Мислења
Прилепската фавела - Три Зла
Нано Ружин
Го прашувам Мурат зошто населбата се вика Три зла, а тој иронично вели - а како сакаш да се вика оваа беда и несреќа - Истанбул?
Изборната кампања е добра можност да ги запознаете луѓето на Македонија, нивните маки, навики, желби, сништа. Едно од местата што ми остана длабок впечаток е ромската населба во Прилеп наречена Три Зла. Кога прв пат чув за Три Зла, изразот фонетски ме потсети на „Дризла“, големото ѓубриште покрај Скопје. Си помислив дека и Прилеп поседува сопствена „Дризла“ за градското ѓубре. Деновиве улиците на Прилеп се во реновирање како и во останатите гратчиња во Македонија. Предизборно изгребаните булевари личат на суви речни корита. Децата, исто како и домашните миленици, се извалкани од црната гудра.
„Мораа ли токму деновиве насекаде да копаат“, рече нервозно месарот Спасе. „Градоначалникот ќе асфалтира и ќе асфалтира. Така му е наредено од горе“, вели келнерот Јанко. „Отчетот мора да биде видлив, сиромаштијата и невработеноста не се битни, тоа се невидливи категории на кои не навикнаа“, додава професорот Здравко. „Градоначалникот ни е како азиски тетреб, штом му наредат од горе, тој исполнува 200 отсто“, забележува неговиот сопартиец стоматологот Миле. Сите наши градоначалници се како клонирани џуџиња. Се имитираат еден со друг. Асфалтираат во исто време, прават антички споменици во исто време, спортски сали според истиот неквалитет, организираат пифтијади, пицијади, колбасијади, пивофестови, маскенбали, а најмногу мечтаат за Гинисови рекорди. Прилепската асфалт-идила ја расипува амалот Сефо. Тој упорно ја турка наполнетата количка со празни пластични шишиња кон Три Зла. Тесното макадамско џаде директно води во ромската населба. А оваа населба како да е заборавена и од светот и од градоначалникот. Тоа е некој друг свет, сместен под стрмните Маркови Кули, кој личи на руралните авганистански населби. Импровизирани куќички слични на бразилските фавели, метални бини за традиционалните свадби и сунети, рингишпили, расфрлани пластични кеси, кои поигруваат на лесниот ветрец, понекоја кокошка и патка, кучиња извалкани од гудрон и гологази дечиња со нечисти носиња, со наивна насмевка и весели кикотења.
Слегуваме од колата и се поздравуваме со стариот гологлав Ром - Мурат. Во рацете ја држи излижаната војничка капа од времето на ЈНА. Облечен е во војнички каки-панталони што му ги дал син му Џеронимо, припадник на бранителите од кризата во 2001. Го прашувам зошто населбава се вика Три Зла, а тој иронично вели „а како сакаш да се вика оваа беда и несреќа - Истанбул“? Се чеша за главата и продолжува. „Многу одамна во еден ист ден се случиле три несреќи. Муса арабаџијата загинал од гром кога го носел коњот на поење, Наџмие - чистачката ја заклал нејзиниот пијан маж Адо, а детето на Салиовци, Осман, се удави во бунарот на дедо му Сали. „Во тој тажен црн петок биле закопани сите три жртви, а населбата била наречена Три Зла.
