04.09.2012, 17:45 Лекарите денес ќе одредат ден за штрајк
Клиничките лекари ќе стапат во генерален штрајк, а денеска ќе се утврди денот кога ќе протестираат. Ова вчера било заклучено на состанокот на клиничкиот синдикат, каде што едногласно се договориле дека не им останува ништо друго освен со штрајк за да го изразат незадоволството од новиот модел на плаќање по успешност. Посебно, што преговорите со Министерството за здравство не донеле резултат.
Денеска советот на клиничкиот синдикат ќе го одреди датумот за штрајкување, со што и официјално ќе се обелодени кога лекарите ќе штрајкуваат. До Министерството за здравство синдикатот доставил три барања меѓу кои и моделот за плаќање по успешност да се повлече, и да се изработи реален систем на вреднување на трудот на лекарите. Сегашниот модел, за лекарите е неприфатлив бидејќи се казнува еден лекар за да се награди друг лекар, а и моделот е во колизија со Законот за работни односи.
Гранковиот синдикат за здравство засега е воздржан од одлуката за штрајк и ќе го почека исходот од денешниот состанок со министерот, на кој треба да се формираат една хируршка и една интернистичка група која ќе го доработи моделот“. Штрајкот е за да се седне на преговарачка маса, а ние веќе сме на масата. И натаму бараме да се доработи платата по успешност, да се повлече системот додека не се доработи и сите лекари да стартуваат со 100 отсто плата“, ни изјави Љубиша Каранфилски, претседател на синдикатот за здравство.
Штрајкот е уште една шлаканица што лекарите ќе му ја удрат на министерот за здравство Никола Тодоров. Лекарите не го поддржа Тодоров ни во барањето да се избрка од работа суспендираната лекарка поради не давање помош на итен пациент, а штрајкот му е втора опомена дека кога носи новини да го слуша и гласот на лекарите. (Ј.Ј.) |