Мислења
Стокхолмскиот синдром
Ивор Мицковски
Национализмот цути во Европа, напредуваат малите-големи кретени, кои решението го бараат во домашниот или во надворешниот непријател
Стокхолмскиот синдром е термин што го опишува парадоксалниот психолошки феномен каде што заложникот изразува стравопочит или позитивни чувства кон сопствениот киднапер. Што значи ваквиот синдром ако се обидеме да го сместиме и толкуваме во еден политички контекст?
По поразителните резултати на шведските парламентарни избори, каде што левицата доживеа историски неуспех, а умерената десница излезе како релативен победник, студениот туш е токму за лидерот на Модератерна и премиер Фредерик Рајнтфелд, чие славење беше упропастено од неочекуваниот успех на екстремната десница. Бранот на ксенофобија, откако ја поплави речиси цела континентална Европа, пристигна и во срцето на Скандинавија. Во овој случај, произлегува дека заложници се гласачите, а киднаперот е ксенофобот. Лидерот на екстремната десница, 31-годишниот Џими Акесон, откако се откажа од ќелавоста, откако ги обеси на врвка војничките чизми и ја соблече црната кошула, го смени своето крзно и го освои народот облечен во одело и вратоврска. Како што велат шведските медиуми, „дотеран да ги освои идните свекрви“. Неговата партија на Шведски демократи го надмина цензусот од 4 отсто гласови за да влезе во кралскиот парламент Ригздаг, освојувајќи најмалку 20 пратенички места.
Како е можно нешто слично да се случи во цивилизирана Шведска, во културниот Стокхолм, во татковината на велферот, солидарноста, социјалдемократијата и успешниот социјален капитализам? По прв пат во историјата на модерна Шведска, не само што еден конзервативен премиер е одново избран, туку сме сведоци на успехот на една ултрадесничарска, ксенофобична и националистичка опција. Проблемот не треба да се анализира само во рамките на Европа, постои и скандинавска посебност во оваа револуција, но тоа што загрижува е растечката тенденција - националистите да се шират низ стариот континент како нафтена дамка.
Ако успесите на некои маргинални националистички групи во Романија и во Унгарија треба да не загрижуваат само до одреден степен, влијанието на изборите во Шведска ги надминува природните граници на земјата. Ова е не мал политички земјотрес, ова е тектонско поместување од катастрофални пропорции, криза која му задава удар на еден цел општествен и социјален модел, по многу нешта единствен во светот. Шведскиот модел над 50 години беше во состојба на виртуозен начин да го комбинира економскиот раст со дарежливиот велфер, да гради општество каде се почитуваат и бранат националните традиции, а во исто време се негуваше неверојатна отвореност кон надворешноста и кон странецот.
Во шведскиот систем, капитализмот и пазарот никогаш не биле непријатели, напротив, се употребуваа како инструменти за креирање на богатство без неморални социјални разлики. Шведскиот велфер беше пример за великодушност и средство за едно инклузивно општество. Општество кое чинеше пари, но кое функционираше водено врз принципот на протестантската етика, но велфер кој знаеше да биде симбол на еден поширок шведски идентитет. Шведска беше „куќата за целиот народ“, каде зборот данок имаше сосема поинакво значење или во превод - „заедничко богатство“. Социјалдемократијата беше моторот на овој уникатен систем, социјалдемократите беа пионери на амбициозниот реформизам кој, сепак, знаеше што е општествено помирување и прагматизам. Денес, сите поддржувачи на оваа политика или на овој стил на живот се прашуваат каде се згреши, зошто ова се случува?
