Хаг
Во петок прво појавување на Младиќ пред судиите
01.06.2011, 13:33
Поранешниот командант на Војската на Република Србија Ратко Младиќ во петок првпат ќе биде изведен пред судијата на Хашкиот трибунал, за да се изјасни за вината по точките на обвинението што го товари за геноцид и злосторства против човештвото над несрпското население во БиХ. Трибуналот соопшти дека појавувањето на Младиќ во судницата е закажано за 10 часот.
По 16 години бегство, поранешниот генерал Ратко Младиќ ја помина првата ноќ во затворот во Хаг. Синоќа во 21 часот и половина слета со хеликоптер во Ротердам, но холандската полиција ги надмудри новинарите - дури ни најголемите светски телевизии не успеаја да го снимат влегувањето во Шевенинген на најбараниот бегалец.
Иако во затворскиот круг слета еден хеликоптер, а друг кружеше, па одлета, се претпоставува дека Младиќ влегол во џип, кој поминал незабележано покрај камерите.
Во Шевенинген го сместија во самица, што е вообичаена процедура за новодојденците и таму ќе го чека сослушувањето пред судијата на Обединетите нации.
Сепак, многумина сметаат дека правдата не е задоволена, а Белград играл тактички - по долгогодишното бегство во лоши услови, затворската ќелија во Холандија е луксузен хотел во кој Младиќ ќе ги проживее последните денови.
Таму тој ќе добие соодветен лекарски третман, а лекарите уште еднаш ќе го утврдат неговиот идентитет и ќе проценат дали е способен да го следи судењето.
Младиќ во притворската единица го посети и амбасадорката на Босна, која му понуди помош. Според нејзините зборови, изгледал како да е во добро здравје, фокусиран и рационален и целосно сфаќал се што му се зборувало.
Процесот против Ратко Младиќ во Хаг, со оглед на тоа дека последниот бегалец Горан Хаџиќ е се уште недостапен, би можел да биде последен пред затворањето на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија.
|