Eдна година затвор за капетанот на „Илинден“ и инспекторот од „Лојд“
05.07.2011, 10:44
Со читање на пресудата во Основниот суд во Охрид денеска заврши судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“. Судскиот совет предводен од судијката Милка Танеска ги прогласи за виновни капетанот на бродот „Илинден“ Сотир Филески и овластениот претставник на германски „Лојд“ Бранко Баиќ и им изрече казна затвор во трање од по една година. На капетанот Филески во казната му се пресметува и времето од три месеци поминато во затворски и домашен притвор од 05.09 2009 до 04.14 2009 година.
Во образложението на пресудата се наведува дека обвинетите се виновни за предизвикување тешки дела против луѓето и имотот во сообраќајот и дека со своето несовесно работење придонеле на 5 септември 2009 година да се случи несреќа на бродот „Илинден“ кој потона во водите на Охридското Езеро во близина на автокампот Елешец, при што животот го загубија 15 туристи од Бугарија.
Според пресудата, првообвинетиот го прекршил законот и прописите за внатрешна пловидба поради тоа што не го ��држувал соодветно системот за управување, а критичниот ден на бродот имало повеќе патници од дозволеното на пловниот објект кои не биле правилно распоредени, при што дел од нив биле сместени на дополнително изградената горна палуба на која не смеело да се превезуваат патници. Исто така, немал обезбедено екипаж соодветен за тој тип на брод.
Второобвинетиот е виновен затоа што издал сертификат за техничка исправност на „Илинден“, иако знаел за недостатоците кои ги има бродот и не изрекол забрана за употреба на надградбата на пловниот објект, како и ограничување за бројот на патници кои смеат да се превезуваат.
Осудените судот ги задолжи солидарно да ги надоместат кривичните штети во висина од 2.537.160 денари, како и да ги обештетат оштетените во случајот во рок од 15 дена.
Капетанот на бродот „Илинден“, Сотир Филески, по изрекувањето на пресудата изјави дека не се чувствува виновен, но за други детали поврзани со правна постапка упати на неговите адвокати, кои не присуствуваа на соопштувањето на пресудата.
Според Славко Котески, адвокат на овластениот претставник на германски „Лојд“ Бранко Баиќ, пресудата е еден вид компромис помеѓу изведените докази и некоја намера или желба да се изрече ослободителна пресуда за второобвинетиот.
Правниот застапник на семејствата на загинатите бугарски туристи, Мартин Петров, изјави дека оштетните побарувања ќе бидат истакнати по добивање на одлуката на писмено и не ја прецизираше нивната висина. Претходно оштетените семејства на загинатите и преживеаните патници од бродот „Илинден“ најавија дека своите оштетни побарувања ќе ги истакнат во граѓанска постапка.
|