Алонсо „пука“ на титулата по Сингапур
Втората победа во низа го искачи возачот на Ферари на второто место во вкупниот поредок
Фернандо Алонсо од Ферари го задржа ривалот од Ред бул, Себастијан Фетел, од стартот до целта во Сингапур и со својата втора победа во низа изби на второто место во вкупниот поредок на четири трки до крајот на годинашниот шампионат во Формула 1. Луис Хамилтон од Мекларен не ја заврши трката откако се судри со „ред булот“ на Марк Вебер. Токму Австралиецот на крајот стигна до третото место, пред бранителот на титулата Џенсон Батон.
Четвртиот триумф сезонава го доближи Алонсо на само 11 поени до водечката позиција што остана во владение на Вебер пред трките во Јапонија (10 октомври), во Јужна Кореја (24 октомври), во Бразил (7 ноември) и во Абу Даби (14 ноември). Хамилтон сега е трет со девет поени помалку од Шпанецот.
Фактот дека првите петмина на стартот излегоа и од вториот свиок по тој редослед не навестуваше трка исполнета со случувања. Но, еден друг факт велеше дека во Сингапур досега не се случило да не излезе безбедносното возило на патеката, кое и овој пат ги измеша „лончињата“ по третиот круг, кога Витантноио Лиуци беше принуден да го запре болидот на коловозот. Укажаната можност за коцкање ја прифати Ред бул, повикувајќи го Вебер на итна замена на меките гуми со потврди како единствен од возачите на чело на колоната што ги посетија механичарите толку рано.
Напред Алонсо ја чуваше предноста пред Фетел додека возачите на Мекларен почнаа да заостануваат. Новите гуми на Вебер почнаа да му носат прогрес во поредокот, но не толкав каков што нудеа меките, па, сепак, доволно за да го престигне Михаел Шумахер во нападот на осмото место. Во тој момент заостануваше 18 секунди зад Алонсо и се чинеше дека водечката четворка ќе има доволна разлика за да ги замени гумите на своите болиди.
Хамилтон влезе во боксот во 29. круг, Батон еден круг подоцна и обајцата беа стигнати од Вебер. Ред бул го повика Фетел, но Ферари веднаш реагира со пит-стоп на Алонсо во истиот круг, за да му обезбеди останување на чело. Фетел почна да притиска, но безбедносното возило повторно се најде на патеката поради колизијата меѓу Камуи Кобајаши и Бруно Сена. Само што се повлече, Хамилтон го нападна Вебер и речиси го помина, пред возачот на Ред бул да го закачи во задното лево тркало додека обајцата влегуваа во левиот свиок. Вебер беше од внатрешната страна и остана во трката, а поради оштетувањата на болидот Хамилтон мораше да се откаже. Стјуардите најавија истрага за инцидентот, но набрзо решија да не изрекуваат казни.
Пред Вебер Алонсо и Фетел ги разменуваа најбрзите кругови. Разликата остана околу една секунда, но во финишот Фетел буквално му се залепи на Шпанецот, дишејќи му во вратот. Двократниот светски шампион, сепак, не направи грешка и на крајот се радуваше на победата што го промовира во сериозен кандидат за титулата.
Пласман на ГН на Сингапур
1. Фернандо Алонсо (Шпанија) Ферари 1:57:53,579 ч.
2. Себастијан Фетел (Германија) Ред бул +0,293 сек.
3. Марк Вебер (Австралија) Ред бул +29,141 сек.
4. Џенсон Батон (Велика Британија) Мекларен +30,384 сек.
5. Нико Розберг (Германија) Мерцедес +49,394 сек.
6. Рубенс Барикело (Бразил) Вилијамс +56,101 сек.
7. Роберт Кубица (Полска) Рено +1:26,559 мин.
8. Адријан Зутил (Германија) Форс Индија +1:52,416 мин.
9. Нико Хулкенберг (Германија) Вилијамс +1:52,791 мин.
10. Фелипе Маса (Бразил) Ферари +1:53,297 мин.
Пласман на останатите: 11. Петров (Русија/Рено), 12. Алгерсуари (Шпанија/Торо росо), 13. Шумахер (Германија/Мерцедес), 14. Буеми (Швајцарија/Торо росо) и 15. Ди Граси (Бразил/Вирџин). Се откажаа: Ковалаинен (Финска/Лотус), Глок (Германија/Вирџин), Хајдфелд (Германија/Заубер), Хамилтон (В. Британија/Мекларен), Клин (Австрија/Хиспанија), Сена (Бразил/Хиспанија), Кобајаши (Јапонија/Заубер), Трули (Италија/Лотус) и Лиуци (Италија/Форс Индија).
Вкупен поредок, возачи: Вебер 202, Алонсо 191, Хамилтон 182, Фетел 181, Батон 177, Маса 125, Розберг 122, Кубица 114, Зутил 49, Шумахер 46, Барикело 39, Кобајаши 21, Петров 19, Хулкенберг 18, Лиуци 13, Буеми 7, Де ла Роса 6 и Алгерсуари 3.Конструктори: Ред бул 383, Мекларен 359, Ферари 316, Мерцедес 168, Рено 133, Форс Индија 62, Вилијамс 57, Заубер 27 и Торо росо 10.
|