Од Велешта до Џепчиште има само еден полицаец
Жителите стравуваат за својата безбедност. Велат дека не се чувствуваат сигурни и оти секојдневно ги напаѓале крадци
Мики Трајковски
Охрид - Од струшко Велешта до дебарско Џепчиште неколку години не функционира ниту една полициска станица. Овдешните жители се жалат дека се оставени сами на себе. Велат дека иако имало полициска станица во селото Луково, таму дежурал само еден полицаец во смена. Нема кој да не' заштити и од се' почестите кражби во овој регион, раскажуваат жителите.
Полиција овде не патролира повеќе од две години, а ретко може да се забележат и граничните полицајци. Додека имаше полициска станица со 15 полицајци, постојано имаше и патроли. Веќе неколку години има само еден полицаец во станицата колку за да ја чува зградата.
„Сега секој може да прави што сака. Воопшто не сме заштитени. Јас имам 65 години и се сеќавам добро дека патролите кружеа нон-стоп, дење и ноќе. Сега нема никој“, вели Цветин Богдановски, жител на Луково. Загрижени сме, пред се', за нашите деца, раскажуваат жителите и бараат помош од државата.
Полициската станица во Луково функционираше до пред две години. „Ова е погранично место и од сите страни може да влезе кој сака. Никој не ја контролира ситуацијата на терен, да види што се случува, дали ни треба помош, дали се краде. Овде се наоѓаат и селата Модрич, Дренок и таму никој не оди“, вели Трендафил Ѓоноски, жител на соседното село Безево.
Дека е потребна полиција говори и фактот што на само неколку километри одовде се наоѓа и државната граница со Албанија. Боро Богданоски од Луково вели оти целата вина лежи во сегашната власт. „Не знам зошто Владата го остави овој крај на милост и на немилост. Ни ја повчече полицијата од Луково, која го покриваше целиот овој регион. Порано овде имаше ��колу 40 полицајци. Денес нема. За време на Југославија зад ридот горе се наоѓаа караулите на тогашната армија, кои го заштитуваа целиот овој простор. Денес нема ниту полиција ниту војска да не' заштитат. Денес не сме сигурни како за нашите светилишта, така и за нашите животи“.
Од МВР признаваат дека бројот на полицајци во овој регион е сведен на минимум. Оттаму рекоа дека полициската станица во Луково сега е преименувана во полициска канцеларија со само еден вработен полицаец на смена. Најавуваат средба со жителите, разговор и евентуална промена на работите во зависност од новата систематизација на полицијата.
Во овој регион на потег од околу 45 километри живеат околу 6.000 жители. Тие најавуваат граѓанска непослушност и блокирање на патот Струга -Дебар доколку не се зголеми обемот на полицајци, односно не профункционира полициската станица.
Маките на жителите од овој регион испливаа на површина со новата територијална поделба кога беше укината општина Луково и присоединета кон Струга. Поранешната општина беше составена од 16 села од каде што поради лошите услови за живот, голем број луѓе се иселија. Според некои процени, дури 20.000 жители. Овде има четири рибници, јагленокоп, хидроцентралата „Глобочица“, како и сепарација за песок. |