Број 3471  петок, 31 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Дипломатски магазин
Фељтон








Site Meter

Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (19)

Голи Оток - пекол за непослушните комунисти

За време на Информбирото, најмалку 1.000 македонски комунисти беа испратени на познатиот остров и беа изложени на невиден терор

Виктор Цветаноски


За време на Информбирото во 1948 година партијата преку УДБ-а започна сурово да се пресметува со своите со сите оние што застанаа на страната на Сталин. Тогаш најмалку 1.000 македонски комунисти беа испратени на Голи Оток, а помал број, воените лица, во Билеќе. Еден дел од нив ниту знаеја што се случува меѓу Тито и Сталин, а голем број беа накодошени од своите дотогашни другари, кариеристи кои во тие матни времиња виделе шанса да ги заземат нивните места.

Некои моќници го искористиле ИБ да ги расчистат сметките со тие што не ги трпеле, кои им се замериле, а некои дури да им се одмаздат на тие чии жени или сестри не сакале да спијат со нив. Најилустративен пример е случајот со младиот поручник Благоја Георгиевски кого го распоредиле на служба во Тетово. Настрадал поради тоа што неговата сопруга не сакала да спие со еден удбаш. § предложил љубов, а таа се заканила дека ќе му каже на сопругот. Тетовскиот моќник не го заборавил тоа и за време на Информбирото го накодошил Георгиевски дека го фалел Сталин.

„Издржа 20 години во Воениот затвор во Билеќе. Јас добро го познавав човекот и знаев дека никогаш не бил за Сталин. Го видов и неговото досие и се обидов да му помогнам. Тогаш недоволно искусен, дури напишав барање за негова рехабилитација до Сојузниот секретаријат за внатрешни работи. Ме повикаа таму и толку многу ме изрибаа што не знаев што да им одговорам. Отворено ми рекоа: ’Иване, мораш да сфатиш дека не е во прашање Благоја Георгиевски. Ако еден информбировец рехабилитираме, ќе признаеме дека не бевме во право. А Титовото ’не‘ на Сталин ја спаси државата од сето она што го доживеаја источноевропските држави“, раскажува Иван Бабановски, кој долги години работеше во Службата за безбедност.

Во времето на ИБ постоел принцип се' да се набљудува, се' да биде под контрола. Многумината сведоци за тоа страшно време и денес немаат сигурни одговори. Останува до крај неодговорено и прашањето како се случи нивните довчерашни другари со кои имале ист идеал - комунизмот и интернационализмот и заедно се бореле против фашизмот и ја извојувале слободата така ѕверски да се пресметаат со своите соборци и сопартијци. Голооточките сведочења на тие што пропатиле се стравотни. Едноставно, човек не може да поверува дека човек на човека може да му го направи тоа.

Димче Најчески, еден од тие што поминаа три години на проклетиот остров, вели дека целта на тогашната власт била да те удрат толку силно по свеста за да се откажеш од тоа што си мислел, да те онеспособат тоа што си бил, не со убедување, туку со невидена тортура. Тој нагласува дека заточеникот на Голи Оток по неколку години поминати во пеколниот режим личел на вистинска руина од човек. „Измачен, исцрпен, понижен, со згазено човечко достоинство, со чувство на вина за поразот, за изнудените компромиси, зашеметен, со затапени чувства, без самодоверба, несигурен во утрешнината. Некои беа со физички мани, мнозинството со душевни рани... имаше и такви кои не можеш да ги препознаеш“, вели тој.

Д-р Стојан Ристески нагласува дека само првата група заточеници страдале од органите на власта што биле таму. „Штом дошла втората група, веќе ’превоспитаните‘, тие што го ’ревидирале‘ својот став во истрагата, како и криминалците донесени да ги уништат ’непоправливите‘, почнале да ги посетуваат иследниците, да се оцрнуваат самите себеси, своите фамилии, сите најблиски, да се немилосрдни спрема ’непоправливите‘, настојувајќи кој од кој повеќе да се покаже и да се докаже за побрзо да излезе оттаму“, вели Ристески, кој има напишано неколку книги за драмата на Голи Оток.

