26.03.2012, 19:05 Тетово ја прозива Приштина
Вицепремиерот Муса Џафери вели дека неговата изјава за косовската телевизија веројатно е извадена од контекст
Вицепремиерот за Рамковниот договор, Муса Џафери, ја заинтригира јавноста со изјава дека косовските политичари наместо да се занимаваат со случувањата на северот на Косово, ги поттикнуваат Албанците во Македонија. Коментарот што го дал Џафери за косовската телевизија го пренесе вчера агенцијата ИНА, додека македонскиот вицепремиер, кој е меѓу највлијателни личности во владејачката ДУИ, патуваше кон Белгија, на средби со високи функционери на ЕУ. Тој ни изјави вчера од Брисел дека неговата изјава за косовската телевизија веројатно е извадена од контекст.
Како што пренесува ИНА, Џафери ја обвинил политичката класа на Косово дека „нејзината реакција на политичката ситуација во Македонија, предизвикана од внатрешни фрустрации, ги поттикнува Албанците во Македонија“. Тој им порачал на косовските политичари да се занимаваат со северот на новата држава и со други внатрешни прашања наместо со Македонија. Пратеничката на Демократската лига на Косово, Вјоса Осман, како што пренесуваат медиумите, изјавила дека не знае на кого се однесуваат обвинувањата, но истакнала дека нејзината партија секогаш го поддржувала спроведувањето на Охридскиот договор, како основен предуслов за стабилност во Македонија и во регионот. Либурн Алиу, член на Самоопределување, пак, рекол дека легитимно право на Албанците во Македонија е да се организираат за да ги заштитат своите права.
Изјавата на Џафери изненади многумина. Таа дојде во време на поинтензивна комуникација меѓу властите на Македонија и на Косово. На тоа особено инсистира ДУИ, и покрај тоа што властите во Приштина се сметаат за поблиски до ДПА на Мендух Тачи, кој, пак, минатата недела испрати порака од Тирана дека Македонија е „држава-експеримент“ и го поддржа ставот на косовскиот премиер Хашим Тачи дека добро би било Албанците да живеат во една држава.
Џафери ја почна вчера четиридневната посета на Брисел, каде што треба да се сретне со еврокомесарите за проширување и за надворешна политика, Штефан Филе, и Кетрин Ештон, како и со Ричард Ховит, известувач за Македонија во Европскиот парламент и со европратеникот Јоргос Шацимаркакис... Македонскиот вицепремиер ќе има свое обраќање и на конференција „Македонија – земја-кандидат за ЕУ и НАТО – 10 години по Охридскиот рамковен договор", организирана од Универзитетот Либре во Белгија.
Џафери ни рече вчера, во телефонски разговор, дека не знае како е пренесена неговата изјава за косовската телевизија, ама дека е сигурен дека не го употребил терминот „поттикнува“. Тој објаснува дека новинарска екипа од Приштина пред десетина дена била во Македонија да сними репортажа за ситуацијата по инцидентите. Тогаш тој дал поширока изјава, така што, како што вели, веројатно нешто од неа е извадено од контекст.
„Што се однесува до фрустрациите за состојбата на северот на Косово, тоа е факт. Политичките партии во Србија се во кампања и во таа насока ја употребуваат ситуацијата во Косово, што може да се рефлектира и на Македонија“, вели Џафери. Тој веќе ги имал првите средби со дипломати во Брисел и вели дека пораката што ја добил е јасна: „Поинтензивно спроведување на Охридскиот договор е најдобар одговор и за тензиите и за оние што сметаат дека меѓуетничките односи во Македонија се во стагнација“. Вицепремиерот вели дека сега приоритет е да се посвети внимание на правичната застапеност во правосудството и во безбедносните системи. (А.М.М.) |