ЕДИТОРИЈАЛ
Патувачка голгота
Тина Иванова
Непрофесионалност, неподготвеност, лошо менаџирање, лоша организација или одење со глава в ѕид по секоја цена. Што и претходеше на патувачката голгота на македонските уметници од Македонската опера и балет во Франција? Дали уметниците знаеле што ќе ги очекува на ова нивно прво гостување во градот Безие, две илјади километри оддалечен од Скопје, знаеле ли каде ќе бидат сместени и на каков домаќинлук ќе наидат, зошто се согласиле да патуваат со автобус, а не со авион? Може ли после дводневно малтретирање по пат, после психичка и физичка исцрпеност и без доволно проби да се изведува толку комплексно дело како што е „Кармина Бурана“? Ова се прашањата кои деновиве често се поставуваат во музичките кругови за катастрофалното „возење“ на музичките и балетските уметници од Македонската опера и балет.
Само да потсетиме, уметниците тргнаа да ја претстават во добро светло својата матична куќа, и својата земја се разбира, на патување во Безие, каде во рамките на фестивалот „Кантарена“ требаше да настапат во „Арената на претставите“ со вокално-инструменталното дело „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Се согласиле да патуваат со автобус на далечен пат, што е навистина храбар чекор особено во екот на летото, и покрај предупредувањата од страна на ССМУ (Синдикатот на сценско музичките уметници) да не тргнуваат на ваков пат доколку не им се обезбеди авионски превоз. Но, на инсистирање на директорите (менаџерите) на МОБ, поголемиот број од уметниците се согласиле да одат, иако не очекувале дека ќе наидат на пречки кои ќе ги доведат до таму да ја откажат претставата. Накусо, патешествието се одвивало вака некако: едниот автобус се расипал, фирмата не испратила нов, дел од уметниците морале да преспијат во Падова, некои од жешкото време и колабирале, потоа половина од патот го поминале без клима, за на крајот, француските организатори да ги сместат во интернат со крајно лоши хигиенски услови.
Проблемот може да се бара и кај македонските, но и кај француските организатори. Каков ќе биде исходот од се ова, допрва ќе видиме. Организаторот на фестивалот „Кантарена“ веќе ги нарече македонските уметници „кучиња“ поради нивното однесување, иако навистина, барем според досегашните изјави на дел од учесниците, тие и така беа третирани. Како и да е, нема оправдување ниту кај едната, ниту кај другата страна. Раководството на МОБ најавува прес-конференција на која ќе ги изнесе сите детали. Но, работата е веќе завршена. На сметка на лошото менаџирање, ако воопшто постои некаков менаџерски тим во вистинската смисла на зборот, уметничките души страдаат, се запоставени неоправдано, се потценуваат, понижуваат.
Ова е само уште една потврда дека државата, колку и да се перчи со добрата култура, со добрите уметнички дела, таа ги деградира уметниците со тоа што нејзините институции не умеат да создадат основни услови за едно достоинствено претставување, а не, пак, да биде нивен заштитник. Единствената нејзина грижа барем во последно време се хероите од минатото. Многу пати досега сме зборувале дека живата култура и третманот на уметниците кои се денес овде, тука, кои сега ги создаваат своите дела, заслужуваат многу повеќе од тоа што го добиваат. Но, наместо нивниот творечки труд да резултира со некоја брилијантна творба, тие се бават со траги-комични ситуации кои немаат врска со нивната уметност, туку со нечие менаџерско-организациско тупење. |