23.03.2012, 17:17 Мистерија за средбата Попоски - Димас
Средбата на македонскиот и грчкиот шеф на дипломатијата во Брисел е обвиткана со молк во Атина. Ставрос Димас и Никола Попоски се сретнале во четвртокот вечерта на маргините на вечерата на министрите за надворешни работи на ЕУ и државите-кандидатки за членство, каде што беа поканети од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон. За средбата на двајцата министри се дозна само тоа дека поминала во позитивна клима, но нема информации што поконкретно говореле меѓу себе.
Средбата помина, сепак, и без голем интерес во грчките медиуми. Некои од аналитичарите коментираа дека не очекуваат некаков суштински напредок од средбата, особено затоа што се случува во моменти пред распишување на предвремените избори во Грција. Ја оценуваат како формална и корисна за одржување на каналот на комуникација меѓу македонската и грчката влада.
Ова беше трета средба на двајцата министри. Според македонски извори, двајцата министри разговарале за „актуелните прашања за евроинтеграцијата на Македонија во контекст на потребата за напредок во пристапувањето кон ЕУ“, што веројатно треба да сугерира дека разговарале за името. Тие размениле мислења и за регионалната соработка, во контекст на Претседателството со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое Македонија ќе го преземе од Србија во јуни 2012 година. (М.П.) |