04.09.2012, 17:52 Општинските комитети фаќаат залет
Во ВМРО-ДПМНЕ почнаа подготовките за престојните локални избори што треба да се одржат во март следната година. Откако заврши конкурсот за градоначалници, на ред се анализи, сондажи и интервјуа со цел да се одберат кандидатите што ќе ја бараат поддршката од граѓаните. Во меѓувреме, општинските организации отвораат штабови, каде што граѓаните ќе можат да даваат сугестии, поплаки и идеи.
„Формираме штабови, некои веќе ги отворивме неделава, другите се во подготовка. Тие ќе бидат постојано отворени, секој ќе може да дојде, да праша што го интересира, да каже што му се допаѓа, а што го нервира во местото во кое живее. Целта е заедно да се направи програма, од која токму граѓаните ќе имаат најголема корист“, велат членови на локалниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода.
Без оглед дали ќе бидат предвремени парламентарни или само локални избори, сепак ќе има, па членството мора да биде во форма, е логиката на партијата на власт. Во тек е формирање комисии, кои ќе ги разгледуваат пријавите од 2,5 месечниот конкурс. Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации во ВМРО-ДПМНЕ, неодамна за „Утрински“ изјави дека во партијата биле изненадени што на конкурсот се пријавиле и голем број неутрални луѓе, кои биле успешни и авторитетни во својата средина. Сепак, најголемиот дел од пријавените се членови на партијата. Повеќето од актуелните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ побараа поддршка од раководството за да побараат уште еден мандат. (Г.А.)
|