08.07.2012, 15:32 „Работното лето“ освежено со рози и портокали
Репортажа на „Утрински весник“ од патувањето на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски од Скопје до Крива Паланка
Наум Котевски
Со црвени рози и портокали, претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, и раководството на партијата го продолжија проектот „Работно лето“ и го промовираа Горан Младеновски за кандидат за градоначалник на Крива Паланка. Во автобусот кој тргна од пред седиштето на СДСМ во Скопје, беше раздвижено како што е раздвижена во последно време политичката сцена. Црвенковски првин ги замоли фотографите барем за момент да се воздржат од сликање, бидејќи, како што се пошегува, по неколкуте „кој пее таму“ авантури добил повици од неколку агенции за туристички водич. Тој отиде во задниот дел од автобусот и со помош на блискиот соработник, Игор Ивановски, извади кутија со црвени рози, кои им ги подели на новинарките и на партиската колешка, Весна Бендевска.
„За да не помисли некој дека само црвената боја е во игра и розите како симбол на СДСМ, за сите вас имам и по еден портокал“, рече Црвенковски, кој набргу потоа се насочи кон посериозни теми.
На прашањето дали е возможна предизборна коалиција со ДПА, Црвенковски кажа дека СДСМ е отворен за соработка. Сепак, најреалната опција е неформална поддршка меѓу двете партии на локалните избори за Скопје, Битола, Куманово, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Сарај и Студеничани.
Црвенковски ја поздрави одлуката на Трифун Костовски политички да се ангажира. „Последниот пат кога се видов со Костовски ми кажа дека сака да и' се врати на политиката. Дали со индивидуален агажман или со формирање партија, сеедно. Ме радува кога кој и да е од бизнисот или од интелектулната елита ќе сака гласно да го каже својот став, а не да го чува за себе. Според она што го разговаравме можам да кажам дека тој е незадоволен од функционирањето на оваа власт и дека сака да дејствува во опозицискиот дел“, открива Црвенковски, кого во Крива Паланка го дочека силен дожд, сличен како оној неодамна на „Вимблдон“. Но, исто како и на централниот терен во Лондон, така и пред главната станица за дистрибуција на гас во Македонија во Жидилово, како една од инвестициите на кои се горди од СДСМ, се затвори покривот над главата на присутните, но во една малку пософистицирана „најлон“ варијанта.
“Ова е добар повод да се потсетиме дека се' што е изградено, се' што е инвестирано во делот на гасификацијата во Македонија во овие 20 години е направено од страна на СДСМ. Откако СДСМ ја актуализираше оваа тема со гасификацијата, веднаш се покажа и Владата со меморандумот потпишан со Русија. Иако тоа го прават вторпат се надевам дека ова нема да е само празно предизборно ветување, како се' што е направено досега од владејачката гарнитура. Крива Паланка мора да добие нова сила, нов поттик за посветла иднина”, порача Црвенковски, кој за пругата кон Бугарија рече дека бил повеќе безбедносно политички проект, отколку економски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Црвенковски го изгубил контактот со реалноста.
„Сега ќе ја убедува целата јавност дека имаме гасовод, дека граѓаните може да користат гас и дека тој го направил. Тоа го прави дури откако владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за изградба. Ова е класично потценување на граѓаните. Црвенковски забегува во сопствената ароганција и безобразие. Во вакви лаги веќе никој не верува. Вакви лаги единствено можат Бранко со партнерот Љупчо да си кажуваат и да си се лажат меѓусебе. Граѓаните не му веруваат, тие веќе одамна го прочитаа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. |