Поглед
И Холандија во Хаг
Димитар Чулев
Каква иронија! Шеснаесет години по масакрот во Сребреница, Ратко Младиќ и државата Холандија се најдоа на истата страна од обвинителната клупа. Првиот, зашто раководел со ликвидацијата на 8.000 муслимани, мажи и момчиња, а второ, бидејќи холандските мировници не само што не ги заштитија туку и ги протераа од нивниот камп осумте илјади споменати, свесни или не дека ги праќаат буквално – на кланица.
Завчерашната пресуда по тужбата на роднини на тројца ликвидирани босански Муслимани, беше шокантна: И за тужителите, кои по 15 години барање правда, веројатно, имаа малку надеж дека можат да добијат таков процес... но пред се', за јавноста во Холандија.
Мировниците од холандскиот контингент (Дачбат) беа одговорни за „безбедносната зона“ на ОН во јули 1995 година кога силите на босанските Срби ја презедоа Сребреница и убија осум илјади. Да биде иронијата поголема, тројцата муслимани, кои ги споменуваат, работеле за Дачбат и холандските војници им ги предале на егзекуторите. Затоа, за овој чин, холандскиот суд пресуди против холандската држава на која и' наложи да плати отшетата на семејствата на убиените „гастарбајтери“ .
И не е страшно сега дека процесот ќе отворел можност семејствата на другите 8.000 да бараат пари од Холандија... Страшна е судски докажаната вина на Холандија.
Токму Холандија беше еден од најгласните што вршеа притисок врз Србија и кои бараа Ратко Младиќ да одговара за масакрот во Сребреница. Со цел да се поништи и најмалиот сомнеж и евентуалната вина на холандските мировници. Во 2008 година истиот суд пресуди дека холандската држава не е одговорна за смртта на вработените Босанци во Дачбат бидејќи мировниците под мандат на ОН. Сега работите се менуваат... |