Љупчо Поповски
Поглед напред
Две големи приказни поврзани со економијата
На една страна е загрижениот и дезориентиран Запад, а на друга, земјите во подем, како Кина, Индија и Бразил
Во една историска отсечка 20 години се речиси ништо, но тоа време по падот на ѕидот во Берлин донесе толку промени во светот кои претходно изгледаа незамисливо. Првата декада од 21 век ја измести геополитиката или, пак, можеби, ја доведе во своите природни рамки, по бруталните десетлетија на железните завеси и студенилото на необјавената војна. Во ова десетлетие што го напуштаме денеска онаа фрустрирана Европа што беше окована под јаремот на Кремљ сега седи како рамноправен партнер во конференциските сали на Европската унија или, пак, во воените кабинети на НАТО.
Денес то�� можеби изгледа сосем нормално, затоа што луѓето во светот на комуникациската револуција станаа поблиску еден до друг, а технологијата направи да погледнеме во истиот момент што се случува во сибирските тајги, монголските пустини, во амазонските прашуми или африканските рудници на дијаманти.
Во овие 20 години не падна само ѕидот во Европа, туку и Кинескиот ѕид, беше премостен големиот јаз меѓу Турција и Блиски Исток, Виетнам стекна пријател во Америка, земјата на злогласниот апартхејд, Јужна Африка, стана предводник на демократските промени на црниот континент. Паднаа идеолошките бариери, а неколкуте диктаторски земји се обележани како диво месо кое не припаѓа на глобалниот организам.
Годината со две единици ќе донесе две главни приказни поврзани со економијата. Веќе подолго време извештаите за војните и политиката не се доминантни теми во јавноста, без оглед дали таа е во Европа, Америка или Азија. Во оваа глобална доба на можности Западот влегува во доба на стравување. Само до пред две години изгледаше дека западната бастилја на просперитетот, демократијата и човековите слободи не може да биде допрена, а камо ли да почне да се урива. Денес во урнатините на глобалниот економски поредок се раѓаат нови џинови, а старите економски кралеви бараат поинаква инспирација и модели.
Може да се направи едноставна глобална поделба – на една страна е загрижениот, депресиран и дезориентиран Запад (парадоксално, слободната трговија го обележа губењето работни места и пари, а државата беше буквално молена и принудена да интервенира) и новиот храбар, пулсирачки и полн со самодоверба свет на надоаѓачките економии како што се Бразил, Кина, Турција, Индија или Јужна Африка. Западот е исплашен и трескавично бара одговори дали неговото време поминува, а пред неговите ѕидишта надоаѓаат нациите кои се убедени дека нивното време дошло – или се приближува.
Кога во 1989 година тенковите ги прегазија студентите што протестираа на плоштадот Тјенанмен во Пекинг се чини дека никој, ама буквално никој, не можеше да предвиди дека во 2011 година Кина ќе ја надмине Америка како најголем производител во светот. Тоа треба да биде еден од најважните пресвртни моменти во 2011 година. Но, Кина веќе е загрижена дека ова водство нема да и' значи многу, зашто Индија ќе ја надмине во економскиот раст. Тоа се вистинските рамки на светот што надоаѓа.
Во тој нов свет Латинска Америка ги губи старите чувства и рефлекси за моќниот побратим на север – полна со самодоверба и знаење таа не го чека мислењето и инструкторите од Вашингтон, туку бара нови хоризонти во демократијата и трговијата со Кина или со Русија. Африка, која беше синоним за сиромаштија и воени удари, очекува економски пораст од 5,2 отсто во 2011 година, двојно повеќе од предвидувањата за Америка и за Европа. Нејзината размена со Кина се зголеми од 10 милијарди долари во 2000 година на 100 во 2010. Малечката Гана, позната по воените удари на младите капетани, се очекува да биде ѕвездата на развојот во светски рамки.
