Аплаузи и извици за „Панкот...“ во Карлови Вари
„Ова е филм што го направив по цели 17 години. Можете да замислите што значи за мене тоа што стојам тука пред вас“, рече Владимир Блажевски
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
КАРЛОВИ ВАРИ - Прексиноќа на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка, македонскиот филм „Панкот не е мртов“ ја имаше својата светска премиера. „Ова е филм кој го направив по цели 17 години. Можете да замислите што значи за мене што стојам тука пред вас. Затоа многу ми значи вашето мислење и вашата реакција“, рече режисерот Владимир Блажевски пред проекцијата на филмот. Но, публиката реагираше добро. Имаше само неколкумина што ја напуштија салата во прекрасниот театар „Дивадло“, каде што се одржуваат премиерите на сите филмови што се вклучени во програмата „Источно од Запад“. Меѓутоа, оние што останаа докрај, а кои беа во доста голем број, реагираа одлично, испраќајќи го со долг аплауз и со извици и свирежи на одобрување. Беше тоа силна и спонтана реакција, каква што не е толку вообичаена, дури и покрај претежно младата, енергична и бунтовна ��ублика, што сепак покажа дека филмот навистина ги понесе.
Покрај режисерот Владимир Блажевски во Карлови Вари е и продуцентот Дарко Попов, како и главниот актер Јордан Симонов, кој дефинитивно го носи филмот. Тука е и директорот на Филмскиот фонд Дарко Башевски, кој се потруди добро да го претстави филмот, а по неговата проекција направи и прием, што е вообичаено за премиерите и како што навистина доликува да се претстави една земја која има филм во една од главните програми. Остварувањата во програмата „Источно од Запад“ се борат за наградата од 10 илјади долари, а во жирито кое одлучува за оваа награда се бугарската продуцентка Росица Влканова и српскиот режисер Срефан Арсениевиќ, кој беше одушевен од филмот.
Авторот на „Мефисто“ се' уште е активен
На фестивалот во Карлови Вари оваа година има навистина многу настани и голем број познати гости, што не е секогаш случај. Меѓу нив се и американските актери Барт Јанг и Дејвид Морс, а се очекуваат и Џон Малкович и Џон Туртуро, па сепак, една од најинтересните и најзначајни личности што годинава е овде, дефинитивно, е унгарскиот ветеран Иштван Сабо. На пошироката публика Сабо и е најпознат по култниот филм „Мефисто“, но со неговата трилогија, каде се и „Полковник Редл“ и „Ханусен“, Сабо направи бум и стекна таков углед кој го држи на врвот сите овие изминати декади. Сабо имаше проблеми во својата земја во времето на комунизмот, прогонувања и обвинувања дека е агент, но беше доволно силен и одважен да остане таму и да прави авторски филмови, кои извршија големо влијание на европската филмска историја. Сабо беше и остана гласот на својата генерација.
20 век е еден од најужасните
во историјата
Во Карлови Вари тој е претседател на главното жири, а со оглед на неговата филмографија и искуство, организаторите го искористија да направи и мастер-класа. Сабо таков каков што е, зборуваше многу отворено и жестоко за тоа дека европскиот филм денеска е многу полош од порано. „Добриот европски филм е изграден на чесното искуство во животот на европските актери, а тоа е искуството на 20 век, еден од најужасните векови во историјата“, рече Иштван Сабо, кој, всушност, беше дел од сите премрежиња што се случија во втората половина од минатиот век.
Но, како што вели тој, добрите филмови му помогнале да живее, бидејќи тој ги сака филмовите, а особено оние што умеат да ги изменат нештата и да му дадат нешто на светот. На прашањето, како ќе оценува, што ќе му биде приоритет како претседател на жирито - дали чувството или инстиктот, тој рече дека е најважна сликата која останува во сеќавање. Дека филмот треба да има сила да ви помогне да погледнете зад завесата, да се соочите со своите предрасуди, да ве збогати како личност и да не биде здодевен. „Има теми што ме возбудуваат, има тајни чие богатство е невозможно да се открие. Полесно е да ја откриете длабочината на океанот отколку нивното вистинско лице“, додава Сабо и вели дека тоа е и она што го одржува толку време во оваа работа. Неговото присуство овде му додава тежина на фестивалот, а победникот го прави неизвесен до самиот крај.
|