04.10.2012, 18:56 Мислења
Ребрендирана МТВ, втор дел
Тодор Пендаров
На Грците им дадовме уште еден „идиотски адут“ да спинуваат дека ние не сме за добрососедски односи
По сето она што се случуваше во неделата околу наводното убиство на македонско момче во соседна Грција, навистина се прашувам уште колку „ребрендирања“ му треба на јавниот сервис МРТВ за да почне барем да наликува на она што му е основната функција објективно и професионално информирање. За жал овој настан не само што ја отсликува бедата на македонското новинарство туку многу сигнификантно покажува дека тие трендови на урнисување на новинарската професија продолжуваат без никакви консеквенции за никого. Со извинување од страна на новопечениот одговорен уредник на МРТ демек ете било грешка и дека новиот тим се' уште се усогласува ( ало, тимот се луѓе а не клавири па сега им треба мајстор за штимување за да свират во ист тон) само се потврдува дека тонењето на МРТВ и воопшто на македонското новинарство продолжува. Само да потсетам дека актуелниот уредник пред тоа да стане, беше ангажиран токму од страна на МРТ како експерт да биде обучувач на новите млади и ребрендирани новинарски сили во МРТ. Чудно, тој ист новинар беше уредник и во А1 кога овој медиум ја раскринка онаа афера позната како „Кољо Дијамантот“ на која „настрада“ ДУИ. Ама не е чудно дека тогаш ДУИ беше во опозиција а А1 беше во љубов со Владата.
И уште нешто. Бидејќи во МРТВ сум ги поминал сите скалила вклучувајќи и одговорен уредник добро знам како се одвива комуникацијата за да се донесе одлука ваква вест да биде објавена. Затоа сум убеден дека сите хиерархиски структури во МРТ знаеле и за веста и одобриле таа да се објави, како и телефонски да се разговара и со Тодор Петров кој го кажа тоа што го кажа. Во принцип не сум за „сечење на глави“ ама ако се има и трошка професионален дигнитет треба достоинствено да се превеземе одговорноста на себе и да се повлече од функцијата. Само така може да се зачува личниот интегритет, само така може да се зачува и да јакне професионалниот интегритет на новинарската професија, а само така може МРТ како јавен сервис да ја има вистинската позиција и улога во медиумскиот простор. Советот на МРТ што не ме изненади исто така донесе најблаго речено една хермафродитна одлука која ама ниту малку нема да помогне на МРТ. Патем не знам зошто се заборава Македонското Радио каде што се направи истото а згора на тоа беше сменета и програмската шема па беше симната познатата емисија „Хикирику“. Само не знам дали одговорниот тоа го сторил поради жалост за “загинатото момче“ или сметал дека авторот бил премногу „сатиричен“ до Владата или некој министер.
Дали некој воопшто помислува дека со ова на Грците им дадовме уште еден „идиотски адут“ да спинуваат дека ние не сме за добрососедски односи, а во овие дваесет години верувам сите се убедивме во способноста на грчката дипломатија да манипулира и да спинува во своја корист.
Каде е новинарството кај нас за жал го отсликува друг навистина трагичен настан, кои се случи во болницата во Чаир. Навистина е човечки да прочиташ топло изречени зборови за трагично загинатиот доктор, ама ниту еден медиум по настанот не тргна да истражува каква е состојбата со бојлерите и туш кабините во другите болници и клиники. Никој не постави прашање дали во куративата во болниците има поставено безбедносни склопки ( или како се именуваат стручно) кои препречуваат вакви струјни удари. Никој не му постави прашање на актуелниот министер кој ете лично и ненајавено сака да ги проверува состојбите по болниците и дали ги проверил и зошто не ги проверил заштитните механизми. А само да потсетам дека пред една година во Струга токму од исти причина (струен удар) тројца луѓе ги загубија животите. Зарем некој од медиумите тогаш го постави прашањето што надлежните институции направиле во јавни објекти, болници, хотели, училишта, кафеани, односно јавни објекти во најширока смисла на зборот се вградени заштитни механизми против струјни удари, кога на пример миете само раце.
И така македонското истражувачко новинарство се сведе на сурфање по интернет порталите и по фејсбукот на секоја шуша која ете благодарејќи на технолошкиот развој и процесите на глобализација станува фаца на која се повикуваат медиумите.
И сега слушаме демек новиот закон за декриминилизација на клеветата со одредбата за привремена мерка ја гуши слободата на медиумите и истражувачкото новинарство... И пак еден пример, судот во Франција неодамна прво донесе привремена мерка за забрана на објавување на „топлес“ слики од британската принцезата Кејт а потоа донесе и дефинитивана одлука. Примерот некој ќе рече дека не е баш соодветен, ама привремена мерка имаат и во развиените демократски држави кога станува збор за клевета или навреда. Разликата е во нешто друго и тоа го прифаќам. Таму судството е независно .... Па затоа не треба да се критикува одредбата привремена мерка туку да се бара судството да биде онака како што го дефинира Уставот...ништо повеќе и ништо помалку. Е некој ќе рече што сум се фатил за Британците и Французите тие и така најблаго речено се „фрикови“. Првите пијат чај во пет, воведоа парламент и возат по лево, вториве како принципи ги воведоа слободата и рамноправноста како врвни принципи во општеството, медиумите никогаш не прават афери од љубовните животи и вонбрачни излети на политичарите...
