26.03.2012, 16:44 ВМРО-ДПМНЕ и Уставен суд во лустрациска трка
Под превезот на нови закони, законодавецот нуди решенија за кои уставните судии веќе се произнеле со укинување или поништување
Гордана Дувњак
Владејачката партија го смени ставот дека ќе ја почека одлуката на Уставниот суд околу Законот за лустрација и нема да брза со нов пакет законски измени во оваа материја. Во очи на изјаснувањето на уставните судии, кое е можно да се случи уште на утрешната седница, ВМРО-ДПМНЕ се предомисли и пушти во собраниска процедура нов закон. Текстот на законот не само што не води сметка за досегашните интервенции на Уставниот суд, туку е уште поригорозен и оди чекор подалеку, зголемувајќи го опсегот и на транзициските олигарси.
Зошто и' е потребна на Владата ваква трка со Уставниот суд? Купува ли време до новото рекомпонирање на оваа институција, знаејќи дека за неколку месеци им завршува мандатот на тројца судии? Или, пак, си тера по свое, свесно игнорирајќи го уставниот принцип содржан во членот 112 став 3, во кој се вели дека "одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни".
Заклучокот, кој што неминовно се наметнува по ваквото упорно настојување на Владата по секоја цена да задржи некои решенија, не може поинаку да се разбере освен во стилот: "не можете толку да укинете или да поништите одредби, колку што ние можеме да донесеме закони".
Во последниве две-три години, ваквиот метод на повторно изгласување на исти решенија (само малку видоизменети), а за кои веќе се произнел Уставниот суд, се покажа како испробан рецепт на Владата. Таков беше случајот не само со лустрацијата, туку и со предвременото пензионирање на полицајците, со веронауката...Едноставно, уставните судии, но уште повеќе подносителите на иницијативи, кои би побарале оценка на уставноста и законитоста на "старо-новите решенија", се фаќаат на кондиција и на издржливост.
Но, колку од она што се нуди во предложениот закон за лустрација како ново решение, всушност, е нешто за кое што веќе се произнел Уставниот суд при првото одлучување, или во образложението на оспорените одредби за кои се чека одлука?
Да почнеме со најавата за објавување на досиејата на и��тернет. Воочливо, е дека сега се оди чекор натаму од првобитното решение, за кое што веќе интервервенираше Уставниот суд, кое предвидуваше имињата на кодошите да се објавуваат во "Службен весник". Ако тогаш уставните судии сметаа дека е доволно потенцијалните кандидати за јавни функции да се спречат во намерата да ја добијат, а јавното објавување би значело навлегување во моралниот интегритет на личноста и загрозување на честа и угледот, што да се каже по ова. За уставните судии беше проблематично и времетрањето на процесот на лустрација, оценувајќи го како бесмилено продолжувањето на рокот и по 1991 година, а сега се бара тоа да биде до 2006 година.
Пред два месеца Судот изрази сомнеж и околу опсегот на оние, за кои што треба да важи, не гледајќи причина зошто има потреба да се лустрираат новинари, верски заедниуци, невладини организации. Со новиот концепт, пак, се бара низ лустрациското сито да поминат не само овие категории,туку и оние што се стекнале со општествен капитал.
Професорот по уставно право д-р Саво Климовски вели дека не е прв пат извршната и закононодавната власт да нудат определени законски измени како нови околу прашања за кои што веќе интервенирал Уставниот суд.
"Во конкретниот случај со законот за лустрација не можам да проценам дали се работи за манипулација и за изигрување на одлуката на Уставен суд, или за нови решенија, бидејќи не сум ја видел содржината на текстот", нагласува Климовски. Сепак, додава дека е предолг периодот од донесувањето на времената мерка, со која се стопира примената на спорните одредби-до интервенцијата на Уставниот суд.
"Во тој меѓупериод од два или повеќе месеци, парламентарното мнозинство може да донесе не еден, туку три закона", оценува Климовски.
Но, професорот останува на неговиот став, кој многупати јавно го искажувал, а тоа дека самиот Устав генерира криза во функционирањето на властите. Во одредени делови, заради поставеноста и надлежностите на некои институции, но и заради неконзистеноста на некои решенија.
"Таков е случајот и со Уставниот суд, чија работа е регулирана со Деловник, а не со посебен закон или со уставен закон. И порано укажував, а и сега тврдам, дека е крајно време да се пристапи кон изработка на нов Устав. Но, факт е дека не постои ниту политичка храброст, ниту политичка волја да се отворат овие прашања", заклучува Климовски.
|