Бан ки Мун
Нови насоки за ОН
Постои универзална загуба на доверба во институциите и лидерите
Ова се тест времиња за сите. Луѓето насекаде живеат во се' поголема вознемиреност и страв
Oбединетите нации денес водат, како што на моменти изгледа, двоен живот. Од една страна, експертите ги критикуваат поради нерешавањето на сите зла во светот. Од друга страна, земјите-членки на ОН и луѓето од целиот свет бараат повеќе да се направи, во повеќе места, отколку како што било порано - тренд што ќе продолжи и во 2011 година.
Не е тешко да се види зошто. Треба само да ги прочитаме весниците, да го вклучиме телевизорот или да одиме на Интернет за да го сфатиме вистинскиот степен на потреба. Конфликти беснеат на премногу места. Природните катастрофи удираат со поголем гнев и во се' поголем број отколку што беше случај претходно.
Згора на сето тоа, се соочуваме со нова генерација закани, поразлични од сите досега во историјата, што се прелеваат преку границата и имаат глобална големина. Меѓутоа, ниту една земја или група не се толку моќни за да може сами да се справат со нив. Сите мора да соработуваат - за заедничка кауза за заеднички решенија - за да се одговори на предизвиците, како што се климатските промени, сиромаштијата и нуклеарното разоружување.
Но, постои длабок скептицизам дека можеме да го сториме тоа. Светот гледа кон ОН како никогаш досега, но конвенционалната вистина е дека не сме дораснати за работата. Проблемите се премногу комплицирани. Ресурсите се премали. И самите ОН изгледаат премногу поделени за да направат некоја витална разлика.
Меѓутоа, конвенционалната мудрост е погрешна; уште полошо, таа е опасна бидејќи бевме сведоци на тоа колку брзо може да се воспостави таа, да се искриви реалноста и потоа да се стврдне како цемент. На пример, пред четири години кога дојдов на оваа функција, само мал број глобални лидери доволно знаеја дури и да разговараат за климатските промени - дефинирајќи ги предизвиците на нашето време, чиј ефект го гледаме секојдневно, секаде околу нас. Денес ги ставивме климатските промени на самиот врв од глобалната агенда.
Но, нема сомневање: тоа беше тежок пат. Во декември 2009 година во Копенхаген светските лидери разговараа до долго во ноќта и излегоа, според конвенционалната мудрост, практично со ништо. Всушност, иако ние не добивме опсежен, правно обврзувачки договор што ќе се спроведе во ера на одржлив, просперитет со ниско ниво на јаглерод, како што се надевавме, имаше значителни достигнувања во Копенхаген.
За првпат досега развиените и земјите во развој ги признаа своите одговорности за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина и постигнаа согласност за целта, за ограничување на зголемувањето на глобалните температури на помалку од два Целзиусови степена. И за првпат досега земјите дадоа големи ветувања за финансирање на олеснувањата и напорите за адаптација: 30 милијарди долари во следните три години за проект за брзо финансирање и 100 милијарди долари годишно до 2020.
Лекцијата е дека не треба да сонуваме за важни чекори преку ноќ или да си дозволиме да паднеме во очај во отсуство на моментален напредок. Наместо тоа, да работиме на изградба на многу помали напредоци, каде и да можеме да ги направиме - со мобилизирање на поддршка, креирање пошироки сојузи, формирање коалиции и земање предвид на мрежа од подвижни делови и комплексни прашања - бидејќи тоа ќе ја постави сцената за евентуални важни чекори утре.
Колективната акција никогаш не била лесна, но никогаш досега не била толку неопходна како во достигнувањето на Милениумските развојни цели на ОН (МДГ) - светски проект за окончување на екстремната сиромаштија. Конвенционалната мудрост ќе ви каже дека целите на МДГ - редуцирање на сиромаштијата и гладот, подобрување на здравјето на мајките и децата, борба против ХИВ/сида, зголемен пристап до образование, заштита на животната средина и постигнување глобално партнерство за развој - се едноставно недостижни. Всушност, ние контролираме болести - полио, маларија и сида - подобро отколку порано, и правиме големи нови инвестиции во здравјето на жените и деца - клуч за напредок во многу други области.
