УНИЦЕФ
Во Сирија убиени најмалку 30 деца
01.06.2011, 14:35
УНИЦЕФ соопшти синоќа дека поседува извештаи за најмалку 30 убиени деца во пукање за време на крвав одговор на режимот врз опозициските протести во Сирија.
„Употребата на куршуми против демонстранти лишила од живот најмалку 30 деца“, соопшти УНИЦЕФ, нагласувајќи дека не биле во можност да го проверат бројот на жртви и околностите под кои се случиле убиствата.
Таа агенција на ОН изрази загриженост за децата кои биле затворани и измачувани.
Сириските државни медиуми претходно соопштија дека ќе биде поведена истрага за смртта на 13-годишно момче кое наводно било измачувано од сириските безбедносни сили.
УНИЦЕФ соопшти дека има извештаи за зголемен број деца кои се повредени, притворени, раселени или убиени за време на протестите.
„Иако УНИЦЕФ не може да потврди случаи од извештајот, особено сме вознемирени со последните слики на деца кои се арбитрарно апсени, измачувани за време на притвор што во одделни случаи предизвикувало и нивна смрт“, се вели во соопштението.
„Ја повикуваме Владата темелно да изврши истрага и извршителите да бидат идентификувани и изведени пред суд“.
|