Tурција, во грчовита битка меѓу секуларизмот на Ататурк и умерените исламисти на Ердоган, со годишниот економски раст од 7 отсто ја рашири прегратката кон Азија и стана вистински мост меѓу двете култури и религии. Таа е најубавиот доказ дека исламот е компатибилен со модернизмот и развојот. Нејзиното влијание, особено во границите каде што некогаш се простираше Отоманската Империја, расте со прогресивни чекори и западните влади тоа треба добро да го разберат и да го поттикнат затоа што сите ќе имаат корист од оваа средба на цивилизациите.
Во оваа доба на големи можности, Американците и Европејците личат на човекот од сликата на Едвард Мунк „Вресок“. Фрустрирани и дезориентирани, тие ќе бараат помош кај државните бирократи, а не кај банкарите кои ги урнаа нивните светови на благосостојба. Барак Обама со стотици милијарди долари ги санираше најголемите банки во Америка, но тоа само го зголеми стравот кај ниската и кај средната класа. Нивните работни места и недвижен имот ја чекаат секој момент новата „Катрина“. Во битката со републиканскиот Конгрес млаката и слабоидејната администрација на Обама нема добра понуда за Американците. Големите надежи исчезнаа побрзо од очекувањата.
Во Европа, Унијата фрла големи пари за да го спаси еврото по големите трауми во Грција, Ирска, Португалија, Шпанија, па и во Италија. Радикалните реформи не се она на што се научени грчките граѓани или жителите на „келтскиот тигар“. Заврши ерата на лесното живеење. Европа се движи кон поделба на цврстиот центар на еврозоната предводен од робусната Германија (која, пак, стекна самодоверба) и периферијата, која е на сизифовски маки. Реформите и штедењето сега се алфа и омега за овие паднати економии, но во 2011 година ќе им требаат нови хоризонти за себеспознавање и можен напредок.
Во овој Левијатан, Балканот и Македонија се споредни играчи, дури и на пошироката регионална сцена. Запретани во историските митови и во денешниот вршник, ние како да не гледаме што се случува надвор околу нас. Ние се' уште водиме битки во одамна завршени војни, нашите хоризонти се замаглени и има малку надеж дека во 2011 ќе ги препознаеме. Годината ќе биде важна во битката со самите себеси да сфатиме дека можеме да бидеме мал дел од светот што надоаѓа. Има малку оптимизам дека може да го направиме тоа, но мора да се проба и во оваа мисија треба да бидат вклучени сите што можат да допрат поинакви хоризонти од оние што ни се нудат денес.
Ова се темите за глобалната агенда денес. „Утрински весник“ ја има извонредна привилегија како единствениот весник од Македонија да биде дел од глобалната мрежа на „Проект синдикејт“, еден од најпрестижни светски извори на творците на јавното мислење од секој дел на планетава. „Проект синдикејт“ нуди неверојатни анализи на мислители за светот што се менува во сферата на политиката, економијата, науката и културата.
Во специјалната серија за предизвиците на 2011 година „Утрински весник“, освен анализите на своите истакнати новинари, ви нуди поглед однадвор за светот што се менува. На едно место во ова издание на „Дипломатскиот магазин“ ќе прочитате што мисли генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, за новите насоки на светската организација, како го гледа развојот на Турција во новиот свет нејзиниот премиер Реџеп Таип Ердоган; Хавиер Солана пишува какви се перспективите на заедничката европска одбрана; Кристофер Хил оценува дека Иран ќе биде уште еден проблем од пеколот за Америка; човекот што ја предвиде економската криза, Нуриел Рубини, ги толкува фискалните лудории; нобеловецот Џозеф Штиглиц предвидува што може да ја чека светската економија во 2011.
Во затворената и свртена само кон себеси Македонија, ова е извонредна можност да прочитате како размислува светот. Сите тие не се без надеж дека она што се случува на глобален план ќе има позитивно влијание врз секоја земја. На тој благ оптимизам на свој начин треба и ние да му дадеме своја боја.
|