Исчезната Хрватка се бара и во Македонија
Балканот во потрага по 17-годишната Антонија Билиќ. Киднаперот уапсен, тврди дека ја убил, ама не кажува каде
Потрагата по 17-годишната девојка од Хрватска, за која веќе еден месец нема ниту трага ниту глас, почна да се шири и во околните држави. Апел за помош да се пронајде младата Антонија Билиќ, која стопирала бел камион во близина на местото Дрниш по што и' се губи секаква трага, деновиве пристигна и на македонска адреса. Нејзини блиски пријатели и роднини бараат помош од медиумите на Балканот да се вклучат во потрагата со цел да се пронајде девојката, за која тие се сомневаат дека е жртва на трговија со луѓе.
Приказната за младата Антонија се најде на ударните страници во хрватските медиуми уште пред еден месец кога таа исчезнала откако стопирала возило на патот. Полицијата во меѓувреме го уапси Драган Паравиња од Босна, кој се води како главен осомничен за киднапирање на девојката. Станува збор за камионџија, кој пред истражните органи признал дека ја „собрал“ девојката, по што се обидел да ја силува, а кога таа му дала отпор, ја задавил. Потоа, како што признал, го фрлил нејзиното тело од мостот на реката Крка, но потрагата што трае со денови на овој потег, не дава никакви резултати. Ниту нуркачи ниту специјални полициски екипи не можат да го пронајдат телото на девојката.
Ваквите изјави на камионџијата се земаат со резерва, со оглед на тоа дека тој давал различни искази за тоа каде го фрлил телото на девојката, а одбивал да оди на полиграф за да се утврди дали ја кажува вистината. Во меѓувреме, според хрватските медиуми, неговото име се споменува и во уште шест случаи на силувања девојки во Босна и Херцеговина.
„Се сомневаме дека Паравиња можеби лаже и дека Антонија завршила како жртва на трговија со луѓе. Затоа ве молиме да ја објавите нејзината фотографија и основните информации за неа, со цел да се помогне во нејзиното пронаоѓање“, се вели во писмото што деновиве беше испратено и до „Утрински весник“.
Над 200 припадници на полицијата, нуркачи и пожарникари, како и припадници на хрватската горска служба се вклучени во потрагата по исчезнатата девојка.
Се пребарува околината на Книн, текот на реките Орашница и Крка, како и езерото Брљан. Според хрватските медиуми, во изминатите денови било испразнето езерото Брљан за еден и пол метар, со цел да се пронајде телото на девојката. Ова езеро било детално проверувано до самото дно, бидејќи Драган Паравиња тврдел дека телото на Антонија го фрлил токму таму. Потрагата, според медиумите, оди бавно бидејќи езерото е полно со скриени дупки, подводни пештери, наслојки со тиња, купишта гранки, но и отпад, кои возачите ги фрлале на поминување.
Во една од најголемите потраги што се случува во Хрватска е вклучен е хеликоптер, кој постојано го надлетува теренот, во обид да пронајде каква и да е трага од исчезната девојка.
Антонија Брљан е висока 180 сантиметри и тешка 70 килограми. Таа има долга црна коса и црни очи. Дента кога исчезнала, на себе носела бела маичка и фармерки. Последен пат е видена на 7 јуни во 10 часот кога стопирала на мостот во правец од Дрниш кон Сплит. Според очевидци, девојката се качила во бел камион и оттогаш и' се губи секаква трага. Нејзините блиски апелираат доколку некој ја видел Билиќ, да се јави на телефонскиот број 38517775530. (Д.Т.) |