Ѓоковиќ го покори Вимблдон
Србинот го совлада во финалето бранителот на лондонскиот трон Рафаел Надал со 6:4, 6:1, 1:6, 6:3 и на најдобар можен начин потврди дека моментно му нема рамен на планетата
Новак Ѓоковиќ не се задоволи само со првото место на АТП ранг-листата, туку тениската година од соништата ја продолжи со остварување на својот сон од детството - стана шампион на Вимблдон. Во големото финале го совлада бранителот на лондонскиот трон, Рафаел Надал, со 6:4, 6:1, 1:6, 6:3 и на најдобар можен начин потврди дека во моментот му нема рамен на планетата.
„Ова е најдобриот ден во мојот живот. Тешко е да го опишам ова што го чувствувам. Можам да кажам дека отсекогаш мечтаев за овој момент. Некако мислам дека и натаму сонувам. Вимблдон е првиот турнир што го гледав, прв што посакував да го освојам“, рече Ѓоковиќ по победата.
Полуфиналниот пораз на Ролан Гарос од Роже Федерер, негов прв во сезоната (дотогаш имаше серија од 41:0), сепак, не се одрази значително врз самодовербата на Новак Ѓоковиќ. Во почетокот на годината немаше претешки пречки. Не беа тоа ниту Федерер кого го победуваше трипати до пресметката в�� Париз, ниту пак Рафаел Надал над кого, покрај во Лондон, славеше уште четири пати вклучувајќи и двете победи на земја без загубен сет.
На Отвореното тениско првенство на Франција Федерер мораше да го одигра најдобриот натпревар во сезоната, можеби и во двете последни за да му го нанесе првиот пораз на 24 белграѓанец од ланскиот АТП светски тур во Лондон. Меѓутоа на Вимблдон 2011 работите се вратија на старо. Ако Ѓоковиќ покажуваше одредени слабости до завршниот вимблдонски викенд (а ги имаше во третото коло против Багдатис и во четврт-финалето против Томиќ), последните два меча ги одработи далеку подобро. Жо Вилфред Цонга демонстрира одлични партии во Лондон, но, сепак, не можеше против ритернот на Србинот што најмногу го разоружа во полуфиналето, додека во финалето новиот светски број еден покажа комплетен пакет. Сервисот беше добар, со ритерните постојано правеше притисок врз Надал кога беше на сервис, а Шпанецот тешко се носеше со сето тоа. Кога требаше да заврши поен на мрежа Ѓоковиќ и тоа го можеше покажувајќи дека напредува и со волеите. На крај на патот до вимблдонскиот трофеј повеќе немаше дилеми ниту во поглед на движењата на српскиот тенисер.
Ако се исклучи падот во третиот сет, период од мечот што на крајот покажа дека не значи многу, Ѓоковиќ одигра речиси перфектно финале, а со играта што ја прикажа разбирливо е да му пораснат и апетитите.
„За ова сум роден. Сакам да освојувам Гренд слем турнири и, дефинитивно, нема да застанам тука“, најави Ѓоковиќ.
„Успеав да ја остварам мојата животна цел и осигурав да се исполнат моите сништа. И тоа се во само три дена. Ова е неверојатно чувство што никогаш нема да го заборавам. Секој спортист сонува да биде прв во светот. Ова што го сторив ме тера да се присетам како беше кога бев млад, кога почнував во детството и се низ што минав за да стигнам до ова“.
Ѓоковиќ остана трпелив во борбата по Гренд слем трофеи.
„Федерер и Надал беа доминантни во светскиот тенис во изминатите пет години. Освоија најголем дел од турнирот. Повремено бев фрустриран кога во доцните фази на Гренд слем турнирите ги имав за противници. Тогаш редовно играа најдобро“, вели Ѓоковиќ за неговите главни ривали.
„Но, и тоа за мене беше процес на учење, напредување во играта и созревање како личност кога требаше да најдам начин да се носам со притисокот, очекувањата и се друго што доаѓа по пат“, дополни Ѓоковиќ.
Освојувањето на Дејвис купот со селекцијата на Србија, вели, беше мотив за него да продолжи со работа уште пожестоко.
„Бев полн со живот и енергија, откако победивме во Дејвис купот. Со нетрпение чекав да се вратам на терен, да почнам повторно да играм и да освојувам турнири. Накратко речено - го загубив стравот. Верував во она дека можам повеќе и веќе во Австралија го одиграв еден од најдобрите турнири во животот“, заклучи Ѓоковиќ.
Финалето низ бројки
Надал - Ѓоковиќ
Времетраење на мечот: 2:28 часа
Прв сервис: 78% - 73%
Поени при прв сервис: 67% - 72%
Поени при втор сервис: 44% - 54%
Асови: 5 - 7
Двојки сервис грешки: 1 - 1
Директни поени: 21 - 27
Неизнудени грешки: 15 - 12
Поени на мрежа: 6/9 - 19/26
Брејк-топки: 3/6 - 5/6
Најбрз сервис: 126 км/ч -
126 км/ч
Неизмерно горди на овој успех
„Најсрдечно Ви честитам на фантастичниот успех што го остваривте. Вашите победи ни носат голема радост и не' прават неизмерно горди. Ова е голем ден за Србија“, стои во честитката од српскиот претседател Борис Тадиќ.
Ноле, освои го и олимпискиот Вимблдон
Претседателот на Олимпискиот комитет на Србија, Владе Дивац, му честита на најдобриот српски и светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, за освојувањето на Вимблдон.
„Ноле најискрени честитки за величествениот успех. Со освојувањето на Вимблдон го оствари твојот сон, но донесе радост и на целата нација. Беше само прашање на време кога ќе ти честитаме на фактот дека си нов број еден во светот“, стои во честитката на Дивац до Ѓоковиќ.
Некогашниот кошаркарски ас му посака на Ѓоковиќ да „продолжи во овој ритам и во полна форма да ги дочека Олимписките игри во Лондон“.
„Верувам дека на вимблдонската трева ќе го повториш овој успех и со Олимпискиот тим на Србија“, му порача Дивац и посебно му честита на тимот на Ѓоковиќ што беше покрај него на патот до светскиот врв.
Треба да се угледам на Ѓоковиќ
Четвртиот тенисер во светот, Енди Мари, призна дека патот на Ѓоковиќ до тенискиот врв е негова инспирација.
„Мора да го прон��јдам тој дел што ми недостасува за да победувам против најдобрите во светот. Знам дека тоа е можно, погледнете го Ѓоковиќ“, вели Шкотланѓанецот кој на Вимблдон беше запрен во полуфиналето од Рафаел Надал.
„Се сеќавам кога го гледав Новак во поразот во ланското полуфинале на Вимблдон од Томаж Бердих, а потоа и неизвесниот дуел меѓу него и Надал во финалето на Ју-Ес опен. Очигледно Ѓоковиќ многу напредуваше оттогаш, а токму тоа треба да го искористам“, признава Мари.
|