Сепак, за климатските промените, сиромаштијата и други проблеми, конвенционалната мудрост вели дека ОН треба да ја остапи одговорност на Г-20. Но, само Г-20 не е одговор на проблемот. И покрај напорната дебата околу проблемите за валутата и трговската нерамнотежа на самитот во Сеул во ноември, цела област на договори за првпат опфаќаше точка на агендата Г-20 - економскиот развој. Признавајќи дека глобалното закрепнување зависи од економиите во подем - што значи светот во развој - лидерите на Г-20 прифатија инвестиции што имаат цел извлекување на најранливите категории луѓе во светот од сиромаштијата.
Тоа е причината зошто лидерите на Г-20 ја прифатија потребата за блиска соработка со ОН - на крајот на краиштата, ниту една друга организација не прави подобар развој. Г-20 и ОН изнаоѓаат нови начини за заедничка конструктивна соработка - не како ривали, туку како се' поблиски партнери. И тоа е начинот на кој треба да се работи.
Пред 40 години големиот американски државник Дин Ачесон се осврна на возбудата што ја почувствувал во помошта при изградбата на поредокот по Втората светска војна. „Присутен во создавањето“, ги нарече тој своите мемоари.
Денес се наоѓаме во подеднакво возбудлив момент, исто толку критичен за иднината на човештвото. И ние сме присутни на ново создавање. И ОН мораат константно да се ресоздаваат. Мора да еволуираме и да држиме чекор со светот кој брзо се менува. Мора да бидеме побрз�� и пофлексибилни, ефикасни, транспарентни и одговорни. Во време на штедење, ресурсите се скапоцени; мора да направиме секој долар да се брои.
Ова се тест-времиња за сите. Луѓето насекаде живеат во се' поголема вознемиреност и страв. Постои речиси универзална загуба на доверба во институциите и лидерите.
И покрај таквата несигурност, нашата иднина зависи од ОН, кои ги носат заедно земјите од светот не само на разговори и дебати, туку, исто така, и до тоа да се согласат и да реагираат; тоа го мобилизира граѓанското општество, бизнисот, филантропите и обичните граѓани да им помогнат на владите да ги решат тековните проблеми; и тоа носи мир, развој, човекови права и глобални јавни добра - со еден збор, надеж за луѓето од целиот свет секој ден.
(Авторот е генерален секретар на ОН и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)
Да се забележат неутрината
Nајголемиот, најчудниот и најдалечниот телескоп на светот ќе биде готов во почетокот на 2011 година. Опсерваторијата „Ајскјуб“ се наоѓа длабоко под Јужниот Пол и е изградена на површина од еден кубен километар совршено чист, стар мраз, без меури. „Ајскјуб“ не ја регистрира светлината од далечните ѕвезди, туку аветните честички наречени неутрина, што можат да се движат од работ на универзумот, па дури и да минуваат директно низ Земјата.
Научниците се надеваат дека со „Ајскјуб“ ќе ја решат загатката со вселенските зраци што ги измачува повеќе од еден век. Вселенските зраци ја напаѓаат Земјата од вселената, и во нив има честички со запрепастувачка енергија, 40 милиони пати посилна од онаа што физичарите можат да ја создадат во најголемите акцелератори во светот. Но, никој не знае од каде доаѓаат, бидејќи зраците ја менуваат насоката под влијание на ѕвездените магнетни полиња и следат кривулест пат низ вселената.
Високоенергетските неутрина би можеле да бидат одговор на загатката. Тие се создаваат заедно со вселенските зраци, но се движат право. Можни извори се експлозии на гама-зраци, предизвикани кога се распрснуваат големите ѕвезди и кусо време светат милион илјади милијарди пати посветло отколку Сонцето. „Ако имаме среќа, ако видиме една вискоенергетска неутрина, и ако го видиме во време на експлозија на гама-зраци, тогаш проблемот е решен“, објаснува Френсис Халцен.
Опсерваторијата е технолошко ремек-дело. Составена е од 86 дупки, длабоки 2,4 километри и во секоја од нив се наоѓа низ од 60 детектори. Тие го чекаат блесокот на светлина што го сигнализира реткиот настан кога една неутрина ќе погоди молекул на мраз. Интеракцијата на неутрината со материјата е толку слаба - илјади милијарди од нив минуваат низ вашето тело секоја секунда без каков било ефект - што кубен километар мраз е доволен за да се забележат десет високоенергетски неутрина годишно. Нискоенергетските неутрина ќе се движат со брзина од стотина дневно, и ќе помогнат да се реши уште една мистерија: природата на „темната материја“ што врши гравитациско влечење во вселената, но е составена од непознати честички.
(Економист) |