04.10.2012, 18:55 Мислења
Интерпелација
Ана Павловска-Данева
Со прашањето за доверба на Владата се отвора можност јавноста да се запознае со критиките што опозицијата ги упатува кон владејачката коалиција
Пред некој ден читав „прогноза“ на Владимир Божиновски, асистент на политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“, за тоа колкави се шансите на Владата денес да и' биде изгласана недоверба од пратениците во Собранието. Младиот експерт (така барем последниве 2-3 години е претставуван во дел од медиумите) вели шансите биле минимални и објаснува дека дека интерпелациите во Македонија не менувале влади!
Интересно е како еден благонадежен научник ги согледува институтите интерпелација, прашање за доверба на владата и ним сличните механизми за контрола на законодавната врз извршната власт. Доколку се ова „навивачки“ изјави на поддржувач и соработник на владејачката партија, тогаш анализата има своја смисла, но кога во јавноста настапува експерт по одредена материја кој подготвува студенти за полагање испит, па уште и се обидува да ја едуцира јавноста креирајќи го нејзиното мислење, тогаш постоењето на одредени институти на политичкиот систем во земјата мора да се гледаат малку пошироко, би рекла повеќе теоретски и научно, како што впрочем се очекува од иден научник.
Имено, точно е дека со интерпелации не паѓаат влади во Македонија, како што никаде во светот тие не се користат исклучиво за паѓање влади или министри. Првостепениот ефект на интерпелациите на јавните функционери и барањата за изгласување недоверба на владите се состои во „отворањето на картите“ пред јавноста, во изнесувањето на власта на чистина, во разоткривањето на грешките, лошите политики или незнаењето и некомпетентноста на оние кои управуваат со државата. Секое минимизирање на значењето на овие контролни механизми кои и' стојат на располагање на опозицијата е само подривање на демократијата и зацврстување на авторитарноста на режимот, особено ако тоа го прават т.н. „независни“ експерти, кои се прашуваат за целисходноста на преземањето вакви чекори против владејачката гарнитура.
Во општества како нашето, со силен притисок врз медиумите, со речиси легализирана цензура и никаков пристап до информации од јавен карактер, едно од ретките средства за информирање на граѓаните се дебатите во законодавниот дом. Токму преку прашањето за доверба на Владата се отвора можност јавноста да се запознае со критиките што опозицијата ги упатува кон владејачката коалиција. Уште повеќе, преку самиот чин на гласање за доверба граѓаните ќе можат да се уверат кој од нивните претставници како размислува по однос на прашањата и личностите кои предизвикале политичка криза во земјата (најавена од самиот премиер пред неговото заминување во САД). Тоа е одлична можност граѓаните да успеат да согледаат кој и на каков начин е подготвен да го брани нивното достоинство, да им ја зачува безбедноста на децата во училиштата, да го обезбеди мирот и соживотот во државата, дали приоритети на власта се подобрување на економската состојба, гарантирање на човековите права и слободи. Меѓу другото, целодневната расправа заедно со гласањето во Собранието овозможува да се изнесат на виделина причините и целите на една коалициска влада (која не функционира како целина, туку како две паралелни влади независни една од друга), за нејзино останување на власт, а особено цената која за таквото опстојување на функција треба да ја платат сите граѓани еднакво.
Оттука, паушалните изјави дека влади не паѓале со интерпелации, со кои свесно се обезвреднува системот на контрола и баланс помеѓу законодавната и извршната власт е нешто што може да биде прифатливо за политичари, соодветно е за политиканти, но никако не смее да биде став на политиколози, уште повеќе на вистински и независни стручњаци и научници. И, пак доаѓаме до страшната и незапирлива партизација на секоја пора на ова наше македонско општество. Како да се очекува од медиум спонзориран со владини реклами да биде критички настроен кон истата таа влада, независен и објективен? Исто толку е невозможно да се очекува експерт кој добро заработува од договори за услуги од владејачката партија да биде непристрасен и неедностран кога дава медиумски изјави за значењето на институтите интерпелација и доверба на влада, обра��отени во безброј меѓународни и домашни научни извори.
Зборот ми беше, колку и да е предвидлив исходот од барањето на опозицијата за изгласување недоверба на Владата, од огромно значење е самата расправа во Собранието на оваа тема. На граѓаните им должиме да ги слушнат аргументите за недоверба на Владата изнесени од опозициските пратеници, како што владејачкото мнозинство должи сериозно објаснување зошто и покрај случувањата во Слупчане, во Чаир, во Сарај, во Аеродром, во Државниот универзитет Тетово, во собраниската Комисија за труд и социјална политика, зошто и покрај дијаметрално спротивставените изјави на нивните лидери, тие би требало да останат во цврста прегратка заедно на власт.
Е, ова се причините за користење на институтите интерпелација и гласање за недоверба на влада кон кои се прибегнува во Македонија, но и во сите држави со парламентарно државно уредување. Можеби е добро во иднина за овие прашања од областа на политичкиот систем да се слушнат и ставовите на професорите на асистентот Божиновски кои би претставувале и став на науката, став на одредена катедра на Правниот факултет „Јустинијан Први“, наспроти ставот на агенцијата која изработува анкети за ВМРО-ДПМНЕ.
(Авторката е пратеничка и потпретседателка на СДСМ)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |