Пресврт во случајот „Изгрев“
Браќата Миладинови излегоа од притвор, се чека одлуката на Апелација дали ќе има ново судење
Ќе има ли ново судење за малверзациите со струшкиот хотел „Изгрев“, ќе се знае деновиве кога Апелација треба да обелодени дали ќе го врати случајот на повторно судење. По петочниот пресврт, кога по бурната седница на Апелациониот суд јавниот обвинител се откажа од жалбите и побара да има ново судење, струшките бизнисмени, браќата Димитар и Ѓорѓи Миладинов, беа пуштени од притвор. Сега сите очи се вперени кон повисокиот суд, кој деновиве треба да пресече дали ќе се укине изречената пресуда, со која на 29 јануари браќата Миладинови беа осудени на 6,5 години затвор поради перење пари, измама со кредит и издавање исправа со лажна содржина.
„Многу лошо се чувствувам. Колку што слушнав, вишото јавно обвинителство рече дека нема обвинение, дека не требало воопшто да се поведе обвинение, дека нема дело. Тоа го тврдевме цело време во одбраната, процесот траеше предолго, нечовечки, нехумано. Не знам што да ви кажам, на 12 квадратни метри. Јас сум изгубен, не знам дали сум во цивилизација“, изјави Димитар Миладинов во петокот вечерта, по излегувањето од затворот „Скопје“, каде што со својот брат поминаа 20 месеци во притвор.
Адвокатот на струшките браќа, Драган Гоџо, одлуката на Апелациониот суд ја оцени како хра��ра и праведна, потенцирајќи дека неговите клиенти неразумно долго биле држени во притвор. „Ретки се ваквите одлуки, меѓутоа, врз основа на вакви одлуки, ние како бранители и граѓаните на Македонија го афирмираме процесот на доверба во правдата и во судството“, изјави Ѓоџо, очекувајќи дека ќе има ново судење.
Пресудата за „Изгрев“ на петочната јавна расправа во Апелација беше напаѓана од сите страни, а најмногу се оспоруваше што не е направено материјално-финансиското вештачење, но и поради неутврдена фактичка состојба за трошењето на кредитите за реконструкцијата на хотелот.
Пред осум месеци, поради скандалот со препродажбите на струшкиот хотел „Изгрев“, браќата Димитар и Георги Миладинови беа осудени на 6,5 години затвор. Адвокатот Димитар Савовски беше осуден на една година затвор, а неговата колешка Анита Бегова на двојно помала казна. На две години затвор беше осуден Димитар Голабовски, сопственик на фирмата „Агора консалтинг“, а една година затвор доби советникот за геодетски работи во Агенцијата за катастар во Струга, Златко Фармакоски. Струшкиот нотар Мерсим Положани беше осуден на три месеци затвор, а со условна казна беше осудена Сузана Блажеска, референтка во струшкиот Катастар. Од секаква одговорност судот ослободи седуммина нотари, судии и стечајни управнички. (Х.Р.) |