Испаѓа дека проблемите на Шведска, за разлика од многу други европски земји со националистичка тенденција, не лежат во економијата. Шведска и натаму е најуспешната економија во светот, каде растот и велферот и натаму функционираат. Проблемот е од друга природа и може да го сведеме на две нешта - на имиграцијата и на десничарскиот популизам. Една третина од шведската популација се странци од прва или втора генерација кои, нормално, се натпреваруваат за работа со русокосите домородци. Десницата, како и во многу други земји, ја имаше брилијантната идеја да ги искористи културолошките разлики, бојата на кожата, навиките за оправдување на сите општествени проблеми. Како и секаде, според нив, кој може да е виновен за инклузивните политики освен левицата, која, наводно, ги отворила премногу вратите за странците. Затоа во Шведска и понатаму функционира двојката капитализам-велфер, тоа што не функционира благодарение на десничарите е двојката општество-отвореност. Меѓу поголема отвореност и поголема затвореност, ако на човек му ја ставиш бубачката во глава, секој човек ќе го одбере второто. Но, како да им се објасни на многумина, дека солидарноста е нешто што се стекнува и гради, додека затвореноста и омразата за да завладеат не е потребен труд, потребен е само популизам и лажги за лесни решенија.
Затоа и' велам дека доминира стокхолмскиот синдром на конфузија, каде луѓето стануваат заложници на популистите кои мислат дека со подигнат глас, викање и плашење набрзина ќе ги решат проблемите. Точно е, тој пристап функционира, но функционира на кратки патеки. На долги патеки само го потхранува легитимниот страв кај луѓето, стравот за иднината, стравот од различното, стравот дека не се живее она што е природната традиција на еден народ. Економијата го има својот удел во кризата која се шири во Европа, но проблемот е многу поширок, општествен и социјален, врзан за нашата толеранција и солидарност.
Популизмот го знае тоа, го препознава, зашто тој успева онаму каде се појавува нетолерантност и страв. Ни Шведска не е имуна. Почнувајќи од Финска и нејзините Вистински Финци кои ја егзалтираат „честа на силванските традиции“, преку Данска и нивната Партија на народот, кои повикуваат на кампања против „емигрантската опасност“, до Холандија и Партијата на слободата на антиисламистот Геерт Вилдерс, ниедна земја од северот на Европа не е имуна на новиот националистички популизам. На сите им се виновни странците, муслим��ните, минарињата, странецот како појава и поим. Истото се случува и во фламанскиот дел на Белгија каде веќе доминираат ултранационалистите. Што да кажеме за Франција на Саркози, каде по стариот и проверен рецепт на десничарите, ако политиките почнат да чкрипат веднаш се наоѓа непријател и се ветува дека тој ќе биде уништен. Слично се случува и во Германија, каде во коалиција со Меркел влегуваат и суперконзервативците од рангот на другарот на Груевски, Поселт, кој се бори за правата на протераните Германци по Втората светска војна. Исто е и во Романија со националистите на Голема Романија. Така е и во Унгарија, каде се повеќе расте фашизоидната Јобик.
Национализмот цути во Европа, од Дунав до Скандинавија, насекаде напредуваат малите-големи кретени кои решението го бараат во домашниот или надворешниот непријател, еднаш во некое малцинство, како Циганот или Евреинот, друг пат во соседот или целиот проклет свет.
Но, ниту социјалдемократијата, ни одговорните политичари, ниту Европа во целост, немаат оправдување. Факт е дека со децении не се работи доволно на инклузивните политики, дека се запушти и на теориско и практично ниво напорот за креирање на еден поширок европски идентитет. Не дека целта е да се хомологираат сите култури и сите можни идентитети, но мора повеќе да се работи на толеранцијата, на двојката општество-отвореност, на интеграцијата и на хармонизација на локалните политики со пошироката реалност. Ниту една социјалдемократска или либералдемократска партија нема програма која ќе одговори на овој предизвик. Не секој страв е реален страв, не секоја политика е легитимна политика. Но, на стравот мора да му се даде некаков одговор, инаку тој ќе падне во рацете на популистот. Ете тоа треба да биде една политика која можеби ќе ја извади европска левица од криза. Европа станува се помала, додека стравот и парадоксот на стокхолмскиот синдром се' повеќе растат.
(Авторот е аналитичар) |