14.08.2012, 17:34 Треба да се чуе гласот на граѓаните
Потрошувачите се мобилизираат по најновите поскапувања
Маја Томиќ
Парното од 1 август поскапе за околу 4 отсто, струјата за 10, а од завчера и бензините пак скокнаа за 3,5 денари, по којзнае кој пат годинава. И додека Организацијата на потрошувачи на Македонија се' уште ги сумира и ги анализира писмените реакции од граѓаните за да реши кога ќе достави писмена реакција до Регулаторната комисија за енергетика, граѓаните решија самите да се организираат и да протестираат за серијата поскапувања што ни се случуваат. Тие спонтано се здружија преку социјалните мрежи и синоќа се собраа пред Регулаторна, на плоштадот „Пела“, за гласно да го искажат својот револт од повисоките цени на парното, струјата и горивата, кои го допираат сечиј џеб. Организатор на протестот е социјалната група „Аман“, на која спонтано и' се приклучија стотици граѓани. Протести ќе има секој вторник во 18 часот, а освен во Скопје, граѓаните ќе го искажат својот револт и во Битола и други градови во земјава.
„Треба да се чуе гласот на граѓаните, без разлика дали станува збор за млади или повозрасни луѓе, дали имаат или немаат средства за егзистенција. Поскапувањата не' допираат сите подеднакво и сите треба да реагираме, не да бидеме воздржани“, вели Инес Ефремова од „Аман“. Таа додава дека на неколку меѓусебни средби што ги имале на отворено членовите на групата одлучиле да се именуваат како „Аман“. Засега не се размислува оваа група да прерасне во некаква невладина или друга организација. Инаку, во „Аман“ членуваат лица на различна возраст, има и средношколци и студенти и повозрасни лица, вработени и невработени.
„Јас лично сум вработена, но живеам сама и со својата плата ги плаќам сите месечни трошоци. Животните трошоци станаа веќе неиздржливи за сечиј буџет, без разлика дали станува збор за повеќечлено семејство или за самци, за пензионери... Сите треба да се избориме за сопствените права. Време е да кажеме дека ни е доста од она што ни се прави врз грбот. Во време на беспарица, Регулаторна постојано ги зголемува цените на парното, струјата, горивата..., а со тоа растат и сите други цени“, вели оваа млада скопјанка.
Според Ефремова, протестот е инициран сосема спонтано, преку социјалната мрежа „Фејсбук“, односно преку креирање „Фејсбук-настан“ од кој произлегоа понатамошните средби како и формирањето на иницијативата - „Аман“.
„Цениме дека со одредени одлуки, како со Правилникот на „Топлификација“ се кршат основните човекови права, што е недопустливо. Познато е дека од 2008 година платите се во застој поради кризата, а цените постојано се зголемуваат. Стасани сме сме до точка кога и базичната егзистенција за македонскиот граѓанин станува неиздржлива. Оттаму ги формулиравме нашите барања“, вели Ефремова.
Инаку, „Аман“ до Регулаторна и до Владата ќе достави писмени барања за враќање на цените на струјата и на парното на нивото од 2008 година, враќање на евтината тарифа на струјата, укинување на ставката за ангажирана моќност од 33 отсто на секоја сметка, намалување на цените на горивата според стандардот на граѓаните, повлекување на новиот правилник за парното на „Топлификација“, како и спречување на продажбата на ЕЛЕМ и почнување инвестиции во обновливи извори на енергија.
|