22.03.2012, 16:54 Шефот на дипломатијата на двонеделна турнеја
Министерот Никола Попоски тргна да лобира низ Европа со најава дека Чикаго не му е главна цел
Слободанка Јовановска
Берлин, Копенхаген, Брисел, Лондон, Прага - е маршрутата на актуелната турнеја на шефот на дипломатијата, Никола Попоски, која започна неделава, а ќе заврши идниот четврток. Целта, наспроти очекувањата, не е толку самитот на НАТО во мај во Чикаго, туку Европската унија, со оглед на тоа дека во НАТО Берлин не е силен играч. Во Брисел Попоски ќе учествува на министерски состанок на ЕУ, а во Данска оди како во земја иден претседавач, во чиј мандат треба да се расправа повторно за препораката за преговори. Дека самитот не е на преден план и дека министерот си создава простор за неуспех како во Букурешт сугерира неговото најново мото - дека Чикаго не е наша одредница или, како што кажа поексплицитно во Берлин, тој и другите во државниот врв „веќе не се преокупирани со очекувањата дали на самитот ќе се случи покана за Македонија или не“, иако е важно за земјата да се случи поскоро.
Тоа дека станува збор за синхронизиран настап потврди и вчерашната изјава на министерот за одбрана, Фатмир Бесими, кој денес заминува во посети на Данска и на Италија, каде што ќе лобира за НАТО, ќе ги фали подготвеностите на Македонија за членство, ќе се среќава со Јадранската група, ќе се среќава со грчкиот министер, но и тој смета дека Чикаго не е одредница, бидејќи реформите ќе продолжат и потоа.
Со таква најава, дека Чикаго не ни е цел, Попоски овие два дена ќе има средба со шефот на дипломатијата на Грција, Ставрос Димас, која ќе биде трета откако двајцата се на функција, а досега не произлезе ништо суштинско. Попоски во Брисел ќе учествува и на министерски состанок со Кетрин Ештон, ќе разговара со шефот на дипломатијата на Кипар како следен на листата на претседавачи по Данска, а викендов ќе учествува на престижниот бриселски форум организиран од Маршаловиот фонд, заедно со највлијателните европски, американски функционери и светски аналитичари, кои ќе разговараат, главно, зад затворена врата - од Арапската пролет до проширувањето на НАТО и на ЕУ. Таму на исто место Попоски ќе се најде со Радослав Сикорски, Андерс Фог Расмусен, Николај Младенов, Карл Билт, Марк Гросман, Штефан Филе, Кетрин Ештон, Махмуд Џибрил и многу други.
На министерскиот состанок на ЕУ, министерот е поканет како претставник на земја-кандидат, а според најавите, ќе го искористи тој настан за да се сретне со српскиот шеф на дипломатијата, Вук Јеремиќ, кој сега стана дел од ова надежно друштво за ЕУ, па и со олеснувачот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, Роберт Купер, веројатно за да ја испита можноста за сличен ангажман или да примени некои искуства во Македонија.
Од Брисел на 26 и 27 март Попоски ќе ја продолжи турнејата во Лондон, каде што ќе се сретне со првиот дипломат Вилијам Хејг, наредните два дека ќе има работна посета на Чешка, а оттаму ќе дојде дома за да го пречека унгарскиот шеф на дипломатијата, Јежеф Мартоњи.
Откако Брисел и Вашингтон ги закопаа нашите надежи околу хашката пресуда и откако не произлезе ништо конкретно засега од последната средба на премиерот Никола Груевски со Пападимас, Попоски, по се' изгледа, се фокусира на убедувањата дека со блокадата на Македонија се урива кредибилитетот на НАТО и на ЕУ и индиректно преку странските функционери да прати порака до Атина дека има одговорност околу иднината на евроинтеграцијата на регионот. |