03.07.2012, 17:20 Пациенти страдаат и од пропустите на Брза помош
За Итна помош да не биде само такси-служба, Министерството за здравство реши да ги освежи знаењата, како на новите 80 лекари, така и на постојниот кадар
Јасмина Јовановска
Речиси нема ден, а да не се пожали некој пациент на услугата што ја даваат итните медицински тимови во земјава. Поплаките се најразлични. Граѓаните се жалат на превисоката партиципација за транспорт од една до друга болница, на тоа дека болен се пренесува без лекарска придружба и на пат подолг од 100 километри, а често има поплаки и на несоодветен третман.
Какви пропусти се направени при итната помош, пациентите најчесто дознаваат кога ќе стасаат во болницата или клиниката каде што треба да се лекуваат. Некои од нив велат дека за влакно ја избегнале смртта поради неспособноста или неажурноста на Брзата помош. За Брзата помош повеќе да не биде само такси-служба, Министерството за здравство се реши да им ги освежи медицинските знаења како на новите 80 лекари кои ќе се вработат во итните служби, така и на веќе постојниот кадар.
„Имав проблеми со срцето и неколку пати губев свест. Кога дојде Брза помош гледаше што поскоро да ме однесе на клиника, без да ми даде некоја терапија. Дури кога ме качија во возилото им текна за некаква инфузија“, раскажува 69-годишен пензионер од Скопје.
Кога пациентот стасал на Кардиологија, сфатил дека Брзата помош направила почетничка лекарска грешка. „Атропин во инфузија, секој чест“, само кратко прокоментирал дежурниот лекар во ургентната амбуланта. Ваквиот коментар за пациентот бил доволен да сфати колку била соодветна терапијата за неговата состојба.
Со слична мака се соочил и еден пациент на дијализа. Добил страшна градна болка. И покрај лекарските извештаи за неговите болести, Брза помош му дала терапија од која место да му биде подобро, му било уште полошо. „Почнав да губам свест. Лекарот се исплаши и право на Нефрологија. Дежурниот лекар се чудеше како можеле да ми дадат терапија која ми ја забавила работата на срцето“, објаснува 38-годишен пациент. Следниот ден се установило дека болниот имал проблеми со желудникот, а не со срцето.
Министерот за здравство Никола Тодоров, иако вчера најави обука за лекарите од итната медицинска помош, која заедно со новите 70 амбулантни возила треба да ја намали смртноста од срцевите болести и од скршеници, сепак, не смета дека итните лекарски тимови имаат пропусти.
„Си ја вршат работата и спасуваат животи, а медицината не може секогаш и секаде да помогне“, изјави Тодоров на прашањето дали обуката се прави за да се намалат лекарските грешки. „Со обуката која ќе трае три дена во секој град каде што има итна служба, треба да се освежат знаењата на лекарите и да се воведат новите протоколи за итна помош“, додаде Тодоров.
Лекарите од Брза помош ќе се учат како да ставаат надворешен пејсмејкер, кој треба да ја подобри работата на срцето, но и како што рече кардиологот Елизабета Србиновска, како порано да го препознаат срцевиот инфаркт, кој е причина за смртност кај 20 отсто од сите срцеви болести. Д-р Виктор Камиловски, пак, ќе држи обука како лекарите правилно да ги имобилизираат сите видови скршеници, посебно оние кои се животно загрозувачки. |