14.08.2012, 17:53 Филе гледа позитивен тренд во Македонија
„Не е добро ни за земјата-кандидат ни за ЕУ да се одолжува времето меѓу давањето кандидатски статус и почетокот на преговорите за членство“, вели еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, во интервју за чешкото издание на „Еуроактив“, коментирајќи ги европерспективите на Македонија.
„Се подготвуваме за третата рунда од дијалогот на високо ниво. Ако продолжи позитивниот тренд на успешно исполнување на поставените задачи, Европската комисија, секако, ќе препорача овој напредок да се одрази на европскиот пристап кон земјата“, изјави Филе.
Тој е оптимист во врска со европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, а особено за Хрватска и за Црна Гора кои, според него, најмногу напредуваа на европскиот пат. Хрватска идната година и формално треба да стане членка на ЕУ, а на Црна Гора во почетокот на летото и' е одобрен старт на преговорите за членство.
„Нема замор во реформите и нема замор во процесот на проширување, како што погрешно јавуваат медиумите. Црна Гора е добар пример за тоа“, изјави Филе за „Еуроактив“. |