Џејсон Кеј
„Џамироквај“ мина покрај Скопје
Несоодветниот простор и лошото озвучување придонесоа да си останеме должни за добра забава во некоја наредна прилика
Зоран Ричлиев
Обидот Џејсон Кеј, фронтменот на „Џамироквај“, да прокомуницира со македонската публика завчеравечер во салата „Борис Трајковски“, и покрај убавите желби од двете страни, остана нереализиран до крај. Уште на самиот почеток, бендот без концертно искуство, „вокално-инструменталниот-состав“ на диџеите од „Пи-Ем-Џи колектив“, како избор за предгрупа (наместо, на пример, „Суперхикс“ или некој друг концертно докажан бенд), вети чуден експеримент со нашите чувства.
Добрите намери на организаторот да ни овозможи за 1.000 денари да ги видиме и слушнеме мегаѕвездите Џеј Кеј и неговите „Џамироквај“ не ги задоволија 7.000 присутни, бројка која организаторот „Авалон продукција“ ја лиферуваше на својот сајт. Дали релативно слабиот интерес за концертот или временските прилики беа причина за преместување на случувањето од стадион во спортска сала, која веќе се докажа ��ако најлоша акустика во градот и пошироко?
Неколку генерации, меѓу кои имаше и такви што ги виделе „Стоунси“ во живо и такви што го очекуваат Џастин Бибер, односно од 9 до 59, останаа гладни за очекуваната забава. Есид џез легендата залудно се обидуваше преку вонредно неоптимизираното озвучување да ги испее како нумерите од новиот албум, така и хитчињата од типот на „Виртуал инсенети“ и „Космик грл“, кои одвај се препознаваа во безбројните звучни рефлексии на полупразните трибини на спортската сала. Сепак, со рацете горе, танцувајќи на прсти публиката го ловеше фанки-ритамот на „Џамир“, се' додека тој прерано не си замина од сцената, оставајќи ја публиката подзината.
Повеќе од 10 години скопската концертна публика се лови на истата јадица – „концерт на отворено“, а на крај се фаќа себеси среде лето приклештена во запотена неакустична сала. Стравот на организаторите од временските услови во најголем број случаи останува без основа, како што, впрочем, се случи во неделата, кога надвор имаше прекрасно време, а ние вибриравме на ехото во „Трајковски“.
Дали стануваше збор за озвучување планирано токму за арената „Филип Втори“, кое во бетонот, стаклото и металот на новата спортска сала звучеше како громогласно ехо, недостаток на професионалец зад миксетата или едноставно за објект што не смее повеќе да се користи за оваа намена е измешано, но едно во што сите се сигурни е дека каналот за комуникација меѓу Џеј Кеј и скопската публика не профунционира.
Згора на се', многу друштва останаа разделени затоа што публиката беше поделена на четири-пет зони, не беше пожелно да се стои на трибините, се конфискувааше тутунот... и некои други пикантерии од оперските сали, толку несоодветни за една фанки ѕвезда како „Џамир“ ни ги симнаа насмевките.
Си должиме многу со „Џамироквај“ - во некоја наредна прилика да се најдеме на вистинско место, во вистинско време, и навистина да си поминеме онака како што заслужуваме. |