На полноќ
Завршува пријавувањето на болните гласачи
01.06.2011, 14:14
Немоќните и болните лица кои не се во можност да гласаат на избирачките места во недела на предвремените парламентарни избори, до вечер на полноќ треба да ја известат Општинската изборна комисија (ОИК). Ним им е овозможено да гласаат ден пред изборите во своите домови или каде што престојуваат.
На 4 јуни, покрај болните и изнемоштените, ќе можат да гласаат и 2.222 лица кои се во притвор или на издржување казна затвор, 407 внатрешно раселени лица, како и 7.258 македонски државјани во дијаспората.
ДИК ќе почне да го дистрибуира изборниот материјал до ОИК, а ливчињата за гласање на иселениците се испраќаат преку дипломатска пошта заедно со членовите на избирачките одбори.
Изборната кампања завршува во петок на полноќ, кога почнува изборниот молк кој трае до недела во 19 часот. Гласањето в недела на 5 јуни почнува во седум и ќе трае до 19 часот. Право на глас имаат 1.821.122 гласачи кои на 2.976 гласачки места ќе можат да се изјаснат за 18 листи со 1.679 кандидати за 120 пратенички места во македонскиот Парламент.
Изборите ќе бидат спроведени според пропорционалниот модел, а првпат од независноста на Македонија право на глас ќе имаат и македонските државјани кои живеат во странство. Земјата е поделена во шест изборни единици, а дијаспората во три изборни единици и тоа Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.
За следење на изборите досега се акредитирани 489 странски и 7.341 домашни набљудувачи.
|