04.09.2012, 17:42 Владината криза го стресе парламентот
Клучни денови за разврска на „Илинденска“. Денеска почнува комисиска расправа за законот за бранителите
Александра М. Митевска
Се продлабочува кризата во владејачката коалиција во отсуство на премиерот Никола Груевски, а во очекување да почне собраниската расправа за законот за бранителите, кој би можел да ги заостри недоразбирањата до точка кога помирувањето би станало невозможно. Следните денови, по враќањето на Груевски од турнејата низ САД и Канада и околу прославата на Денот на независноста, веројатно ќе го одредат правецот во кој натаму ќе се одвиваат односите на „Илинденска“: дали несогласувањата ќе кулминираат со излегување на ДУИ од Владата или партнерите и овој пат ќе ја спуштат топката и ќе договорат некаков компромис?
Напрегнатоста од извршната власт, во меѓувреме, се пренесе во парламентот, каде што, денеска, Комисијата за труд и социјална политика ќе расправа за законот за бранителите што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ како одговор на настанот во Слупчане. Во знак на протест против овој закон, координаторот на пратеничката група на ДПА, Имер Алиу, ги напушти редовните понеделнички координации кај спикерот Трајко Вељаноски. Со тоа остана на Вељаноски да му прават друштво само претставниците на владејачките партии, бидејќи широкиот опозициски фронт, предводен од СДСМ, веќе неколку месеци ги бојкотира координациите.
Денешната комисиска седница во парламентот би требало да биде прво јавно соочување меѓу функционери од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по ескалацијата на односите меѓу двете партии пред дваесетина дена. Ако се суди според првичните реакции, исходот од ова заседание, се чини, извесен: владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ имаат доволно пратеници да ја протуркаат новата регулатива за бранителите и, практично, да ги надгласат пратениците Албанци, кои бараат повлекување на законот или регулирање и на статусот на припадниците на ОНА. Затоа, пак, потешко е да се предвиди во каква атмосфера ќе се одвива расправата и кој ќе присуствува, а кој ќе отсуствува на седницата, бидејќи и на таков начин може да се испрати политичка порака.
Целата комуникација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во последните неколку дена, откако Груевски отпатува во Америка, всушност, се сведува на тоа: на испраќање политички пораки преку медиумите, во отсуство на директна комуникација меѓу партнерите во Владата. Како резултат на тоа, случувањата на теренот ги демантираат тврдењата на владини функционери дека Владата и парламентот функционираат нормално.
По дуализмот во Министерството за одбрана околу барањето на одговорност за „Слупчане“, првиот училиштен ден исфрли на површина паралелизам во уште еден владин ресор - Министерството за образование. Додека за случајот со новите имиња на училишните табли во Чаир се манифестираше разногласие на релација Министерство за образование - локална самоуправа, инцидентот во Џепчиште, каде што на првиот училиштен ден беше интонирана албанската химна, го следеше и заменик-министерот за образование Сафет Незири, повторно во придружба на вицепремиерот Муса Џафери, кој присуствуваше и на положувањето цвеќе на споменикот на ОНА во Слупчане.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега се воздржуваат од официјални коментари за овој настан. Единствено „Прес 24“ пренесе изјава на неименуван партиски функционер дека ваквиот чин е класична злоупотреба на малолетни деца за политички цели, непотребна провокација и не е во насока на развој на меѓуетничките односи. Неименуваниот функционер ги повикал институциите да ги проверат можностите за законско санкционирање на организаторите на настанот?!
Затоа, пак, настанот во Џепчиште беше инспирација за Светскиот македонски конгрес да побара Владата и Министерството за образование во сите предучилишни установи, основни и средни училишта да постават јарболи на кои ќе се вее македонското знаме, а интенција е и да се интонира македонската химна во воспитно-образовните установи?! |