Меридијани
Уште седум години криза?
Роберт Џ. Шилер
Ако дозволите финансиски пазар да ротира неконтролирано, се изложувате на ризик за години економска слабост
Голем дел од разговорите на економскиот симпозиум „Џексон Хол“ во август годинава, на кој присуствуваа многу централни банкари и економисти од светот, беа посветени на трудот „По паѓањето“, на економистите Кармен Рајнхарт и Винсент Рајнхарт, во кој беше дадена неповолна долгорочна проценка за иднината на светската економија. Според трудот на Рајнхартови, кога се прави сп��редба со деценијата што им претходи на финансиските кризи, како онаа што започна пред три години, „порастот на БДП и цените за сместување се значително пониски, а невработеноста е повисока“ во последователната „десетгодишна рамка“. Така, би можело да се заклучи дека се соочуваме со уште седум години, или нешто слично, тешко време.
Економската теорија не е доволно развиена за да се предвидат главните пресвртни точки врз основа на првите принципи или математички модели. Затоа треба да бидеме историски ориентирани во методот. Истражувањето на Рајнхартови и на Кенет Рогоф е проширување и генерализирање на неофицијалното економско размислување на многу луѓе, при што често сегашните стории се споредуваат со големите епизоди од минатото. Откако почна актуелната криза во 2007 година, многу луѓе се прашуваа дали Големата депресија што следеше по падот на берзата во 1929 година, и банкарските кризи на почетокот на триесеттите години е релевантна на нашето денешно искуство. Вознемирувачки факт за Големата депресија е дека беше тешка, глобална и траеше над една деценија - и дека следеше по пропаѓањето на брзиот пораст на акционерски капитал и недвижен имот, приближно како што се случи пред сегашната криза.
Рајнхартови и Рогоф систематски проучуваат повеќе примери од современата финансиска историја. Тука е светската финансиска криза што ги придружуваше нафтените шокови од 1973 и 1979 година, како и финансиските кризи специфични за една земја, во Шпанија во 1977 година, Чиле во 1981, Норвешка во 1987, Финска и Шведска во 1991, Мексико во 1994, Индонезија, Кореја, Малезија, Филипини и Тајланд во 1997, Колумбија во 1998 и Аргентина и Турција во 2001 година. Од нив авторите заклучуваат, на пример, дека средните стапки на годишен развој на реалниот БДП по глава на жител за напредните земји се еден процентуален поен пониски во деценијата што следи по криза, додека средните стапки на невработеност се пет процентуални поени повисоки.
Тие забележуваат дека, општо, нивоата на долг и моќ се зголемуваат во деценијата што им претходи на тие кризи, поттикнувајќи зголемувања на цената на активата за долго време. Рајнхарт и Рогоф сметаат дека „овој пат синдромот е различен“ во текот на брзиот развој пред кризата, додека меурите можат да постојат премногу долго. Покрај тоа, има причини да се каже дека овој пат, можеби, навистина е поинаку. Мразам што морам да кажам така, не сакајќи да го направам гревот дефиниран од нивниот „синдром“ но, овој пат можеби е поинаку, бидејќи сите современи примери од изминатите кризи се случуваа во време кога многу економисти во светот ги воздигнуваа карактеристиките на економскиот модел на „рационални очекувања“. Тој модел покажува дека пазарната економија треба да се остави сама колку што е можно, и токму тоа владите настојуваат да го направат.
Според „рационалните очекувања“, меури едноставно не постојат, што значи дека на актуелните меури им било дозволено да пораснат. Но, тој начин на размислување се намалува, а владите и деловните лидери сега рутински предупредуваат на меури и усвојуваат политики за да им се спротивстават. Така, овој пат навистина е малку поинаку. Во тој случај, можеби сите лоши децении, поттикнати од кризата, не се веќе релевантни. Но, какви било надежи дека периодот по актуелната криза ќе биде подобар се' уште се теории и соништа, не наука. Не е точно дека ако скршите огледало, ќе имате седум години лоша среќа. Тоа е суеверие. Но, ако дозволите финансиски пазар да ротира неконтролирано, навистина се изложувате на ризик за години на економска слабост. Тоа е историски пример.
(Авторот е професор по економија на универзитетот Јеил и главен економист во „Макромаркетс ЛЛЦ“, и пишува за „Проект Синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |