И во криза, луѓето не се откажуваат од „мерџо“

Во фокусот на потрошувачките апетити се автомобилите од средна класа, но и луксузните не поминуваат лошо
Александрија Стевковска
Економската криза дојде и помина, а интересот на луѓето за купување добра кола остана. Најчесто во фокусот на нивните потрошувачки апетити се автомобилите од средна класа, но и луксузните возила не поминуваат лошо. „Макаутостар“, дистрибутер на возилата „мерцедес-бенц“, во земјава можат да се пофалат со квалитетна понуда на автомобили, но и со добра побарувачка. Првото шестмесечје од годинава нивната продажба е падната за 10 отсто во однос на истиот период лани, но тие веруваат дека пазарот на автомобили се стабилизира и дека доаѓаат подобри денови. Тоа значи дека откако автомобилската индустрија го допре дното во време на најголемиот удар на економската криза, таа почна да се крева на нозе.
„Продажбата на автомобили годинава во однос на лани бележи извесен пад, меѓутоа, може да се каже дека состојбата не е толку критична. Се обидуваме на сите можни начини како компанија да бидеме флексибилни и на нашите купувачи секогаш да им понудиме опција да дојдат до својот автомобил“, вели маркетинг-менаџерот во „Макаутостар“, Владица Кокаловиќ.
Според него, кризата е таа што ги движи напред и ги тера да изнаоѓаат нови решенија за сите проблеми што ги пресретнуваат во од.
„На глобално и на локално ниво секогаш имплементираме начини што значат механизам на флексибилност да се дојде до секој купувач и да се овозможи тој да купи нов автомобил. Тоа значи дека овозможуваме разни пакети на опреми, разни финансиски услови што ќе значат олеснителна околност за секој купувач. Пред се', тоа би значело овозможување да не се купи автомобил, кои натаму би барал дополнителни средства за одржување, туку да се купи возила, кое во наредните 10 години ќе се има како свое и со задоволство ќе се користи“, додава Кокаловиќ.
Тој вели дека банките нудат поволни автомобилски кредити, но од страна на граѓаните нема голема заинтересираност за нив, бидејќи луѓето се плашат дека нема да можат да ги враќаат. За маркетинг-директорот на „Макаутостар“, дискутабилно е дали се продаваат повеќе возила од пониската или повисоката класа. „Главно, во ситуација каде што има влошување на стабилноста на пазарот, поскапите продукти посложено се продаваат, но можам да кажам дека во Македонија не може да се најде некоја средина, бидејќи имаме купувачи и за поскапите и за поевтините возила. Тоа е работа на перцепцијата на самите купувачи. Секогаш има купувачи за секаков вид возила, вклучително и за луксузните“, додава Кокаловиќ.
Инаку, во рамки на меѓународната летна академска школа што се организира во Македонија од страна на Бордот на европски студенти по технологија (БЕСТ) на тема „Лидерство во технолошки иновации“, вчера со поддршка на „Мерцедес-Бенз“ Македонија беше организирана работилница на која учествуваа над 50-ина идни академски граѓани од повеќе европски држави и од Македонија. Расте продажбата на „Мерцедес“ на глобално ниво
На глобално ниво, продажбата на автомобилите „мерцедес“ е зголемена во првата половина од годината за 9,7 отсто на рекордни 610.500 возила, соопшти компанијата „Дајмлер“, сопственик на „Мерцедес“.
За растот на продажбата придонела, пред се', висока побарувачка во Кина, другите пазари во развој и САД.
Продажбата на домашниот германски пазар зголемена е умерено на 123.000 автомобили. Испораките во САД, кои се втор најголем пазар на „Мерцедес“ се зголемени за седум отсто на 111.000 автомобили. Продажбата во Кина е зголемена од 52,3 проценти на 92.000 автомобили, а фирмата планира до 2015 година раст на годишна продажба во таа земја на 300.000 автомобили.
Само во јуни продажбата на „мерцедес“ е зголемена за 6,4 отсто на 120.500 автомобили. Вкупната продажба на автомобилската компанија „Дајмлер“ вклучувајќи ги и возилата од марката „смарт“ зголемена е за 6,5 отсто. „Дајмлер“ соопшти дека рекордна продажба на својата водечка марка „Мерцедес-Бенц“ очекува во текот на целата година. Компанијата планира вкупно да продаде повеќе од 1,3 милиони автомобили „мерцедес“ и „смарт“.
Во првото тримесечје „Дајмлер“ оствари висок раст на профит, главно, благодарение на растот на продажбата надвор од Европа. Чистиот профит е зголемен на 1,18 милијарди евра од минатогодишните 612 милиони евра. Прометот во периодот јануари-март е зголемен за 15 отсто на 24,7 милијарди евра.
|