Народните казани не можат да ги нахранат сите гладни усти
Малку храна, а се' повеќе гладни во народните црковни и државни кујни. За многумина, тие станаа секојдневје. Без оброците во овие кујни некои не можат да преживеат
Снежана Калабакова
Доктори, правници, бизнисмени... луѓе што некогаш биле на врвот, а сега се нашле на дното, чекаа ред да ручаат на трпезата на народната кујна во црквата „Света Петка“ во скопската населба Кисела Вода. Некои од нив доаѓаат со години, некои починале во меѓувреме и по нив дошле други.
„Беше доктор, се разболе, остана без работа и потоа се најде на работ на својата егзистенција. Имаше и еден бизнисмен и откако му пропадна бизнисот, човекот од ден на ден се' повеќе и повеќе пропаѓаше и на крајот почна да се храни во нашава кујна“, сведочат оние што секојдневно ги среќаваат овие луѓе.
Нивните животни приказни се најразлични, но еднакво им е само чувство на глад и кркорењето на цревата што го чувствуваат секој ден. Некои од нив за да се ослободат од тоа непријатно чувство, освен во „Света Петка“ и во „ Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, за парче леб и топол оброк се запишале и на списокот на народните кујни на државата. Така, наместо со еден оброк, се обезбедуваат со по два оброка во денот.
Но, само оние што се корисници на социјална парична помош, постојана парична помош, стари и други возрасни лица што се изложени на социјален ризик и материјално необезбедени имаат право на оброк во кујните што ги отвори државата.
Во црковните народни кујни може да дојде секој што е гладен независно на возраста или верата. Од пред две години во Повардарската епархија функционира и народната кујна во Велес, а пред три години почна реализацијата на владиниот проект „Народна кујна“. На територијата на Република Македонија се отворени народни кујни во 36 општини, а нивните услуги ги користат 3.514 лица. Само во главниот град на земјава се регистрирани 1.137 корисници. За проектот „Народни кујни“, Министерството за труд и социјална политика обезбедува 91 милион денари (околу 1,5 милиони евра) годишно. Од ова Министерство во иднина планираат да отворат народни кујни и во руралните средини во земјава. Плановите, велат, ќе ги реализираат согласно со расположливите финансиски средства. Но, со оглед на се' поголемиот број гладни и статистичкиот податок од 31 отсто сиромашни во земјава, очигледно, државните казани ќе бидат малку за социјална држава, каква што е Македонија.
„Народните кујни во црквите „Света Петка“ и „Свети Петар и Павле“ во Скопје постојат веќе 12 години и се отворени секој работен ден, освен во сабота и во недела. Три години постои и кујната во Велес. Во сите три кујни заедно по еден оброк во денот им даваме на околу 500 лица. Ако има од зготвената храна што се подготвува од производи што ги добиваме од донатори и од верници, им даваме по нешто и за дома. Често им делиме и облека. Но, откако се отворија народните кујни, од државата ни избегаа многу од донаторите, а тие секогаш ни се малку. Освен верници, немаме стопанственици да ни донираат, а тие навистина ни се потребни да дадат нешто за сиромашните“, вели владиката Агатангел.
Во црквата „Света Петка“ секојдневно се подготвуваат по 150 оброци дневно, а за тоа доброволно се ангажираат пет жени вернички. Велат, тоа воопшто не им е тешко, бидејќи работат со верба во Бога. На ручек, велат, ги пречекуваат сите на кои им треба парче леб и чинија топла манџа.
„Три години од Карпош со велосипед доаѓам во народната кујна на црквата ’Света Петка‘. По професија сум продавач, но не сум вработен. Откако ни починаа родителите, живеам со брат ми и заедно се бориме со животот. Овде доаѓаме секој ден, а сабота и недела ќе каснеме ако ни дадат нешто роднините или ако се снајдеме да продадеме нешто од дома. Ама речиси се' испродадовме и веќе немаме ништо вредно“, раскажува едно младо момче, кое сакаше да остане анонимно.
Државни народни кујни функционираат во Скопје, Штип, Велес, Неготино, Берово, Пехчево, Крива Паланка, Струмица, Куманово, Свети Николе, Битола, Делчево, Радовиш, Струга, Гевгелија, Валандово, Крушево, Виница, Кратово, Прилеп, Македонски Брод, Кочани, Тетово, Македонска Каменица, Кавадарци, Кичево, Пробиштип, Чашка, Дебар, Охрид и Злетово. Во скопската општина Шуто Оризари 132 жители се хранат од народниот казан, во Бутел има 175 корисници, Кисела Вода - 312, во Гази Баба 198-мина чекаат на народната манџа и во општина Центар секојдневно државата храни 100 корисници.
Исниша Демир е една од нив, бидејќи социјалната помош не и' е доволна за да преживее. Таа и нејзиниот сопруг се невработени. Вели, две години доаѓа во народната кујна на општина Центар за да земе оброк за двајцата.
„Четврт леб и една црпалка манџа не се доволни за еден ден. Еве денеска ни поделија по една црпалка мусака, лепче и едно сокче. Зарем се живее само со еден оброк. Ќе купам сега еден леб и вечер ќе јадеме само лепче. Во почетокот имаше повеќе храна, но сега ни ја намалија“, објаснува Исниша.
И Зоран Цеков, референт по физичка култура, две години се храни од државниот казан на општината Центар, а повеќе од 20 години бара работа. Откако неговата мајка пензионерка починала, тој паднал на работ на својата егзистенција и со 1.000 денари социјална помош месечно веќе не е во состојба да се прехрани и уште помалку да си ги плаќа комуналиите.
„Ова што го добиваме е малку, но е подобро отколку ништо“. Маката, вели, ја преточува во поезија и досега напишал пет книги, но нема пари да ги издаде.
Оние што чекаат на оброк од народните кујни на државата за викендите добиваат само малку сува храна. Тоа е четврт лепче со две варени јајца, со конзерва или со парче саламче или чашка јогурт.
Процената кој од нив ќе добие право да се храни од државниот казан ја прават стручните лица од центрите за социјална работа и потоа донесуваат решение за користење на услугата во конкретната народна кујна. Центрите се првостепен орган на одлучување, велат од Министерството за труд и социјална работа.
|