Невреме
Силен дожд ја поплави Струмица
Водата носеше се' пред себе во долниот дел од градот. Големи штети и во Валандово
Струмица - Силен дожд вчера во раните утрински часови ја зафати Струмица и поплави поголем дел од градот. Наврнатите 52 литри дожд на квадратен метар, буквално, носеа се' пред себе и ги полнеа домовите во понискиот дел на градот. Водената стихија предизвика штети и кај главниот цевковод и вчера градот остана без вода.
Поплавени се и стопански објекти, оштетени бандери и автомобили, а наносите ги покрија улиците и оштетија дел од инфраструктурата. Жителите на градот вчера цел ден со пумпи ја исцрпуваа водата од поплавените домови и ги чистеа домовите и дворовите од наносите. Надојдените води, според првичните процени, поплавиле стотина домови во пониските делови на градот.
„Ваква катастрофа не паметиме да се случила во последните години. Поројот никогаш не се наполнил со толку вода, која буквално идеше од сите страни и влегуваше во домовите и достигна висини од околу еден и пол метар. Не знаевме што побрзо да спасуваме, ние или покуќнината. При секој дожд сме поплавени, ама ова што сега ни се случи е досега невидено“, раскажуваа вчера жителите на улиците „Крушевска Република“ и „Младинска“, кои претрпеа најголеми штети од силниот дожд.
По невремето, освен граѓаните, се мобилизира и локалната власт. Формиран е кризен штаб, а Комисијата за процена на штетите од елементарни непогоди излезе на терен. Вчера цел ден се чистеше градот од наносите со целокупната расположлива механизација.
„Сите материјални и човечки ресурси се ставени во функција за санирање на штетите. Ангажирани се десет фирми со дваесет булдожери и дваесет камиони за расчистување на теренот. Дополнително ангажиравме двесте наши граѓани, кои за дневница од 600 денари ќе им помагаат на екипите на комуналното претпријатие. Од 6 часот изутрина сите градски служби и тие од ’Комуналец‘ се на терен и работат на расчистување на последиците од поплавите’, изјави градоначалникот на Струмица, Зоран Заев.
Невремето со силен дожд штети предизвика и во валандовско-гевгелискиот регион. Повеќе куќи и јавни и приватни објекти останаа под вода, а на наносите од надојдените води го прекинаа сообраќајот на патниот правец Валандово - Удово и железничкиот сообраќај Скопје - Гевгелија.
Во Валандово наврнаа дури 85 литри на квадратен метар и таму има поплавени објекти покрај одводниот канал од винарската визба кон новата населба. Оштетени се и патишта и улици во тој регион, потпорен ѕид на тениското игралиште во должина од 15 метри и висина од два метри, а има прекин на сообраќајот поради наноси и истекување на одводниот канал кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Поплавени објекти и подрумски простории има и во населените места Марвинци, Балинци, Брајковци, Пирава и Јосифово. Во Пирава се оштетени дел од улиците и канализационата и водоводната мрежа, поради што има прекин во водоснабдувањето.
Во Валандово и во населените места има и оштетување на моторни возила, механизација и покуќнина од поплавените објекти. За попладнево е свикана вонредна седница на Советот на Општина Валандово.
Министрите за транспорт и врски и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Миле Јанакиески и Љупчо Димовски, вчера попладне беа во посета на поплавените места со цел лично да се запознаат со состојбите. (Е.П.) |