одново ќе се испитува. Неговите напори да го смени американскиот имиџ во регионот доведоа до мало позитивно придвижување во анкетите за јавно мислење. Во интервју во средата навечер за кабелскиот канал на шпански јазик „Телемундо“, Обама изјави дека тој не го смета Египет за сојузник, ниту за непријател. (Вашингтон пост) |