Слободанка Јовановска
Крстоносна војна за името
Власта ќе бара нови идеолошки сојузници
Новите сојузници треба да ни кажуваат попријатни работи од оние што доаѓаат од ЕУ, НАТО и САД
Mакедонија во 2011 година ќе слави 20 години од независноста. Практично земјата треба да излезе од политичкиот пубертет и да покаже зрелост, но дали ќе се случи тоа, е многу неизвесно прашање. Од оваа година, во однос на ЕУ и на НАТО, Македонија е цврсто зацементирана во статус кво позиција, пријателите се проретчуваат, а непријателите ги има се' повеќе и, според оцените на оние што влијаат на надворешната политика, ги има и надвор и внатре.
Ваквата состојба шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, ја нарече „солидна година во дипломатијата“, а шефот на државата, Ѓорге Иванов, беше визионер, па најави дека идната година не' чекаат тешки одлуки.
Кои се можните тешки одлуки и во кој правец, всушност, ќе се движи Македонија на надворешнополитички план може само да се претпостави, но, според тоа како се водеше надворешната политика годинава, може да се каже дека не' чекаат иновации со кои ќе треба да се прикрие неуспехот околу стратегиските цели или да се создаде привид дека Македонија, сепак, оди напред и има други алтернативи.
Ако претседателот Иванов има контрола што му зборуваат советниците, тогаш власта следната година ќе влезе во решавачка битка за името, а, всушност, во пропадната крстоносна војна со сите што ќе се дрзнат да ни кажат оти треба да си го смениме или дека политиката што ја водат претседателот и премиерот Никола Груевски не ни отвора перспектива, туку безизлез.
Откако стана банално посочувањето на Грција како единствен непријател-кочница на Македонија, бидејќи решение од нас чекаат и другите, а ние не сме подготвени да го направиме тоа, излезот многу веројатно ќе се бара во проширувањето на листата на непријателите на која ќе се најдат како најгласни САД и ЕУ.
Испраќањето на Мартин Треневски во НАТО и настапот на Влатко Ѓорчев во Европскиот парламент веќе го навестија тоа, а најтранспарентно го најави во својата колумна советникот на претседателот Иванов, Ристо Никовски,со оцената дека е „крајно време да престанеме да ги сметаме пријатели сите оние што инсистираат да го смениме името на државата“. Тој најтранспарентно САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ ги нарече четиричлена банда на која Македонија треба да и' покаже заби ако има трошка достоинство и да побара да и' го почитуваат државниот јазик или да си одат од земјата. Длабоката проевропска определба на опозицијата тој ја нарекува будалаштина, а притисокот да се реши спорот - намера да се разнебити Македонија.
Неодговорените прашања бараат итни одговори, порачува Никовски, ставајќи ги со еден текст САД од другата страна на фронтот за името, иако Македонија немаше ни да стане држава да не беше цврстата поддршка од Вашингтон. Ако не е ова уште еден памфлет за сеење магла и дезориентација на јавноста околу надворешната политика (досега од овој став претседателот не се огради), тогаш е причина за сериозен аларм дека Македонија оди по стапките на изолационистичките режими, од каде што нема враќање на нормален начин.
Проблемот е што никој во Македонија моментно, освен креаторите, не знаат на кое ниво се води надворешната политика во земјата, и дали вистинската е онаа што ја пропагираат премиерот, министерот за надворешни работи, претседателот, советниците, владините мегафони или, делумно, и дијаспората. Додека премиерот зборува за добра волја за преговори со Грција, шефот на дипломатијата испорачува навреди на нејзина адреса, претседателот држи говори за цврстата определеност за НАТО и за ЕУ, а моли во Москва за специјални односи, додека од неговиот Кабинет доаѓаат „тајвански идеи“ за конфедерација со некој од соседите како начин да се избегне решавање на името.
Dодека официјално се тврди дека продолжуваат преговорите, мегафоните бараат нивно прекинување, а конфузијата достигна врв во барањето решение за препораката на ЕУ, кога за краток период се извади цел арсенал на веќе отфрлени формули, од фазно решение за спорот, преку двојна формула, па до враќање во игра на референцата БЈРМ, откако цел месец се водеше дебата за предавството на СДСМ во 1995 година поради одбивањето да прифатат „прием во ЕУ“ со привременото име.
Аргументите на власта идната година ќе бидат Хаг и бројката на држави што ни го признаваат уставното име, а во зависност од тоа каков ќе биде рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ можно е да се донесе и пос��едната тешка одлука - прекинување на преговорите или отворање на прашањето во ОН, како алиби пред евентуален нов неуспех.
Ако не станува збор за аматеризам во водењето на надворешната политика, целта очигледно е да се сменат стратегиските приоритети на земјата, а следниот чекор во тој правец во годината што доаѓа треба да биде нивно преформулирање, во согласност со најавата дека новата политика на власта е отвореност кон сите.
Таквата политика ќе беше позитивна ако во исто време неа не ја следат отворање фронт со Брисел и игнорантски однос кон Вашингтон, нешто што би било смешно да не е трагично од аспект на земја што не зафаќа ни еден кварт во Њујорк. Во тој пакет тешки одлуки, ако се следи курсот што се промовираше последниве месеци, нужно ќе се најде и свртувањето на Македонија кон нови идеолошки сојузници т.е. такви што ќе кажуваат ставови кои ќе бидат пријатни за ушите на нашите функционери, а не вознемирувачки како што се тие од ЕУ и од НАТО.
Македонија се' повеќе ќе се препознава и теши во „демократската матрица“ на земји што се моќни, но не се пример за демократија во светски рамки, бидејќи внатрешната политика и тоа што се прави на надворешен план не ќе може да се оправда со стандардите на западните држави.
Ако денот по утрото се познава, во секој случај, годинава што доаѓа не дава многу надеж дека Македонија, конечно, ќе ги реши националните и стратегиските прашања. Зaшто ако тоа не ни успеа во 2010 година, која почна со голема доза на оптимизам, тешко дека ќе успее следната кога тој збор ретко кој веќе го спомнува во Македонија и надвор од неа. |