Нема ни абер од ЕУ, ама за еврото се подготвуваме
Во измените на Законот за НБМ две глави се посветени на тоа што треба да се направи за воведувањето на еврото по влезот во ЕУ
Соња Маџовска
Немаме абер од влез во Европската унија, ама затоа Владата се подготвува, барем со законски измени, за воведувањето на еврото. Во последните измени на Законот за Народна банка на Македонија што деновиве беше претставен од страна на министерот за финансии, Зоран Ставрески, има две глави посветени на тоа што се треба да направи земјава за да се подготви за воведувањето на европската валута. И тоа е во ред, но ако се погледне искуството на другите земји што се веќе членки на ЕУ, а се' уште не се подготвени за воведувањето на заедничката валута, излегува дека нашава земја, од сегашна дистанца, е се' уште многу далеку од тоа.
„Законот содржи две глави што се однесуваат на регулирање на членството на Македонија во ЕУ, односно воведувањето на еврото како парична единица. Ова се одредби што ќе стапат во сила кога Македонија ќе пристапи во ЕУ. Оттогаш за НБМ ќе важат одредби што важат за сите европски централни банки. Одредбите за воведувањето на еврото се заради целосно хармонизирање на Законот за НБМ со регулитавата во ЕУ и соодветна подготвеност на земјата за учество на европскиот систем на централни банки. Ние во соработка со Европската комисија решивме овие две глави да бидат вклучени во законот. Тие се однесуваат на улогата и функциите на НБМ по пристапувањето на Македонија во ЕУ и по воведувањето на еврото“, изјави неодамна Ставрески.
Експертите сметаат дека сме далеку од воведувањето на европската валута и за тоа нема потреба од брзање.
Како примери, тие ги посочуваат земјите што се членки на ЕУ, но го немаат воведено еврото, на пример, Романија, Бугарија, Полска, Шведска, Данска, Велика Британија. Дел од овие земји не се подготвени, а дел, пак, не сакаат да го воведат еврото. „Не сум го видел измените на Законот за НБМ и не би сакал да ги коментирам. Ама такви одредби има и во Законот за банки, кои треба да стапат во сила по влегувањето на Македонија во ЕУ. Но, и тогаш земјава ќе треба да исполни еден куп услови за да стане дел од еврозоната“, вели професорот Мирољуб Шукаров.
Поголемиот дел од експертите што ги консултиравме беа, главно, изненадени што се воведени вакви одредби во законот.
Инаку, според критериумите на Европската унија и на еврозоната, новите земји-членки на ЕУ што го прифатија еврото минаа низ долг процес на хармонизација на економските перформанси. Тоа значи исполнување на економските критериуми од Копенхаген, на Мастрихшките критериуми, како и приближување во нивото на развиеност и животниот стандард кон просекот во ЕУ. Усвојувањето на еврото е условено од подготвеноста на земјата, во економска смисла, за влез во валутна унија.
Инаку, ЕУ не дозволува еднострано воведување на еврото.
Фактички, без претходни усогласувања во економската структура, воведувањето на еврото во услови на ниско ниво на мобилност на работна сила и капитал, разлики во степенот на развиеност на финансискиот систем и слично, би донело ризик од дисторзии во економијата во земјава, велат експертите. Исто така, земјава треба да има и доволно пари да ги замени сегашните денари во евра.
„Со цел спречување на неконтролираното зголемување на ликвидноста на пазарот што би можело да настане на денот на усвојување на еврото како парична единица во Македонија, а заради обврските на банките и штедилниците да го приспособат износот на задолжителни резерви пропишан од Народна банка со износот на задолжителни резерви пропишан од ЕЦБ, НБМ може во подзаконски акти да пропише мерки“, стои во најновите измени на Законот за Народна банка, насловени како „Воведувањето на еврото како парична единица во Македонија“. Во него е одредено кои се задачите на НБМ во согласност со Договорот за основање на Европската заедница и Статутот на Европската централна банка. (С.М.) |