Како и да е во минатата колумна напишав дека најновото ребрендирање на МТВ е само козметика и фарса, која нема ништо да промени не само во Јавниот сервис туку воопшто во медиумскиот простор кај нас. И верувајте ниту малку суетно не сум задоволен што сум во право.
(Авторот е државен службеник и изразува свои лични ставови) |
|
Статијата е прочитана 1109 пати.
|
Испрати коментар
|
|
НЕВЕН ГНЕВЕН, 05.10.2012 07:41:27 | Сето напишано е во ред, само сте испуштиле да напоменете дека во МРТВ има вработено толку многу, што не знаат кои му се работните задачи. За жал, немаат ни знаење. Сведоци сме на разни пропусти и гафови кои се толку смешни, да можат да емитуваат серија во епизоди. А народот ќе си плаќа се повеќе и повеќе. |
| Stojan, 05.10.2012 07:53:24 | Ma kakvo rebrendiranje, samo falbi i reklami. Edna televizija se meri po rejtingot kolku luge ja gledaat, a MRTV za zal, i pokraj frlenite milioni, ima rejting nula. Novite Direktori go krijat rejtingot kako najgolema tajna. Sepak toj e javen. |
| Ајван Доктор®, 05.10.2012 08:11:52 | Споредбата на забраната за објавување на„топлес“сликите од принцезата Кејт со онаква малоумна објава на војна,а при тоа повторно да ги набедуваме другите за пропаганден спин и за манипулација,е во најмала рака срамна!Секое досегашно ребрендирање на „владиниот пропаганден сервис“(досега ги имаше најмалку 5-6) се сведува на промената на колоритот на вестите и на политичките емисии,односно на нивната графика!Очигледно,одговорните од Дневната редакција (главните носители на „промените“) никогаш не се спремни да се погледнат себеси во огледало и да ја побараат суштината на неуспехот на МРТ во сопствениот аматеризам,туку постојано ја бараат вината во другите,онаму каде ја нема―во техниката и во бојата на кајронот!Веста ја прави текстот и начинот на кој е пренесена, не кајронот!Емисиите,ги градат режијата и сценариото,а не одјавната шпица!Естетскиот дел е нивната најбитна „споредна“работа!Грозното лого,шарените позадини,портокаловата шпица и црно-сивите ленти,само ја надополнуваат мизеријата! |
| Хоас во МРТВ, Јавниот сервис на граѓаните на РМ, 05.10.2012 09:53:23 | За плата од 6.000 евра месечно го доведоа Сајовиц со цел со „странски експерт“ (Словенец) да ја при(по)кријат максималната партизација на МРТВ. Кога тоа стана толку провидно и карикатурално човекот си замина без да поднесе отчет за направеното! Потоа на чело на МРТВ дојдоа анонимни партиски војници за кои во медиумите се пишуваше дека правеле финансиски малверзации и дека имале плати во висина на 10.000 евра. Кога се разоткри аферата си заминаа, а никој не ги праша, а камоли да ги повика на одговорност за присвојувањето на огромни народни пари. Како и зошто власта да ги прашува кога тие безрезервно беа на страната на власта, а не на вистината и на потребите на граѓаните? Главна улога во МРТ има човек кој има членски книшки од сите политички партии, а секогаш е на страната на партијата која е на власт! И ајде сега најди му го крајот нахаосот во „Јавната куќа“, наречена МРТВ! |
| zarem e toa???, 05.10.2012 11:59:59 | MRTV javen servis??? Ajde vi se molam!!! Taa e tipi~no partisko glasilo so totalno promasena ureduva~ka politika. Gledanost? Nula! |
| J.S., 05.10.2012 12:49:05 | Za slucajot vo Struga se krena tolku prasina vo site mediumi i se izdigna na nivo na prvoklasna vest,i so denovi se eksploatirase kako takva.No mediumite ne pridonesoa ni malku da se dojde do vistinata.I tuka zatai istrazuvackoto novinarstvo.Zosto?Avtorot e blizu do odgovorot no i toj ni go servira vo oblanda.A sto se odnesuva do Ministerot toj gi inspektorirase WC ata,a ne kupatilata.A odgovornost nema da se bara posto site znaat kade e,nema potreba. |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 17°C
Ведро
|
Вторник
Делумно облачно
Макс: 22°C, Мин: 8°C
|
Среда
Делумно облачно
Макс: 24°C, Мин: 8°C
|
|
|
|
|
Фељтон Јованка Броз - Титова Совладетелка (20)Плачењето на Ранковиќ. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“ |
|