Ги вадиме алиштата, макароните и чоколадите од нашата хуманитарна акција и влегуваме во дворот на Султан. Се собираат педесетина луѓе, најмногу жени и лесно облечени и мусави деца. Ни приоѓа пијан маж, кој мириса на ракија, и не' прашува: „Што барате кај Султан, јас сум посиромашен од него. Како тој ќе ги дели работиве праведно“. Го убедуваме дека има и за него. Тој демонстративно заминува, велејќи: „Јас не одам кај него“. „Не слушај го, тој е ќор пијан“, вели неговата жена Тона. Ми приоѓа една жена со нездрава сиво-виолетова боја на лицето и зацрвенети очи. Болна сум бе братче, не ми работат бубрезите. Немам пари за дијализа. Една покрупна жена, со огромни вени на нозете, ми вели дека не може да се движи. Ги покажува гениталиите на седумгодишното внуче, кое има хернија. Немаме пари за операција. Ни ја укинаа и социјалната помош, се жалат. На некои што немаат ни за леб единствено им останува да собираат пластични шишиња. Ама и тука се замеша политиката: и шишињата одат по партиска врска. Тољо вмровецот им дава само на оние од Долно Маало бидејќи гласале за ДПМНЕ. И ние гласавме за нив. Дури им ги дадовме нашите лични карти. Оттогаш сите не' заборавија. Ниту ДПМНЕ ниту СДСМ не не' есапат.
Од соседството ечи песната на Екрем Јевриќ „Куча - посо“, идолот на повеќе Роми од Три Зла. Ни се доближува подгрбавениот Насер и во доверба предлага. „Да ти ги дадеме ли личните карти како доказ дека ќе гласаме за вас. Така направивме на минатите избори. Градоначалникот ни ветуваше многу, но оттогаш нема ни дојдено“. Ниту улица направи ни некого вработи. Го гледаме деновиве за прв пат на велосипед. Му го дала глумицана од Холандија за да рекреирал, додава Хајле. Му објаснувам дека таа не е глумица, туку амбасадорката на Холандија Филипини, која е дојдена во благородна мисија. Таа е еден од најдобрите амбасадори во Македонија. А дали и нас би не помогнала? Зошто да не, треба да и' напишете покана. За тоа го бива само Нехру, тој е најписмен од сите нас. Мојот придружник се обидува да им го објасни проектот на ЛДП „Секој граѓанин акционер“. „Сите ќе добиете ваучер од 300 до 400 евра. Ако имате пет полнолетни членови во семејството, добивате 2.000 евра. Наџмија вели, абе ние сме десетина возрасни. Другите слушаат немо. Тој се' уште не завршил кога во дует двете повозрасни жен�� велат: „Ако сине, убаво, ама види ако можеш нешто да направиш за мојата социјална помош да ни ја исплатат. А друг пат кога ќе дојдете донесете малку кафе“.
Се враќаме кон Прилеп полни со тажни импресии. Поминуваме покрај споменикот на бранителите, кој потсетува на трикраките споменици со топка на врвот, исти како оние што беа урнати од толпата во Тунис, Каиро и Сана. Кога градоначалникот не ја обновува запалената џамија во центарот на Прилеп, можеби овој фејк-споменик од Блискиот Исток ќе ги задоволи верските чувства на муслиманите во Прилеп. Од другата страна на улицата ги забележувам комсомолките на СДСМ на чело со пратеничката, која е носи сина марама со црвена тупаница на главата. Наспроти, пијат пиво троа ВМРО-овци од Алијансата.
Го здогледувам и мојот пријател од Брисел, познатиот угостител Садула Ибески од Дебрешта. Тој е вистински космополит, се вратил од туѓина по 30 години и отворил бензинска пумпа и ресторан. Туѓината пуста да остане, ама ако не одев во белиот свет ќе бев како оние од Три Зла. Нарачува пиво и ги чести вмровците од соседната маса. Го чести и неговиот пријател, кој е од СДСМ. Жали што тутунот во Дебрешта остана неоткупен. На сите соселани им дадов нафта на кредит и сега не можам да наплатам ниту еден долг бидејки луѓето немаат со што да ми платат. Се чуди на откупната тутунска политика на Владата. Тој е поголем Македонец од многу што се удираат в гради. Неговиот ресторан „Династија“ во близина на Атомиумот и стадионот Хејсел во Брисел,е македонско катче. Ја сака Белгија и го почитува кралот како обединител на таа мултиетничка земја, но во срцето му е Македонија. Повеќе изгубив од оваа милионска инвестиција отколку што добив, но ете, тука го поминав детството, тука се закопани моите родители. Тука сакам да почивам.
(Авторот е универзитетски професор) |