03.07.2012, 17:19 Инспекторот казнува колку што сака
Прилепските дуќанџии се закануваат со протести доколку за еден месец казните не бидат законски намалени
Моника Талеска
Прилеп - Прилепскиот малостопанственик Димитрија Саботкоски егзистенцијата на своето четиричлено семејство ја обезбедува од својот мал, приватен бизнис. Има маалско дуќанче за продажба на колонијална стока. Тука, освен него, работат сопругата, ќерката и внуката од починатата сестра. Работеле, вели, чесно, коректно, со почитување на законските регулативи и ги плаќале навреме сите давачки кон државата.
Но, неодамна го посетиле инспектори од УЈП. Парите во касата не се сложувале со сумите отпечатени на фискалниот апарат. Имало 84 денари повеќе остварени од продажба на ваучер. За овој пропуст, тврди, добил казна од 3.250 евра кои не е во можност да ги плати веднаш. Сега разочаран размислува да го затвори бизнисот. А, летово сите ќе садат тутун за да ја плати казната, оти едноставно нема друга можност да го плати долгот.
„Немам пари, а нема ни кој да ми даде. Неразбирливо е да платам ваква казна. Јас не сум фабрика која печати пари. Едвај си обезбедувавме егзистенција и еве што не' снајде. Јас не го криев ни ваучерот, значи не станува збор дека и таа сума немаше да биде отпечатена. Принудени сме да садиме тутун за да го платиме долгот. За дуќанот, не знам ни како ќе работи во иднина, ни како ќе живееме. Го отворивме за да не живееме од социјална помош и ете што не' снајде“, се жали Саботкоски.
Освен него реагираат и многу дуќанџии во старата прилепска чаршија. Тие по средбата со прилепските пратеници, негуваат надежи дека ќе ги остварат барањата за измени на законската регулатива, но најавуваат и протести ако не се случи тоа.
„Доколку во рок од еден месец не се остварат нашите барања за измена на законите кои ја регулираат оваа дејност, а се однесуваат на намалување на казните и не ни се овозможи едноставно право на жалба, ќе ставиме катанец на вратите на дуќаните и ќе протестираме. Ќе изразиме граѓанска непослушност, нема да плаќаме никакви давачки, а во градот веќе нема да се продава ни млеко, ни леб, ни основни прехранбени производи. Мора да се стави крај на овој однос на инспекциските служби. Не само од Прилеп, нашето новорегистрирано здружение добива поддршка од малостопанственици од целата држава“; изјави Влатко Ристески од Здружението на дуќанџиите.
За да се надминат сите овие проблеми, кои уште минатата година ги детектираше невладината организација АГТИС преку истражувачка анкета, сега се спроведуваат многубројни трибини, со цел бизнис-ресорот јавно да проговори за проблемите. Но, од друга страна, и да се едуцираат бизнисмените да знаат како да се однесуваат при посета на инспекторите.
„Овој проект немаше ни да го направиме ако не ценевме дека слободата на говор е загрозена на разни начини. Тоа значи дека немаме дискусија, дека проблемите на стопанството не секогаш одат до Владата, а таа секогаш не ги зема тие индикатори од пазарот како појдовна точка за менување на законите. Треба да се носат закони кои не им го празнат џебот на бизнисмените, или тоа да биде дозирано и воспитно. А, гледаме една друга ситуација на теренот, каде што казните во суштина значат ликвидација на фирмите во многу градови“, изјави Александар Цветкоски, претседател на невладината организација АГТИС.
Од спроведената анкета од над 1.700 пристапувања, важечки се само 266 ливчиња, што според АГТИС говори за стравот на луѓето да одговорат на прашалникот.
„Можеби немаше да ги имаме ни тие ливчиња, без инволвирање на Бизнис- конфедерацијата на Македонија каде што ја искористивме љубезноста на нашите партнери БКМ, да ни помогнат да пристапиме и слободно да разговараме со бизнисмените за нивните проблеми во врска со инспекциите. Според мислењето на стопанствениците, казните се превисоки, а постои правна несигурност кај стопанствениците која произлегува од честото менување на законите. И поради тоа што не се појавуваат прочистени текстови, но и поради нејаснотијата на законите која им дава големо право на инспекторите сами да го толкуваат законот. Но, бизнисмените се и збунети. Од една страна велат нема корупција, а од друга тврдат дека инспекторите се' уште можат да се подмитат. Секако, има и други примери кои говорат за неминовната потреба од корекции и фидбек меѓу бизнис-ресорот и власта во овој даночен сектор и имплементација на регулативите од сферата на УЈП“, додава Цветкоски.
Според експ��ртите, без стабилни и кредибилитетни институции не може да се очекува каков било економски, ниту социјален развој на државата. А, особено значаен сегмент се институциите кои ги регулираат пазарите, зашто имаат релевантна улога во развојот на пазарната економија.
„Државниот пазарен инспекторат имплементира 40 закони и уште толку или нешто повеќе подзаконски акти. Нормално би било човек, фирма или бизнис- заедницата да не ги знае сите. Но, инспекторот треба да знае интелектуално да ги покрива сите закони. Првото негово стапнување во фирмата мора да биде во функција на едукација на стопанственикот. Значи корективната улога на Инспекторатот е многу значајна, треба да се даде простор од неколку дена да се отстранат недостатоците кои ќе се откријат. Тоа ќе биде возможно само ако инспекторите имаат континуирано образование, ако се во тек со законските промени. Но, јас не сум сигурен дека инспекторите ги прочитале сите закони и подзаконски акти и до крај се сигурни кога инспектираат“, изјави проф. д-р Предраг Трпевски на последната трибина организирана од АГТИС.
Не само забелешките на дуќанџиите, туку и сите забелешки од овој проект со наслов „Инспекторот ѕвони колку што сака“, ќе бидат доставени до Економско-социјалниот совет, со цел да се подобри стопанската клима во Македонија, наместо затворање на бизнисите да се стимулираат домашни и странски инвеститори својот капитал да го вложат во земјава. |