МВР
Полицајците да бидат љубезни со странците
05.07.2011, 13:40
Минимална контрола на возилата што транзитираат преку земјава, поголема толерантност во однос на помалите сообраќајните прекршоци и љубезно однесување се дел од советите што МВР им ги препорачува на своите вработени кои ќе имаат директен контакт со странските туристи што летово ќе возат низ Македонија.
Овие препораки, според МВР, биле со цел да се подобри впечатокот кој странските државјани го добиваат за земјава. Доколку постои сериозна причина за запирање на некое возило, тогаш пожелно е задржувањето да трае што е можно покусо и притоа да не се прекршува етичкиот кодекс на однесување на полицајците.
МВР пред две недели почна со делење информативни материјали, испечатени на осум јазици, на сите гранични премини при влез во земјава, со кои на странските државјани им се даваат корисни информации за да се запознаат со законите што важат на патиштата низ земјава.
"Македонија се наоѓа на крстосница од европските коридори 8 и 10, кои се исклучително фреквентни во летниот период, кога голем број туристи и иселеници ги користат одморите за да посетат некоја дестинација или за да се вратат во родната земја. Тоа значи дека стотици илјади странски државјани во текот на овој и следниот месец ги минуваат границите и ги користат македонските патишта", потсетуваат надлежните. (Г.А.)
|