08.07.2012, 14:19 Мислења
Benelux for dummies
Арсим Зеколи
Испреплетената карта на енергетски текови познава мал милион примери на склучени, па модифицирани или раскинати договори, како резултат на политиката на денот или превласта на владејачката опција во одредена држава или регион
Пред пет години, во Виена, заедно со колега-амбасадор од една од екс-Ју републиките, присуствувавме како посебни гости на вечера организирана во чест на група високи стопанственици од една влијателна ЕУ- земја членка. Опкружени со домаќините неоптоварени од дипломатски протоколи и државни обврски, дискусијата се одвиваше во отворен тон и се фокусираше врз пазарите на Балканот, со посебен осврт на албанскиот „како пазар кој не познава граници и прифаќа ризик“, како што заклучи еден од гостите. Она што, сепак, ми остави најдлабок впечаток е речиси константниот молк на нивниот дипломатски претставник и наш колега, молк кој тој подоцна во дискретна дискусија го образложи како „реалност на времето, во кое бизнисот е новата дипломатија”. Неколку години подоцна и илјадници километри подалеку, еден друг амбасадор, исто така од ЕУ, во една пригода ми се пожали дека властите на Туркменистан го игнорираат и преферираат да разговараат директно со стопанствениците од неговата земја. Мојот коментар беше кус – „бизнисот не сака сведоци“.
Сеќавањата на овие епизоди наврнаа под наплив на вербалните предизборни успеси на владината коалиција, географски прецизно поделени на источни јужни текови и западни балкански бенелукси. Настрана сомнежите дека во случајот со Јужниот тек се работи за барокна гасопроводна маска за смирување на опозициски се' порастревожената источна Македонија, се наметнува прашањето за стратегиската нота на овој договор и можните реперкусии за нашата земја и самата извесност за реализација на самиот договор. Сепак, има причина зошто сферата на гасопроводните мрежи во модерниот вокабулар се вклопува во одредницата енергетска сигурност, која упатува на многу поширок спектар стратегиски интереси, се разбира на прво место вклучувајќи го економскиот, но воопшто не занемарувајќи го и политичкиот и военобезбедносниот момент.
Договорите се едно, но испреплетената карта на енергетски текови познава мал милион примери на склучени, па модифицирани или раскинати договори, како резултат на политиката на денот или превласта на владејачката опција во одредена држава или регион. Колку за пример може да се земе судбината на Набуко или односите во Каспискиот и централно-азиски регион. Како и да испадне работата, далеку е 2015 година, а во меѓувреме не смееме да заборавиме дека ветувањата ги греат срцата, но кратковидите политики можат да не' смрзнат, како што тоа го сфатија многу Европејци пред неколку години. Толку повеќе што предложените рокови за пробив на рускиот гас во нашата земја коинцидираат и со други слични иницијативи од други заинтересирани страни од чија поддршка сме и тоа како зависни.
Но, ако јужните текови добија каков таков службен потпис на владината администрација, повторното појавување на идејата за балкански Бенелукс е без сомнение солидна илустрација на максимата дека секоја политика е суштински локална или во конкретниот случај дури е посоодветно да се каже - партиска.
Имено, судејќи барем според информациите, недоминлив е впечатокот дека одново заживеаната идеја за балкански Бенелукс е замислена како помпезен вербален супститут за понижувачкиот политички дебакл на евроинтегративните процеси под капата на ДУИ. Секој и малку подобар познавач на политиката на оваа партија е свесен за речиси општо-споделена опсесија со т.н. големи прашања, која е повеќе илустрација за нивниот модус-операнди со која ги добиваат изборите, отколку што е резултат на некоја идеолошка мисла, а уште помалку некакво регионално стратешко размислување. Со други зборови кажано, ДУИ има насушна потреба да и' даде смисла на својата егзистенција како политичка партија со историјска мисија. Посебно во пресрет на претстојните избори, при што идејата за балкански Бенелукс е податна како портабл иницијатива за еднократна употреба и одвлекување на вниманието на гласачите од суштинскиот пораз на ветената политика за одмрзнување на процесите за членство во НАТО и ЕУ. Впрочем, самиот факт што промоцијата на идејата како таква е доделена на млад и сепак недоволно искусен претставник, како што е министерот за економија, може да послужи како јасен индикатор за вистинските мо��иви и очекувања.
Но, во заднината на фамозната средба во Тирана стои и дополнителен, притаен мотив во форма на своевидна надворешно-политичка реприза на Кале 2011, со цел промоција на уште еден надежен, млад и во политика вљубен локален политичар од ДУИ, кој преку средби со државници од калибарот на Бериша треба да го добие сертификатот на гранде политико во очите на албанските гласачи во Скопје. Таквата промоција на најновата фигура во рацете на чаирскиот полит-бизнис Левијатан, всушност го означи стартот на борбата за позиции во самата ДУИ, што набргу се потврди од изјавите кои уследија од страна на засегнатите и растревожени ривали кои ја разбраа вистинската природа на посетата на Сараќини во Тирана. Останува уште да разберат дека приказните за Бенелукс нема да го одвлечат вниманието на гласачите од се' подлабоките дупки во чаирскиот афалт.
Настрана локално-политичките ситно профитерски игри и надмудрувања, сепак, идејата за потесна соработка помеѓу земјите од западен Балкан (вистинското крштевно име на истите) не е нешто кое може да се прифати без исцрпна анализа на економската одржливост и потреба, ниту, пак, да се отфрли под изговор на параноичните обвинувања за градење голема Албанија.
Гледано од минус перспектива, промоција на таква идеја во моментот кога Црна Гора ги започнува преговорите за членство во ЕУ не дава многу (или воопшто) надеж за оптимизам. Едноставно, зошто кој било би се впуштил во неизвесна авантура на тесен простор, кога пред себе полека се отвораат (со сите извесни тешкотии) портите на големото европско семејство. Наедно, огромно е прашањето каков би бил ставот на големите играчи кон една таква групировка со нејасна динамика на внтарешни односи. Во врска со тој став, како релативна плус перспектива, можноста за успешност на таквиот план се базира врз една едноставна пресметка дека за ЕУ (барем во сегашниот формат) е поприфатливо да се има еден глас од западниот Балкан, наместо четири, што може да влијае врз процесот на одлучување и балансот на силите во Унијата.
Затоа, наместо заклучок и повеќе како потсетување, би ги навел повторно изјавите од почетокот на текстот. Иднината на регионот, во оваа или каква и да е форма, јужнотечна или бенелушка, сепак, не се одредува во политичките и дипломатски салони, туку во бордовите на економските фактори. Во дискретни атмосфери на меѓусебно уважување и долгорочно планирање и далеку, многу далеку од ушите и очите на јавноста. Се' другото е само евтина политичка пропаганда за еднократна употреба.
|