По пеколниот пречек на проколнатиот остров, почнувало вистинското „превоспитување“, всушност, систематско мелење на душата на новодојдените, невидено понижување и уривање на нивното достоинство. Новопечените заточеници најпрво пред „колективот“, пред затворениците од бараката, поединечно требало да го изнесат својот став за Резолуцијата на Информбирото, да „признаат“ што работеле против партијата, народот и државата, и ако собниот старешина, кој инаку бил затвореник, оценел дека исповеданиот е на вистинската линија, го примале во „колективот“. Најтврдите, тие кои и натаму останувале на својот став, поминувале најтешко. Нив им бил определуван бојкот, проследен со постојани извици „Уа, бандо“ и тепање од присутните. Бојкотот значел нов пекол. Бојкотираниот можел да го тепа секој „активист“, а такви кои сакале да се покажат пред иследникот имало многумина. Со бојкотираните никој не смеел да разговара, нив им се давале најтешките работи. Тие ноќе морале да стојат наведнати над киблите во бараката, во кои затворениците ноќе вршеле мала нужда и од кои се ширела неподнослива реа.

Тоа било физичкото уништување. Психичкото черечење било пострашно и многу повеќе болело од раните по телото. Секој од нив морал најмалку двапати месечно да отиде кај иследникот, да поднесе извештај за тоа кој што зборувал, да наклевети некого. На тие што немало да отидат им следувал нов бојкот. Кодошењето за многумина било единствената шанса да излезат од голооточкиот пекол. Затоа во тие страшни години секој страдалник се плашел од секого, никој со никого не разговарал. Некои со месеци збор не прозбореле, други целосно занемеле, молчешкум носејќи го бремето на проколнат.

Специјалниот систем на физичка и психичка тортура од некои затвореници создало монструми што ги измачувале другите. Се случувало дури и тоа син да претепа татко, татко да накодоши син и обратно. Може да замислите што им правеле на тие луѓе за да ги натераат да згазат врз сопствената чест и достоинство. Само малкумина успеале да го издржат систематското уништување на човекот во нив. Никој не можел да излезе од проклетиот остров додека не потпишел изјава дека го ревидирал ставот. Меѓутоа, по напуштањето на Голи Оток, продолжувал затворот за заточеникот. Морал да се пријавува во УДБ-а, да поднесува извештаи за тоа каде бил, со кого разговарал, кој зборувал против Партијата.

Од информбировците бегале сите како од плашило. Никој со нив не смеел да контактира, ниту родените брат и сестра, зашто и тие ќе настрадале. По враќањето од логорите, ги губеле и најверните пријатели. Така, за нив пеколот продолжувал се' до нивната смрт. На послушните, на тие што го ревидирале ставот и кои ја слушале партијата, им била давана шанса да напредуваат, но никогаш не им бил избришан информбировскиот печат.

Кога ќе се ислушаат потресните сведоштва на проколнатите, се поставува прашањето на кое обичниот човек ��е може да даде одговор и не може да сфати како е можно нивните довчерашни другари со кои имале исти идеали, верувале во комунизмот, и со кои заеднички се бореле и гинеле за слобода и се избориле за своја држава, толку сурово да се пресметуваат со нив зашто мислеле поинаку. Во чиј болен ум се родила монструозната идеја за „превоспитување“ на старите другари, кое подоцна ќе се претвори во невидена голгота. Кој го измислил стравотниот механизам за мелење на нивните души, кој е тој што ги довел логорашите во состојба меѓусебно да се истребуваат, да се кодошат и систематски да се уништуваат?

Професор Тома Батев, кој на Голи Оток помина 29 месеци, подвлекува дека стравотната тортура била вршена по директива на УДБ-а, а сценариото за измачување го измислиле нејзините главешини. „Секојдневно се наметнуваше мислата дека дома нема одење, дека тука коските ќе ги оставиме, ако не се поправиме, ’превоспитаме‘, ако не бидеме шпиони, скршени, уништени“, пишува штипскиот професор во својата голооточка исповед „Мислата и душата во обрач“.

