Стигна вистината за хеликоптерската несреќа кај Блаце
Во Скопје вчера пристигна Едвадр Пули, британски експерт за авионесреќи. Неговото доаѓање е поврзано со експертскиот наод што се однесува на хеликоптерската несреќа, која се случи на 12 јануари 2008 година, кога кај скопското село Блаце се урна армискиот хеликоптер „Ми-16“.
Според предвидувањата, Пули ќе ги достави својот вешт наод и мислење до Јавното обвинителство во текот на денешниот ден, а еден примерок ќе и' биде даден на одбраната.
Иако е прерано да се говори, сепак, она што во изминатиот период го изработил британскиот експерт се очекува да даде одговори на многу прашања што се однесуваат на падот на армискиот хеликоптер и загинувањето на 11-мината мировници.
Странската експертиза се изготвуваше во Лондон речиси цела година. Вештачењето беше побарано од страна на јавниот обвинител Љупчо Шврговски, за кого извештајот на домашната Комисија за испитување на воздухопловните несреќи не беше доволен за да се отвори истрага. Трагедијата што се случи на 12 јануари 2008 година веќе три години е во предистражна постапка.
Државната Комисија за испитување несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството во својот извештај посочи пет директни и седум индиректни причини за падот на армискиот хеликоптер. Според домашните експерти како дел од причините за падот беа посочени лошите временски услови, непочитувањето процедури за инструментално слетување, два неисправни инструмента и други пропусти во обуката на мировниците.
За трагичниот настан во кој по враќање од Босна и Херцеговина каде што беа дел од мировната мисија АЛТЕА, загинаа потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Велјановски. (Љ.С.) |