Катарина Илиевска
Черешна се од корен корнеше,Кети се за Боби мажеше
Не само во бајките во кои глуми во матичниот Театар за деца и младинци, туку и на јаве, на актерката Кети Илиевска и' се оствари сонот - го дочека својот принц на бел коњ. Волшебна беше свадбата на Кети и Боби Силјановски, вработен во телевизија Телма, во одделот за реализација на програмата, кои на 19 јуни се заколнаа на вечна љубов, најпрво пред Бога, во црквата „Св. Ѓорѓија“ кај Кале, а малку подоцна и пред „службени“ лица од матично, кои ги прогласија за маж и жена во присуство на нивните блиски и останати гости во ресторанот „Воденица“.
Оние што присуствуваа на свадбата велат дека одамна не се забавувале толку убаво, особено ако се има предвид списокот на гости на кои доминираа колегите - актери, режисери, новинари, спортски коментатори, монтажери, тонци, миксери... Зарем може нешто да киксне во вакво друштво? Официјално, за музичкиот дел биле задолжени т.н. бенд на Таше или „Весел бакшиш“ и Бени Шакири со едно и полчасовен настап, а за фантастична кулминација на атмосферата придонеле „актерските пејачи“- Тања Кочовска, Владимир Лазовски и Драган Довлев, кои заедно со невестата имале неколку минутен АББА-настап.
Улогата на кум ја имал другарот на Боби - Пајо, а старосватица била другарка и' на Кети, Маја. Од 19 јуни, па натаму, Катарина се одѕива на две презимиња: Илиевска-Силјановска. Нека им е вечна љубовта! (К.Ш.) |