Среќна Нова на бугарски за малата Сузана
Битката за старателство за малечката Сузана, која доби меѓународни размери, ќе продолжи и идната година
Гордана Дувњак
Кога ќе се спојат стрелките и ќе отчука полноќ, гевгеличанката Спаска Митрова ќе може да го бакне своето чедо и да му посака „Среќна Нова година мое девојченце“. Или, пак, да му рече „Щастлива Нова година, мое момиче!
Не знаеме кои зборови побрзо ќе допрат до малечката Сузана. Дали полесно ќе го разбере македонскиот јазик, кој го зборуваат нејзиниот татко Воислав Савиќ, бабата, дедото и тетката, воспитувачките и децата од градинка. Или, пак, јазикот, кој во последниве две години упорно го говори нејзината мајка Спаска. Познатата Б’лгарка од Македонија, која тврдеше дека е репресирана од земјава поради нејзиното изјаснување, а која заедно со своите пријатели од Здружението „Радко“ не крие дека сака да ја воспита малечката во „б’лгарски дух“.
Во крајна линија, тоа и не е најбитно! Она што е најважно, е малечкото четиригодишно девојченце, конечно, да може да се понадева, дека претстојната 2011 година ќе и' биде подобра и помирна од претходните. За да може безгрижно да ужива во своите детски години и да не се почувствува како жртва на нарушените брачни односи на нејзините родители. Но, уште повеќе како колатерална штета на евентуалниот меѓудржавен спор на двете соседни земји.
Младата гевгеличанка Спаска, која во изминативе две години ги полнеше весниците во Бугарија и во Македонија, а нејзиниот случај дојде и до највисоките европски форуми во Брисел, успеа во намерата нејзиното дете да биде крај неа за празниците. Центарот за социјални работи во Гевгелија го прифати нејзиното барање, а со тоа се согласи и таткото, почнувајќи од 24 декември, па се' до 3 јануари, малечката да престојува во нејзиниот дом.
„И натаму немаме никаква комуникација со Спаска, која продолжува да не ги прима нашите решенија, а потоа да не' опсипува со поднесоци и навреди за се' и сешто. Но, барем работите малку се нормализираа откако се вклучи нејзиниот адвокат“, вели директорката на Центарот за социјални работи од Гевгелија, Станка Петрова. Таа нагласува дека нема повеќе проблеми ни околу редовното гледање на детето, бидејќи мајката ја зема малечката секој петок од градинка, а на истото место ја враќа в понеделник. Уште отсега Спаска побарала да и' се дозволи да ја земе малечката и за нејзиниот роденден на 11 февруари. Но, за тоа допрва ќе се одлучува!
Од Центарот нагласуваат дека добиле поплака од Спаска дека, наводно, детето е многу агресивно кога ќе дојде кај неа од кај таткото. Но, како што нагласува директорката, направена е ненајавена контрола во домот на другиот родител, а по направениот увид, не биле забележани манифестации на агресивно однесување. Ваквите шпекулации не можеле да се потврдат ни од одговорните во градинката. „Малечката била весела и убаво комуницирала“, нагласуваат од Центарот.
Таткото Воислав Савиќ би бил посреќен малечката да е со него за празниците, но, како што вели, има разбирање и за потребите на неговата поранешна сопруга. На прашањето дали ќе и' дозволи на Спаска да биде со детето и за нејзиниот четврти роденден, резервирано одговара: „Е тоа ќе видиме!“
„И јас сум родител и сакам да бидам со своето дете за неговиот роденден. Никогаш не сум правел проблеми за ништо, бидејќи цивилизирани луѓе можат да се договорат за се'. Војната со Спаска ниту ја ��апочнав ниту ја посакував. Едноставно, ми беше наметната“, додава тој.
Свесен е дека наредната година ќе биде пресудна за него, кога Судот ќе мора да одлучи дали ќе може го задржи детето кај себе или ќе мора да го врати на мајката. Укинувањето на претходно донесената пресуда во негова корист не му влева надеж. Вели дека ќе ги искористи сите правни средства, а доколку треба, правдата ќе ја бара и во Судот во Стразбур. „Ако ме изневери македонскиот правен систем, не е исклучено дека ќе мора да применам и радикални мерки“, беспомошно вели Савиќ, не откривајќи на што точно мисли.
Гевгелискиот адвокат Васил Џинов, кој е правен застапник на Савиќ, открива дека пресудата на гевгелискиот суд со која му се одзема детето на таткото, ја оспориле по многу точки. Тврди дека во неа има суштински повреди и не е точно утврдена фактичката состојба.
„Судот не го ценеше мислењето на Центарот за социјални работи, кој укажа на сите проблеми што беа присутни околу овој случај. Без да се обезбеди стручно мислење од детски психијатар, тргна од фактот дека детето биолошки и' припаѓа на мајката и оти двајцата родители се подеднакво способни да се грижат за детето“, потенцира Џинов.
Скопскиот адвокат Шпенд Деваја, кој е бранител на Спаска Митрева, потврдува дека пред неколку дена ја добиле жалбата на другата страна и во законскиот рок од 15 дена ќе одговорат.
„Од она што можев да видам во жалбата, која е напишана на седум-осум страници, мојот колега ја напаѓа пресудата по сите основи. Нашиот одговор ќе биде насочен во правец на тоа дека судот донел правилна одлука. А, тоа е дека дете на таа возраст е најприродно да биде со мајката. Да не прозвучам како Амди Бајрам, ама во 102 отсто случаи кога станува збор за малолетни деца на помала возраст, старателството врз детето и' припаѓа на мајката. Адвокатот верува дека најдоцна до мај скопскиот Апелационен суд ќе се произнесе околу жалбата и ќе го потврди претходното решение од понискиот суд. А, со тоа пресудата да стане конечна и правосилна и детето да се врати кај мајката.
И таткото Воислав Савиќ и неговиот бранител не се многу оптимисти околу исходот од второстепениот суд, имајќи ја предвид претходната одлука на истиот суд, кој одлучи процесот да се врати на почеток. Не се сигурни и колку ќе помогне и ревизијата, како вонреден правен лек што може да се достави до Врховниот суд.
Страстите засега се смирени. Прашање е само до кога?
Бугарските телевизиски екипи го намалија притисокот врз македонските институции. Жената, која своевремено беше прогласена за „Бугарка на годината“ и со која сочувствуваше цела јавност кога таа заврши во затворот во Шутка поради нејзиното непочитувањето на судските одлуки, одамна ја немало во нивните шоу-емисии со голема гледаност. Дека не станува збор за случајност, туку за стратегија, индиректно открива нејзиниот адвокат Деваја. На нашата забелешка дека Спаска не е достапна на нејзиниот мобилен кога ја бараат македонски новинари, тој низ насмевка вели „и подобро што е така“.
Но, Воислав, со кого Спаска се венча по седумгодишната врска на 15 октомври 2006 година (но, бракот никогаш не профункционира, бидејќи веќе наредниот ден невестата решила да ја прекинат брачната заедница), не е сигурен.
„Бугарските власти и ’Радко‘ премногу вложија во Спаска за да може толку лесно да се откажат од неа. Секогаш кога ќе им притреба за одредени политички цели, ќе го активираат овој случај“, убеден е Савиќ.
Но, како да му се објасни тоа на она мало девојченце од неполни четири години, дека сите оние што се „крстат во нејзино име“, навистина и' го мислат најдоброто. |