Мечките слегоа и во Гостивар
Мечка со две мечиња во потрага по храна се шетала на патеката крај Вардар
Киро Кипроски
Гостивар - Мечките не само што слободно шетаат низ гостиварските села туку деновиве заиграа и во Гостивар. На стотина метри над последните куќи во населбата Дулок, во непосредна близина на здуњскиот мост, рекреативците Русе Ќипроски и Љубомир Јовановски пред некој ден имаа блиска средба со мечка и со две мечиња.
„Здивот ни застана, се скаменивме кога пред нас видовме мечка со две мечиња како пијат вода во браздата“, ни рече Русе Ќипроски. „Слободно се движевме по патеката покрај реката Вардар, која секој ден ја минуваме во попладневните часови и неочекувано се судривме со мечка. Застанавме. Престанавме да зборуваме. Полека го напуштивме местото, а потоа почнавме да трчаме, постојано се вртевме од страв мечката да не тргнала по нас“.
„Мечката ја подигна главата, полукружно ја заврте, ја спушти во браздата и продолжи да пие вода. Ужасно беше“, дополнува Јовановски за невообичената средба.
Аце Јанчевски, секретар на Ловечкото друштво „Сува Гора“ од Гостивар, не' информира дека секојдневно добива поплаки од жителите на гостиварските села за направени штети на посевите и на овоштарниците од мечки. Над триесеттина земјоделци од селата Лакавица, Долно и Горно Јеловце, Орќуше, Печково, Речане и од други селски населби ги пријавиле претрпените штети.
Но, свесни се дека постапката за добивање отштета од државата оди тешко, па затоа и се откажуваат да тужат. Според Јанчевски, мечките слегуваат од планините во потрага по храна.
Зголемениот број мечки се должи поради забраната за лов. Ловџиите не ги убиваат бидејќи казните за отстрел на една мечка се високи. Покрај тоа што треба да ја плати отштета од 18.000 евра, му следува и затворска казна од неколку години. Според гостиварските ловџии, на поширокото подрачје на Гостивар има околу 50 мечки и двојно повеќе мали мечиња.
„Цела нива со домати и со пченка ми ја уништија мечките“, ни вели Јашар Адеми од Горна Бањица. „Не паметам во моите 76 години мечките да доаѓале во Бањичко Поле и да прават пакост“.
„Во горниот дел на селото мечките направија пустош на оревите“, ни вели Крсте Дрецкоски, претседател на Месната заедница на село Печково.
Оштетените земјоделци се на идеја да поведат иницијатива за измена на Законот за заштита на мечките, со отстрел да можат да ги заштитат своите имоти. |