Бошкоски во притвор уште 30 дена

Сопартијците на лидерот на ОМ обвинуваат дека тој е изложен на тортура и на понижувања
Љубиша Станковиќ
Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, има право на прошетка во затворот во Шутка, но исклучиво во делот каде што се шетаат затворските кучиња! Сопартијците на Бошкоски вчера обвинија дека продолжува тортурата и понижувањата на кои е подложен тој по приведувањето во затворот „Скопје“. Тие најавуваат дека во скоро време ќе обезбедат материјал и јавноста ќе биде известена за нарачателот, но и за лицата што учествувале во спроведувањето на планот за апсењето на Бошкоски.
Во меѓувреме, Основниот суд Скопје 1 донесе одлука со која му го продолжува притвор на лидерот на ОМ за уште 30 дена. Одлуката била донесена поради постоење опасност од бегство, можно влијание врз сведоци и повторување на делата за кои е осомничен.
Лидерот на Обединети за Македонија веќе еден месец е во притвор, а кривичната истрага не е мрдната од мртва точка. И по еден месец од денот на притворањето на Бошкоски, се' уште не му се презентирани доказите со кои е осомничен за нелегално финансирање на изборната кампања и за злоупотреба на службената положба.
Во понеделникот Бошкоски требаше да биде спроведен во суд за да му бидат презентирани аудио и видеозаписите, но и ова не беше реализирано, бидејќи единствената судница каде што тоа можеше да се направи беше зафатена.
„Јас не знам што да преземам! Едноставно се' и да сакам да предложам нешто до судот, не можам, бидејќи, како што знаете, истрагата се' уште не е започната. Остварив средба со Бошкоски, но и тој нема што да каже. Ако на Бошкоски му беа дадени доказите што го товарат, можеби и самиот ќе ги разгледаше и ќе ги анализираше, а вака ништо! Имам одредени најави од судот дека тој скоро ќе биде спроведен и конечно ќе ги види доказите“, ни изјави неговиот адвокат Донче Наков.
Во моментите додека Кривичниот суд решаваше за притворот на Бошкоски, членот на претседателството на Обединети за Македонија, Наталија Ивчева, одржа прес-конференција на која ја обвини власта дека ги злоупотребува институциите за да реализира сценарија и одмазди.
„Во намера да му се одмаздат на Љубе Бошкоски, му исценираа случај со кој го киднапираа и го однесоа в затвор. Покрај досегашните тортури, најново е тоа што садистичките пориви продолжуваат: Бошкоски има право на прошетка во затворот во Шутка, но исклучиво во делот каде што се шетаат затворските кучиња!“, обвини Ивчева и најави дека тој ќе ги издржи сите понижувања и тортури, но дека „оние што го нарачале сево ова ќе се соочат со казна, која кога-тогаш ќе ги стигне“.
Сопругата на Бошкоски, Виолета, и нивниот постар син Панче, велат дека биле разочарани од последната посета на истражниот затвор кога и покрај уредно добиената дозвола од истражниот судија, биле оставени да чекаат еден час повеќе. И покрај тоа што биле претходно повикани во групата за средба, тие биле вратени без објаснување повторно на капија. „Никој не ни кажуваше што се случува и која е причината. Прво што помислевме беше дека му се слошило на Љубе или има некој друг здравствен проблем“, вели Виолета Бошкоска во изјавата за нашиот весник. Но, дури по нивното упорно настојување да ги слушнат причините за ваквото непотребно малтретирање, неофицијално им било кажано дека, наводно, главниот мотив бил да не се сретнат Љубе и ќерката на Велија Рамковски.
Бошкоски беше уапсен во полициска акција наречена „Кампања“ по наводен обид да прими 100.000 евра. Апсењето се случи на паркингот пред скопскиот ресторан „Воденица“. Полицијата тврдеше дека парите што требало да ги прими Бошкоски планирал да ја плати изборната кампања на ОМ. |