Хавиер Солана
Прозорец за европската одбрана
Европа мора да ги достигне лекциите од своите минати успеси
Новиот пакт меѓу Франција и Велика Британија би можел да биде историски чекор
Vо денешно време, со буџети неверојатно скудни во Европа, загриженостите околу европската одбрана се се' поголеми. Меѓутоа, парадоксално, случувањата во 2010 година понудија надеж за иднината. Договорот од областа на одбраната потпишан во ноември од страна на Франција и Велика Британија се состои од две спогодби, кои покриваат заедничко распоредување на нивните вооружени сили, нуклеарно заплашување и подобрување на опремата и комуникациите. Оваа иницијатива има силна политичка поддршка од лидерите на двете земји и изразува недвосмислена одлучност за обединување против заедничките закани.
Ако коректно бидат имплементирани, овие спогодби би можеле да станат оптимистички преседан за целата ЕУ. Со надминување на строгите националните ограничувања, овие спогодби го исцртуваат идниот пат на европската одбрана и ќе помогнат да се утврди курсот на односите на Европа со САД и НАТО.
За подобро да се процени вредноста на спогодбите, мора да го споменеме контекстот во кој тие се зачнати. Во 1998 година, Декларацијата од Сент Мало од францускиот претседател Жак Ширак и британскиот премиер Тони Блер ја покажа одлучноста на двете земји да ги зајакнат безбедносните и одбранбените капацитети на ЕУ. Првобитно неподготвена да ја прифати Европа со автономен воен капацитет, Велика Британија од интервенцијата во Косово научи дека ЕУ мора да биде способна да одговори на криза брзо и ефикасно. Декларацијата од Сен Мало сигнализираше дека водечките воени сили во ЕУ беа подготвени да изградат сопствена одбранбена политика, иако не таква која во целост ќе биде автономна од НАТО. Всушност, преку договорите Берлин Плус, што ги потпомогнаа употребите на НАТО ресурсите за мисии преземени според Европската одбранбена и безбедносна политика (ЕСДП), НАТО го идентификуваше созревањето на ЕСДП во последнава деценија. Всушност, ЕУ презеде 24 мисии во Европа, Африка и Азија, различни по природа, обем, и цели, и комбинација на воени и цивилни средства.
Денес од ЕУ се бара да спроведе комплексни мисии во неповолни услови. Во тоа, Европа мора да ги достигне лекциите од своите минати успеси. Ние Европејците треба да одговориме благонаклонето, брзо и ефикасно. Одбранбените мисии мора да бидат поприлагодливи, брзи, мултинационални и мулти-инструментални. Тие мора да бидат фокусирани на стабилноста и безбедноста, без оглед на безбедносната ситуација или природата на конфликтот.
Сепак јасно е дека европската одбрана сега силно се бори со јавното финансирање. Освен тоа, најновата анкета на Еуробарометар покажува дека одбраната е последното нешто за што Европејците се загрижени.
Токму тука француско-британскиот договор станува од витално значење. Спогодбите го одбележуваат обидот да се урамнотежи акцијата и амбицијата во контекст на економската криза, фискалната консолидација, големата трансформација на одбраната, зголемување на меѓузависноста и глобалните закани - од тероризам и нуклеарно „размножување“ до климатски промени, недостаток на ресурси и епидемии - кои се невозможни за унилатерално да бидат решени. Тоа, исто така, претставува преседан за Велика Британија, подготвувајќи го патот за идните премиери да направат напредоци во таа насока.
Зајакнувањето на воените капацитети и на двете земји индиректно ги зајакнува оние на ЕУ. Барањата за синергии и ефикасност што се подразбираат од договорите би можеле, исто така да станат движечка сила за Европската агенција за одбрана (ЕДА). Британија би можела сега да ја сметаат ЕДА како одбранбен трошок, но кога ќе биде подобро дефинирана, таа би можела да претставува извор на заштеди за секоја ЕУ земја.
Освен тоа, договорите предвидуваат соработка во сајбер безбедноста, тероризмот, сателитските комуникации и поморската безбедност, кои исто така се клучни елементи од Лисабонскиот договор. Исто така, заедничките експедициони сили формирани според договорите би можеле да доведат до можна креација на поширока структура, како што веќе се замислува „билатералната соработка со НАТО, ЕУ, ОН или други операции“.
Солидарноста и согласноста по политички цели се итните загрижености на нашето време. Новиот пакт меѓу Франција и Велика Британија би можел да биде историски чекор кон рационализирање на одбранбените трошоци наместо кон демилитаризирање на Е��ропа. Ова зависи од патот кој ќе биде избран.
Во време на финансиска криза, мала е веројатноста дека земјите-членки на ЕУ ќе ги зголемат трошоците за одбраната. Меѓутоа, ако Франција и Велика Британија сфатат колку нивната проекција на сила е поврзана со онаа на Европа, ако ја направат соработката взаемна и ја прошират на други европски држави - според формулата предвидена во договорите - на крајот би биле сведоци на ЕУ со способност да преземе одбранбена улога што се очекува од неа од страна на глобалната заедница. Со изнудување поголема ефикасност и соработка, неволјата може да донесе бенефит.
Овој курс, исто така, може да ги намали американските загрижености околу пониските европски трошоци за одбраната. Француско-британските спогодби не се осврнуваат на обврските кон НАТО, кој е од клучен интерес за САД, бидејќи секое намалување во бројот на европски сили распоредени во странство неизбежно значи и поголем економски товар за САД.
Меѓутоа, француско-британскиот договор сепак значи напредок кон заедничка европска воена акција, и во Европа и на меѓународната сцена, што ќе ги охрабр�� САД. Исто така, и фактот дека иницијативата доаѓа од двете големи воени сили во Европа (чии комбинирани одбранбени трошоци претставуваат половина од вкупните трошоци на континентот) и двете имаат постојано место во Советот за безбедност на ОН.
Сево ова е дел од комбинираната трансформација на трансатлантската заедница од серија организации дизајнирани да ја бранат територијата од познат агресор, во нешто пофлексибилно и подинамично. Воспоставувањето заеднички менаџмент и поправање на континенталните одбранбени капацитети ќе биде двостран предизвик: функционален, што се должи на традиционалната шема на одбранбените организации и политички, доколку се бара отстапка од државниот суверенитет.
Друг, подеднакво важен предизвик е соработката меѓу НАТО и Русија, кои се согласија на самитот на НАТО во Лисабон, во ноември, да соработуваат на антиракетната одбрана на Алијансата. Овој однос мора да се темели врз соработка од која ќе има бенефити и двете страни, и дека ќе почитува одредени заеднички начела на владеење и немешање. Но, координирањето и делењето на капацитетите можат да им помогнат и на двата партнера да се справат со новата природа на конфликтите. Тука ЕУ може да примени лидерство, бидејќи ова е политички процес кој штотуку почна.
Како што британскиот премиер Дејвид Камерон изјави за договорот со Франција: „Ова е почеток на нешто ново, а не цел сама по себе“ - зборови што се ехо на оние на Жан Моне, еден од основачите на Унијата, за соработката во Запад. „Ова не е цел сама за себе“, рече Моне. „Тоа е почеток на курс кон поорганизиран свет што ние мораме да го постигнеме ако сакаме да избегнеме деструкција“. Француско-британскиот договор во 2010 година беше еден охрабрувачки знак за 2011 и понатаму: чекор по макотрпниот, но неопходен пат кон поголема европска безбедност.
(Авторот е претседател на Центарот за глобална економија и геополитика, поранешен комесар на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, поранешен генерален секретар на НАТО и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |