Стојан од Крупиште произведе најдобра „жолта“ во Европа
Иван Бојаџиски
ШТИП - На Меѓународниот земјоделски саем во Нови Сад одржан од 14 до 21 мај годинава, Стојан Трајковски од Крупиште кај Штип ја освои највисоката награда за лозова ракија „жолта“ во категорија на приватни производители. Oвој мошне витален 62-годишник стана сопственик на „Големиот златен медал“, кој од пред една недела го краси неговиот дом.
Трајковски е познат земјоделец од овој крај. Одгледува ориз, пченка, пченица, фуражни култури, но не и грозје!. Оттука изненадувањето е поголемо за сите освен за оние што добро го познаваат овој вреден човек, кој за да испече квалитетна ракија, секоја година купува по околу два тона грозје од кои добива над 300 литри квалитетна жолта ракија. Но, како се случи неговиот производ да се најде на еден од најпознатите земјоделски саеми, каков што е Новосадскиот на кој изложуваат производители речиси од цела Европа?
„Еден ден кај мене дома дојдоа деловни соработници на моите деца а јас ги почестив со домашната жолта. Гостите од Нови Сад го искажаа својот восхит од квалитетот на ракијата. Веднаш ми предложија да го претставам мојот производ на земјоделскиот саем во нивниот град. Во прво време се двоумев како да постапам, но синот Валериј и зетот Трајан беа упорни да го направам тоа. Постапив така и за мое големо и пријатно изненадување, ракијата на Стојан од Крупиште, како што ја најавуваа за време на саемот, се закити со највисоката награда за квалитет“, вели Трајковски.
Но, како се прави најквалитетна жолта во Европа во домашни услови? Ова прашање му го поставуваме на човекот што го има сето право на овој свет да биде горд на своето ремек-дело.
„Триесет години на ист начин правам ракија. Посебен рецепт немам. Сметам дека работата е во подготовката на комињата и во посебните буриња во кои тие стојат. Грозје со години купувам од атарот на село Аргулица. Печењето на ракијата секогаш оди во почетокот од ноември откако ќе завршам со жетвата на оризот, кој го имам на пет хектари. Седиме во дворот, печеме ракија, си мезиме, си правиме муабети за животот на село, за состојбите во аграрот, за иднината. Тој ритуал трае две недели, а кога ракијата е готова, ја сместувам во дабови буриња што и' ја даваат жолтата боја, па зимата може да дојде. Ракијата не ја продавам, ја имам за домашни потреби, но и за роднини и за пријатели. Најдобра е кога е на 50 степени“, појаснува Стојан.
Ја користиме можноста да го прашаме за животот на село денес и сега. Стојан вели дека Крупиште, иако низ него минува магистралата Штип - Кочани, која води кон границата со Бугарија, полека останува без младите. „Имаме близу стотина куќи, а во нив малку помалку од 200 жители. Младите заминаа во Штип и други поголеми градови. Цел живот сум земјоделец и знам дека во социјализмот од една оризова реколта купувавме стан или правевме куќа, денес одвај останува нешто за живот. Сепак, не дека нема живот од работа на земјата, ама ќарот не е адекватен на трудот и вложувањата“, порачува овој крупиштанец.
За Стојан во селото велат дека е исклучителна личност. Живее со сите, со својата многубројна земјоделска механизација помага кога некој ќе побара помош од него. Иако неговите деца, синот Валериј и ќерката Сузана, познати бизнисмени, си имаат куќи во градот и на своите родители им предлагаат да се преселат кај нив, Стојан и неговата сопруга Виолета многу повеќе си го сакаат животот на село, во своето Крупиште.
„Во селото имаме се' за нормален живот. Асфалтирани улици, водовод, канализација. Околу селото се непрегледни плодни ниви и тоа е просторот во кој јас најмногу уживам. Овде ми е убаво и единственото нешто што ме загрижува е тоа што младите си заминаа, што го немаме тој џагор на децата кого го имавме до пред две децении“, вели сопственикот на најквалитетната ракија „жолта“ во Европа. |