Димитар Чулев
Еврото како европско сираче
Mонетарното посвојче сакаат да го згрижат, но никој не го сака
Поделбата на напреден север и периферен југ во рамките на еврозоната веќе постои
Vо случај ако некогаш се гради споменик на Гордон Браун во Вестминстер, натписот веројатно би бил „Тој не' зачува надвор од зоната на еврото“ или „Тој го спаси банкарскиот систем на Велика Британија“, цинично забележа деновиве „Хералд Скотланд“, спојувајќи ги не многу прославениот премиерски мандат на Браун и катастрофалната година за европското евро.
Ако во Британија ликуваат што останаа меѓу „неврзаните“ кои не се навлекоа на заедничката европска валута – еврото, кое функционира во 16 од 27-те членки на ЕУ, германската јавност жали по марката. Повеќето Германци сега се согласуваат со воздишка: „Камоли да се држевме до германската марка“ пишува „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“. Педесет и седум проценти од населението смета дека ќе им било подобро никогаш да не го прифателе еврото. Повеќе од една третина сакаат сега да им се врати германската марка.
Тие не се само носталгични конзервативци, напиша деновиве Дојче веле. Се' повеќе и повеќе ладнокрвно пресметливите Германци им се приклучуваат на евроскептиците: економисти, извршни директори, претприемачи. Фолкер Нитш, професор на Техничкиот универзитет во Дармштад, кој го истражуваше колапсот на монетарните унии, вели: „Ставам веројатност од околу 20 проценти дека земјата ќе се откаже од еврото во блиска иднина“.
Дојче веле го пренесува и размислувањето на американски економист Бери Ајкенгрин, кој неодамна изјави дека Германија е една од неколкуте земји на ЕУ кои би можеле повторно да ја воведат старата валута без да предизвикаат сериозна финансиска криза на домашниот фронт.
А што мислат за еврото и жестоко рестриктивните мерки на ЕУ за да ја заштитат заедничката валута во Грција, Португалија, Италија, Ирска и Шпанија е повеќе од експлицитно искажано на масовните протести. Јавноста во Грција, погодена од жестоките мерки на стегање на ременот, бранот поскапувања и високите даноци (плус сознанието дека така ќе мора да живеат во наредните деценија или две, се' додека не се оддолжат кон побогатите од ЕУ кои го смислија спасувачкиот пакет тежок 750 милијарди евра од кој ќе се кредитираат загубарите од југот).
Поделбата на напреден север и периферен југ во рамките на еврозоната веќе постои и на неа инсистираат и граѓаните во сериозните економски џинови како што се Германија и Франција кои не гледаат логика да одвојуваат од комодитетот за да ги спасуваат оние од погрдно наречената група PIIGS (Portugal, Italy, Ireland, Greece, Spain), но и оние другите што уживаа во благосостојбата на еврозоната доживеана како монетарно „елдорадо“.
Економски аналитичари имаат свое гледање.
Кристијан Јаспернајте, аналитичар во банкарската куќа „М.М. Варбург и ко“ одговара на прашањето дали монетарната унија и еврото навистина сериозно се доведени во опасност? Тој смета дека „...еврото примарно е политички проект, а помалку економски. Но, сега, кога го имаме, речиси е незамисливо дека повторно ќе направиме чекор назад кон распаѓање во различни поединечни валути, можеби дури поделба на евро за северот и јужно евро. Еврозоната не е идеален валутен простор, но тоа беше познато и порано - а сега ги имаме проблемите“.
Оној од типот на Грција, која се докажа дека трошела (притоа и мамела) и која итно мораше да се спасува со финансиски пакет тежок 110 милијарди евра, па крахот на „келтскиот тигар“ Ирска на која и' требаат 85 милијарди евра од кои 11,7 милијарди во првите три месеци на 2011 година. Стравот дека нив ќе ги следат Португалија, Италија и Шпанија, наметна прашање за создавање заедничка европска економска влада. И ако канцеларката Ангела Меркел вели дека „...треба да се развие чекор по чекор... заедничка економска политика“, францускиот претседател Никола Саркози се истрча со „воспоставување економска влада“ во еврозоната.
Оваа економска фикција е дочекано на нож како уште еден обид на Брисел да се наметне како надвлада и сериозно навлегува во суверенитетот на поединечните земји, иако францускиот министер за финансии, Кристин Лагардна, го „поправи“ претседателот дека „таа економска влада би барала одобрување од поединечните земји“ пред да се преземе акција.
Поделбата меѓу богатите кои не сакаат без гаранција да ги помагаат послабите и јавноста во економски послабите кои како казна ги примаат понудените спасоносни мерки, дефинитивно, постои, како што постои и поделба на еврозоната на богат север и периферен југ.
Она што засега е извесно и нуди перспектива е договорот постигнат на последниот Самит на ЕУ каде што е договорено дополнување на Лисабонскиот договор со клаузула со која земјите-членки од еврозоната ќе создадат механизам за финансиска солидарност меѓу нив. Како ќе помине оваа идеја, тешко е да се каже имајќи предвид дека механизмот кој во 2013 година треба да го замени сегашниот Фонд за спас, треба да мине низ процес на ратификација. Последното искуство со Лисабонскиот беше алармантно.
Но, колку е деветгодишното евро пред укинување и дали „доколку настрада еврото, тогаш ќе настрада и Европа“ - реченица што ја изговори Меркел три пати. Стручњаци сметаат дека една валута не може да пропадне се' додека некој ја смета за соодветно платежно средство. А тоа во случајот на еврото го прави целиот свет. Како второ, не сме соочени со криза на валутата, туку со криза на државните финансии на некои земји од еврозоната и, конечно, наспроти очајната состојба на буџетите на некои од земјите-членки на зоната, еврото се ��окажува како многу стабилно.
Она што последен момент се појави како фрлен „појас за спасување“ е интересот на Кина да влезе со четири-пет милијарди евра во купување обврзници од економски рискантните европски земји. Од Грција веќе тоа е сторено. Кина богата со злато и заинтересира да „избега“ од преголемата зависност од американскиот долар има интерес да алоцира големи средства во Европа. Интересот е двоен - во 2009 година за секое евро што го заработија Кинезите од извоз во ЕУ европските компании заработија 1,40 евро во Кина. |