Целата вистина за Голи Оток никогаш нема да се дознае. Некои заточеници по распадот на Југославија започнаа да говорат поотворено и во своите сеќавања ги раскажаа трагичните животни приказни. Колку се тие искрени знаат само тие што ги раскажале. Кој од страдалниците под присила станал кодош, а кој сизифовските голооточки маки ги трпел стоички, без да предаде некого, никој не може денес со сигурност да каже. По отворањето на нивните досиеја, се дознаа многу вистини, но не сите. Многу траги се избришани. Меѓутоа, треба да се верува во едно со стопроцентна сигурност, ОЗН-а , подоцна УДБ-а, односно СДБ, кон сите нив и кон нивните семејства била немилосрдна, уништувајќи многу млади животи.

Некои од заточениците ги опишаа големите страдања во трогателните сеќавања, а повеќемина од живите по враќањето дома занемеа од страв, збор не прозбореа за тоа што го преживеаја и вистината ја однесоа со себе во гроб. „Некои до претсмртниот час се плашеа за себе и за своето семејство, а некои се срамеа и чувствуваа мачнина зашто потклекнале во процесот на ’ревидирање‘ на ставовите, дека под принуда станале шпиони, ’информатори‘, а дел од ’подобните‘ превоспитувачи се' уште тврдеа дека ’револуцијата‘ бара жртви“, пишуваат Виолета Ачкоска и Никола Жежов во „Репресијата и репресираните“.


#
Статијата е прочитана 3181 пати.

Испрати коментар

Од: pero magacinero
Датум: 31.12.2010 13:27:32
eden moj prijatel mi raskazuvase sto se slucilo za pred vremeto na inforbiroto,ucenici mladi momcinja i devojcina obleceni vo crveno-beli-sini alista so titovki na glavata setale niz bitola i silno vikale STALIN-TITO-LAZO i taka vikaki dosle do dukanceto na cicko miha,covek vo godini okolu 75,a od drugata strana na patot ucenicite bile prateni od kordon udbasi,mu go nalepile so parolite dukanot na ciko miho,a toj revoltiran zemal eden stap i gi rasteral decata,nokta go zema UDBA go ispituva kako naroden neprijatel i zosto gi brka ucenicite,a cika mika muder i snaodliv covek ogovara jas sum star covek sum zaspal a tie se derat po mene STANI CIKA MIHA,me razbuduvaa,mu udrele edno mavane,a nosel golemi zasuceni mustajki,i edniot mustak mu go odkornale i taka cika miha dolgo vreme odese so eden mustak,koga nekoj ke go prasase sto se slucilo,i zosto drugiot mustak ne go obrici,dali znaete sto im odgovarase?
Од: bitolcanec od canada
Датум: 01.01.2011 19:03:12
gledajki ja slikata ne izgleda deka bile izlozeni na neviden teror i izmacuvanje

Најди! во Утрински
Насловна
Дипломатски магазин
Тиквешански
Груевски или Црвенковски...
Поглед напред
Љубовта волшебно го движи светот
Нимиц како Годо
Се викам Наталија, а не Ненад!
Турција
Атина сака контрола на грчките компании во Македонија
Да преживееме за да живееме!
Десетте личности што ја одбележаа 2010
Што претстои во 2011?
Тутунарите се заканија дека ќе палат и ќе кршат
Вера во глобализирана ера
Крстоносна војна за името
Среќна Нова на бугарски за малата Сузана
Од евтини сијалички - до главен украсувач
Нови насоки за ОН
Драган Поповски - карикатурист на годината
Еврото како европско сираче
Карикатура
„Утрински весник“ во Спомен-куќата на Проески
Фискални лудории
Иран
Еквидистанција на незнаењето
Прозорец за европската одбрана
 

What will 2011 bring for the Western Balkans?
Last news update on WAZ.EUobserver
Croatia moves closer to concluding EU accession talks